1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирус: Направен од човек и од лабораторија?

Кристофер Неринг
6 мај 2020

Сензационалистички вести за сознанија на тајни служби за коронавирусот кружат со денови. Какви се теориите на заговор и што велат новите документи од тајните служби?

Bio-Sicherheitslabor in Wuhan, China
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Y. Gang

Во еден извештај на алијансата на тајните служби од пет големи држави од англиското говорно подрачје (САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд) се зборува за непознат вирус од лилјаци од Кина, кој се истражувал во лабораторија во Вухан. Овој извештај „на рака“ го доби австралискиот дневен весник „Дејли Телеграф“. Од моментот на неговото објавување се множат информациите за „вирус направен од човекот во лабораторија во Вухан“. Освен тоа, се зборува и дека светот загубил драгоцено време во борбата против вирусот поради тоа што Кина наводно криела информации - обвинувања од ваков тип дојдоа не само од американскиот претседател Доналд Трамп, туку и од германскиот булеварски печат. Значи, гигантски скандал?

Повеќе: Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?

Нови тонови од САД

Прво најважното: коронавирусот не е произведен вештачки од човекот и не е раширен плански. За бесмислици од ваков тип, со кои теоретичарите на заговор ги подгреваат и сличните неосновани ставови околу потеклото на вирусот кој предизвикува сида од 1980-те, нема докази никаде, не само во извештајот на тајните служби. Координаторот на американските тајни служби, под кого се сите 17 тајни служби во земјата, излезе со соопштение во кое јасно се вели: исто како мнозинството научници и американските тајни служби немаат никаква причина да веруваат дека коронавирусот е создаден од човек или дека е генетски модифициран (https://www.dni.gov/index.php/newsroom/press-releases/item/2112-intelligence-community-statement-on-origins-of-covid-19).

Ричард Гренел, американски амбасадор во Берлин и нов координатор на тајните служби во САДФотографија: picture-alliance/AA/M. Miskov

Истовремено, американските тајни служби и натаму го истражуваат прашањето дали вирусот бил пренесен врз луѓето од животни, или „излегол“ при некаква несреќа во лабораторија во Вухан.

Со ваквото соопштение за печат на американскиот амбасадор во Берлин и нов координатор на тајните служби во САД, Ричард Гренел, кој инаку не е познат по дипломатски тонови, американските тајни служби прават речиси сензационален исклучок од правилото - да не се коментираат актуелни настани.

Повеќе: 

Трамп тврди дека видел докази за потеклото на коронавирусот

Коронавирусот и тајните служби

Не се работи за таен проект

Само неколку денови по ваквото официјално соопштение, следуваше текст во австралискиот „Сатрдеј Телеграф“. И во него, во извештај кој најверојатно потекнува од австралиската тајна служба АСИС, нема докази дека корона-пандемијата е дело на човекот.

Без сомневање најинтересниот, но досега запоставен аспект на извештајот на австралиската тајна служба, се информациите за истражувањето на коронавирусите. Според „Сатрдеј Телеграф“, кинески тим околу вилорогот д-р Ши Женгли, директорка на Центарот за инфективни болести на Институтот за вирологија во Вухан, веќе 15 години ги истражува коронавирусите од лилјаците. Такви вируси има околу 5.000 видови, од кои д-р Ши има истражено најмалку 500. Но, тоа во никој случај не бил кинески таен проект. Тимот, на пример, соработувал со лабораторијата за здравје на животните „Commonwealth Scientific and Industrial Research Organisation CSIRO“ во Австралија. Доктор Ши лично, како и нејзиниот соработник Пенг Жу, таму поминале повеќе години. Друг партнер бил Универзитетот на Северна Каролина, САД.

Коронавирусите се истражуваат одамнаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Ujetto

Цел на истражувањето била да се изолираат вирусите кои се појавуваат во лилјаците и да се истражи нивната преносливост врз човекот. Во ноември 2015 година, значи речиси точно четири години пред избивањето на актуелната пандемија, студија на д-р Ши, направена во соработка со Универзитетот на Северна Каролина, дојде до заклучок дека вируси слични на САРС би можеле да скокнат директно од лилјак врз човек и дека нема лек против тоа. Во 2019 година нејзината втора студија дојде до заклучок: „Многу е веројатно дека идни корнавируси, слични на САРС или МЕРС, може да излезат од лилјаци и дека постои зголемена веројатност тоа да се случи во Кина.“

ПовеќеСмртта на докторот-свиркач ја крена на нозе кинеската јавност

Отфрлање на шпекулациите

Притоа, научниците и експлицитно го наведуваат високиот ризик од нивните истражувања во случај да дојде до несреќа и вирусите да „избегаат“. Еден од тие ризици се безбедносните стандарди во лабораториите. На пример, се појавија извештаи на американски дипломати во Кина, кои во декември 2019 година зборуваа за, досега непотврдени, безбедносни пропусти во лабораторијата во Вухан.

