1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Британскиот сој на вирусот стигнал пред Нова година

ДТЗ /ДВ
27 јануари 2021

Британскиот сој на коронавирусот цел месец е во С.Македонија. Бил откриен кај 46-годишен маж од Скопје кој тврди дека не патувал надвор од земјата

BdT Berlin Untersuchungen zum Coronavirus in der Charite
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Gateau

Британскиот сој на коронавирусот, од кој стравува светот поради неговото брзо ширење, пристигна и во Северна Македонија. Мутацијата била присутна веќе еден месец, а откриена е сега, при анализи во приватната лабораторија на клиниката Жан Митрев во Скопје. Заразен бил 46-годишен маж, кој е веќе оздравен, информира министерот за здравство Венко Филипче. Вирусот бил детектиран во болницата при анализа на примероци од јануари. Во епидемиолошката анкета пациентот не пријавил контакти, ниту пак навел дека патувал во странство.

Мутацијата пристигнала пред Нова година

Британскиот сој на коронавирусот пристигнал во земјава уште пред Нова година. Според Институтот за јавно здравје, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест. Тестот бил со позитивен резултат. По неколку дена се јавил на преглед во приватната болница Жан Митрев, каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, по што тој бил хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен. Од 22 јануари тој се води како оздравен.

-повеќе на темата: Низ С.Македонија „шетаат“ 20 мутации на коронавирусот

„Лабораторијата во Жан Митрев утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2“, информираше министерот за здравство на Фејсбук.

-повеќе на темата: Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?

Пред неколку дена беа објавени анализите од лабораторијата на МАНУ, кои покажаа дека во Северна Македонија се присутни 20-тина мутации на вирусот, но не беше утврдено присуство и на најзаразниот - британски сој.  Министерството за здравство пред неколку дена информираше дека од почетокот на пандемијата досега биле анализирани близу 180 вирусни геноми при што е утврдено присуство на 20-ина соеви на вирусот.   
Соевите се изолирани од пациенти од различни градови од државата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75% од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија итн) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти.

Новиот вид на ковид навлезе во 60 земји

Новиот сој на коронавирусот најпрво беше откриен во Велика Британија, по што молскавично почна да се шири низ Европа. Здравствените власти уверуваат дека вакцините против Ковид-19 се ефикасни и против мутациите. Новиот сој беше откриен во Шведска, Франција, Германија и Шпанија, но и во Хрватска, Словенија и во Србија.

-повеќе на темата: Европа се изолира од Велика Британија поради новата варијанта на коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека новиот вид на коронавирус, кој прв пат беше забележан во Велика Британија, продолжува да се шири и во минатата недела бил присутен во 60 земји и територии. Тоа е за 10 земји повеќе отколку на 12 јануари, наведува СЗО во својот неделен епидемиолошки преглед. Варијантата на коронавирусот од Јужна Африка, која како и британската е повеќе заразна од оригиналниот SARS-CoV-2, се шири побавно и засега е присутна во 23 земји и територии, што е за три повеќе во однос на 12 јануари. СЗО соопшти дека го следи и ширењето на две други варијанти вирус, кои се појавија во Бразил, а потоа се забележани и во Јапонија кај 4 патници од Бразил.

Вакцинирање во три фази

Владата го усвои планот за вакцинација против Ковид-19. Вакцинирањето ќе се одвива во три фази, а целата операција ќе се конкретизира со пристигнувањето на вакцините.„Фазите ќе бидат во согласност и во зависност од пристигнувањето на вакцините и различните приоритетни групи за вакцинација. Три групи се приоритетни со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување и компликации и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура“, информираше на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Во меѓувреме, Владата ги чека вакцините од Фајзер и преку Ковакс механизмот, но и ја разгледува можноста за набавка и на кинески вакцини. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми