Американските тајни служби го бараат коренот на пандемијата
Сузане Ајкенфондер
27 мај 2021
Од каде се појави коронавирусот навистина? Американскиот претседател Џо Бајден ги задолжи американските тајни служби да трагаат по коренот на пандемијата на коронавирусот.
Реклама
Американскиот претседател Џо Бајден бара спроведување засилена истрага од страна на тајните служби за потеклото на пандемијата на коронавирусот. Службите ќе мора да ги зајакнат своите напори за собирање и анализа на информациите во врска со можна несреќа во лабораторија во Кина и да му поднесат извештај на Бајден, соопшти амерканскиот претседател.
Неговото барање доаѓа по текстот на „Волстрит журнал“ кој ги зајакна претпоставките за несреќа во Институтот за вирологија во Вухан. Весникот во неделата, повикувајќи се на извештај на американските тајни служби, објави дека во ноември 2019 година тројца соработници на институтот во Вухан се разболеле толку тешко, што морале да побараат лекарска помош во клиника. Кина за првите случаи на инфекција со коронавирус јави на крајот на 2019 година.
Бајден сега објаснува дека уште во март побарал извештај од тајните служби - дали избивањето на пандемијата се должи на пренесување на вирусот од животно на човек, или се должи на лабораториска несреќа. Извештајот му бил поднесен во мај. Меѓутоа, тајните служби не се единствени околу прашањето - кое сценарио е поверојатно.
Истовремено, американскиот претседател ја повика владата во Пекинг на поголема транспарентност: „САД и натаму ќе соработуваат со партнери истомисленици за да се врши притисок врз Кина за целосна, транспарентна меѓународна истрага, базирана врз факти и за да се обезбеди пристап до сите релевантни податоци и докази“, рече Бајден.
Веќе непосредно по почетокот на пандемијата се шпекулираше околу тоа дали вирусот можел да „избега“ при несреќа во институтот во Вухан во којшто се истражуваат коронавируси. Кинеската влада тоа енергично го демантираше.
Во март, тим меѓународни експерти, по налог на Светската здравствена организација, оцени дека е „екстремно неверојатно“ вирусот да „избегал“ од лабораторија по грешка. Поради тоа, тие не ја следеа ваквата трага натаму. Тие сметаат дека е „веројатно до многу веројатно“ вирусот САРС-КоВ-2 од лилјак преку „животно домаќин“ да се пренесол врз човекот. По ваквиот извештај веднаш се појавија сомнежи во него, а шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус побара и натаму да се истражува хипотезата за лабораториска несреќа во Вухан. Многу држави изразија загриженост дека на експертите не им бил дозволен пристап до податоци за време на истрагата во Вухан.
Вухан: Една година по избувнувањето на пандемијата
На крајот на 2019 се појавија првите извештаи а на почетокот на 2020 кинескиот град Вухан стана озлогласен како прво жариште на коронавирусот во светот. Како е сега таму, една година потоа?
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Рамо до рамо на преполните пазари
Вухан беше во карантин околу 11 недели откако стана првото глобално жариште на коронавирусот. До средината на мај 50.000 од 80.000 од официјалните случаи на заразата во Кина беа во Вухан. Но, сега животот речиси е вратен во „нормала“ на преполните улични пазари во градот.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Танцување на улиците
За време на карантинот, на жителите не им беше дозволено ниту да ги напуштат своите домови. Сега, тие дури можат да танцуваат заедно во парковите. Според новинската агенција Ројтерс, таму веќе со месеци нема локално пренесување на вирусот.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Нулта точка на коронавирусот?
Зеленчук, риба и месо - дури и диви животни - сето тоа се продаваше на овој покриен пазар. Но, тој ги затвори портите на 1 јануари 2020 година, откако започна да се шири мистериозното заболување на белите дробови и неговото потекло беше пронајдено на пазарот. Научниците сè уште не ја утврдија точната улога на пазарот во ширењето на вирусот, ако воопшто имаше улога.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Celis
Егзистенцијата на рестораните е изложена на ризик
Пред пандемијата, Лаи Јун поголемиот дел од производите за неговиот јапонски ресторан ги купувал во покриениот пазар. „Ги испраќав децата на училиште, појадував, а потоа одев на пазар“, вели 38-годишникот. Од повторното отворање во јуни, тој морал да оди на друго место - а некои од состојките сега чинат петпати повеќе. „Наша цел за наредната година е едноставно да преживееме“, вели тој за ДВ.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Нема повеќе свежа стока
Иако пазарот на приземјето сè уште е затворен, вториот кат е повторно отворен. Но, поголемиот дел од продавниците продаваат очила и други специјализирани производи за оптичари. „Некои луѓе можеби имаат чудно чувство, но сега е само празна зграда“, вели за ДВ една од продавачките, која не сакаше да го каже своето име.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Продавачите се префлија на улиците
Од затворањето на пазарот, некои луѓе почнаа да продаваат месо и друга свежа стока на улиците. Дури и ако продавачите носат маски и ракавици, некои велат дека условите не се во согласност со одредени хигиенски стандарди. Во екот на пандемијата на коронавирусот покриениот пазар беше критикуван поради лошите здравствени и санитарни прописи.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Кловн без маска- заштитна
Повеќето жители на Вухан носат маски на јавни места, особено затоа што коронавирусот не е исчезнати имала одреден број нови случаи на други места во Кина. „Многу луѓе почнаа да складираат маски, средства за дезинфекција и друга заштитна опрема“, изјави за ДВ, 29-годишниот учител по англиски јазик Јен.