Голем број луѓе во затворен простор: Споредбено високиот ризик од инфекција со коронавирусот во авионите ги принуди германските авиокомпании да разработат нови идеи - вклучително и обврска за носење на заштитна маска.
Реклама
Германскиот сектор за патнички авионски сообраќај планира да ги натера патниците во авионите да носат заштитни маски поради пандемијата на коронавирусот. „При влегувањето во авионот, за времетраењето на летот и при излегувањето треба да се внимава секој патник да носи заштитна маска“, се вели во предлог-концептот , кој го објавија весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) и новинската агенција ДПА. Тој содржи повеќе од 20 точки и е усогласен од раководствата на германските авиокомпании и аеродромите.
Проверка при чекирањето
„Постои соодветна обврска на патникот да носи со себе носи заштитна маска и да ја кориси“, се вели во една од предложените регулативи. Специјалните мерки „во интерес на здравствената заштита“ треба да стапат во сила уште пред патниците да стигнат до аеродромот. Така тие треба уште при онлајн-чекирањето да потврдат дека се здрави, и посебно дека не се заразени со коронавирусот.
Со цел да се одржуваат пропишаните растојанија, авиокомпаниите и аеродромите планираат да доставуваат повеќе информации и предупредувања преку разгласите на аеродромите, да постават повеќе ознаки, да работат повеќе шалтери за чекирање и да го продолжат времетраењето за влегување и излегување од авионите. „Каде што е можно и целисходно, треба да се одвива и мерење на телесната температура на птниците, со помош на специјални сонди“, стои во документот.
Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Фотографија: Reuters/M. Svitok
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Фотографија: AFP
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Фотографија: picture-lliance/dpa/I. Yefimovich
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/A. Hasaballah
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Фотографија: AFP/L. Robayo
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Venance
9 фотографии1 | 9
Капацитетот на авионите не се намалува
Од друга страна, во него не е вклучена последната сугестија на шефот на компанијата Изиџет, Јохан Лундгрен, да се отстрани средното седиште во секој редовите во авионите кои имаат по три седишта. Ова веднаш ќе го намали просторот за патници достапен во авионот за една третина. Предлозите доставени до германската влада се координирани помеѓу авиокомпаниите и аеродромите на национално ниво. Тие првично би требало да важат за период од шест недели, сугерираат авторите. Постојат слични размислувања и на европско ниво но без конкретни предлози.
Коронавирус: Кои залихи ви се потребни во кризни ситуации
Кризата со коронавирусот доведе до прогласување вонредни состојби во многу земји. Неретки се случаите на панично купување во супермаркетите. Дознајте што ви е потребно во домот во вакви ситуации, и избегнете паника.
Фотографија: Reuters/V. West
Подгответе се за криза
Германската влада во 2016 година изработи нов план за цивилна заштита со листа на неопходни производи кои во меѓувреме се ажурирани. Германците добија препорака да направат залихи на храна за 10 дена и питка вода за пет дена. Идејата е луѓето да имаат се што им е потребно, вклучително готовина и лекови, за да ја надминат кризната состојба.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Доволно течности
Листата со препораки опфаќа и список на залихи за период од 14 дена. Најважната работа на листата е водата- 28 литри по човек за период од 14 дена, или два литри дневно. Луѓето можат да преживеат неколку недели без храна, но без течности само четири дена.
Фотографија: picture alliance/KEYSTONE
Потребни залихи
Германското министерство нуди и онлајн „калкулатор“ со кој можете да пресметате каква храна да имате во резерва. Се препорачуваат 4,9 килограми ориз, леб и тестенини по човек за две недели. Потоа, 5,6 килограми зеленчук по човек, по 3,7 килограми млечни производи, овошје и јатки, и 2 килограми риба и месо. Водете сметка храната да трае и без ладење. По избор, снабдете се и со масло, шекер и сол.
Фотографија: Markus Mainka - Fotolia
Хигиената е витална
Иако храната и водата се клучни во вакви ситуации, хигиената е исто толку важна за превенција од болести. Имајте на располагање доволно сапун, детергент, паста за заби, влажни марамчиња, кеси за смет и тоалетна хартија.
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto
Лекови
Се препорачува да имате снабдено медицинско шкафче доколку се случи да не бидете во состојба да отидете до аптека или болница. Меѓудругото, тоа предвидува комплет за прва помош, неопходни лекови на рецепт, лекови за настинка, против болка, анти-диареа лекови и електролити, како и термометар и средство за дезинфекција.
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel
Доколку снема струја
Не е честа појава, но може да се случи да снема струја на неколку часа или на подолго. Тоа значи дека ќе нема светлина, мобилни телефони и греење. За да се подготвите за таква евентуалност, чувајте во резерва батериска светилка и свеќи, како и кибрит или запалка.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Badawi
Торба за итни ситуации
Создавањето залихи претпоставува дека мора да останете во домот, но некоја кризна ситуација може да ве натера и итно да заминете. Затоа е мудро да се има подготвена патна торба. Германската влада советува во неа да сместите: комплет за прва помош, храна за два дена, најважни лични документи, шише вода, вреќа за спиење, неопходна гардероба и дел од нештата кои беа наведени во претходната листа.