Извештајот на австралиската тајна служба, значи, ги демантира шпекулациите и неоснованите обвинувања. Затоа и став на австралиската влада е дека вирусот со 95-процентна сигурност потекнува од пазар во Вухан. Но, останува мал, 5-процентен ризик, вирусот можеби да „избегал“ ненамерно при несреќа во текот на истражувањата. Со такви заклучоци, кои се покриени и со соопштението на американските тајни служби, Австралијците многу се разликуваат од владата на Трамп. Американскиот министер за надворешни работи (и екс шеф на ЦИА) Мајк Помпео пред само неколку дена зборуваше за „енормни докази за потекло од лабораторија во Вухан“.

Коронавирус: Каде е Чен Кјуши?

01:33

This browser does not support the video element.

Но, друг дел на извештајот на австралиската тајна служба е скокотлив. АСИС со јасни зборови на 15-страници опишува како Кина уништила и премолчувала информации и итно неопходни проби за избивањето на коронавирусот во декември. Особено тежок е случајот на Хуанг Јан Линг, соработничка во истражувачката лабораторија во Вухан. По првите кинески соопштенија за печат, се претпоставуваше дека таа е првиот корона-случај („пациент нула“). Непосредно потоа таа исчезна, нејзината онлајн-биографија беше избришана и до денес од неа нема ниту трага. Исто така, голем број лекари во Вухан во јануари, под обвинение за „ширење гласини“, биле уапсени поради тоа што зборувале за избивањето на ново вирусно заболување.

Владата во Пекинг нареди и бришење од онлајн-пребарувачите на поими како „SARS variation", „Wuhan seafood market” и „Wuhan unknown pneumonia“. Јасен знак за цензура со која комунистичкиот режим се обиде да ги контролира сите информации за избивањето на пандемијата.

Најтешко, сепак, е обвинувањето дека Кина уште во декември знаела дека вирусот се пренесува од човек на човек, но тоа прво го негирала и дури на 20 јануари 2020 година ја информирала Светската здравствена организација.

Вухан беше ставен во карантин во јануари годинаваФотографија: Reuters/Instagram/Emilia

Негирање, апсење и цензурирање се типични рефлекси со кои диктаторски режими реагираат на непредвидливи кризи. Болестите, природните катастрофи или несреќите претставуваат голема опасност за монополот на моќта во диктатурите, кој и онака е постојано соочен со предизвици. Кризи од ваков вид ги вадат на површина проблемите и нерегуларностите кои постојат со години. Комунистичката партија, сеедно дали во СССР по несреќата во Чернобил во 1986 -та, или во Кина во 2020-та, тоа не може и не сака да го ризикува. И тогаш и денес - со смртни последици.

Повеќе:Корона-вирусот е опасен за кинескиот државен апарат

Извештаите на тајните служба од Австралија и од САД меѓутоа покажуваат и дека не може на Кина да и‘ се припише целата одговорност за размерот на пандемијата. Факт е дека истражувачките сознанија за коронавирусите и опасноста од нив беа јавно познати со години. Пред повеќе години имаше и вежби за однесување во случај на катастрофи со слични сценарија. Во Германија во 2012 година е направена анализа на ризик за сценарио како што е пандемија на вирус. Резултат: недоволна подготвеност, недоволно капацитети и материјали, како и планови за спречување на ширењето на пандемијата. И, уште повеќе: на крајот на јануари - се чини како оттогаш да минало долго, долго време - нити една влада во Европа или САД не посегнаа по сериозни мерки. Дури откако во Италија стана видлив целиот смртоносен обем на пандемијата, дојде до брзи нервозни мерки, кои некогаш се носеа дури и на секој час. Оправдани се сомневањата дека дури и ако информативната политика на Кина во декември минатата година беше поинаква и со тоа се добиеше еден месец, тоа ќе направеше некаква вистинска разлика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми