Коронавирус: Најтешка рецесија во повоена Германија
СН/агенции
29 април 2020
Германската влада сега само ги потврди мрачните прогнози на економските експерти. Најмоќната економија во Европа во 2020 година поради корона-кризата ја очекува најтешката рецесија по Втората Светска Војна.
Реклама
Германската влада годинава поради коронавирусот ја очекува најлошата рецесија во повоеното време со пад на Брутодомашниот производ (БДП) од 6,3 отсто, изјави денеска министерот за економија Петер Алтмајер. Оваа проекција која се потпира на постапно и умерено укинување на рестриктивните мерки воведени да се ограиничи ширењето на пандемијата предвидува опоравување на економијата во 2021 година со економски раст од 5,2 насто.
„Ќе ја преживееме најлошата рецесија во историјата на Сојузна Република Германија. По 10 години раст, последиците од пандемијата ја фрлија нашата економија во рецесија и претставуваат голем економски и политички предизвик“, изјави Алтмајер. Тој најави дека најголем пад економијата ќе има во второто тромесечие, пред, како што се надева, да дојде до повторно придвижување на економската активност.
Да се избегне нов раст на инфекциите
Во второто тромесечие се очекува пад на БДП во Германија од 10 отсто што се нема случено во поновата историја, покажуваат заедничките проекции на водечките економски институти објавени на почетокот на април. Покрај тоа, пазарот на труд е под силен притисок, рече министерот и додаде дека најмалку 3 милиони луѓе во март и во април биле привремено невработени. Се очекува раст на стапката на невработеност од 5,8 насто, рече Алтмајер.
Германија од минатата недела започна со постепено ублажување на рестриктивните мерки воведено поради ширење на коронавирусот, со отворање на продавниците со површина до 800 квадратни метри. Министерот предупреди дека не смее да се ризикува втор раст на инфекциите и оти мора да се избегне ново неконтролирано ширење на болеста.
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.
Фотографија: picture-alliance/B. Kammerer
7 фотографии1 | 7
Трка во издржливост
Тој го поддржува дополнителното ублажување на мерките ако податоците го дозволат тоа. „Тоа е трка во издржливост и не смееме да го загрозиме досегашниот успех“, истакна Алтмајер. Извозната индустрија, столбот на германската економија, особено е погодена со кризата, поради која значително е забавена трговската размена. Владата очекува намалување на извозот од 11,6 отсто во 2020 година, а потоа подобрување и раст од 7,6 насто во 2021 година. Увозотот пак ќе падне за 8,2 отсто годинава, а наредната година се очекува негов раст од 6,5 насто. Нивото на трговска размена од 2019 година нема да се достигне пред 2022 година.
Германскиот парламент веќе на крајот на март усвои пакет економска помош од речиси 1.100 милијарди евра за да ја поддржина економијата да ја преброди кризата.
Пандемијата на коронавирус влегува во музеј
Без оглед што последиците на кризата уште не се конечни, коронавирусот уште сега пишува историја. Затоа музеите веќе собираат корона-експонати за своите изложби
Фотографија: Corona-Kris
Нова порака за светот
„Остани дома“, гласи пораката на овој знак, а таа во меѓувреме е универзална за цел свет. За идните генерации да можат да се потсетат на посебните услови за време на пандемијата на коронавирус, насекаде мали и големи музеи упатија повик до граѓаните да сочуваат вакви објекти и да им ги предадат. На таков начин Фихтелгебирг музејот во Вунзидел стигна до овој експонат.
Фотографија: Fichtelgebirgsmuseum
Корона-отпад
Насекаде низ градовите лежат невнимателно расфрлени гумени ракавици за една употреба, кои сега се носат при купување во супермаркет. Со корона пандемијата расте потрошувачката на пластика и пластичен отпад. Во продавниците повторно повеќе се трошат предмети за една употреба. Кафе не може да се пие во кафуле, туку во пластични чаши за по пат.
Фотографија: Corona-Kris
Ново заедништво
„Остани здрав“ - на ваков начин сега завршуваат телефонските разговори или вака гласи поздравот на крајот на некој имеил. Се чини како пандемијата на коронавирус да создаде нов свет на солидарност и сочувство. Засилено е заедништвото и луѓето повторно пројавуваат поголема грижа за ближните.
Фотографија: Corona-Kris
Празни плоштади и улици
Во градовите веќе нема навала на туристи. И на плоштадот Марија во Минхен владее празнина. Градскиот музеј на Минхен му дал налог на фотографот Олаф Бекер да ја фотографира оваа вонредна состојба. Неговите фотографии се „изложени“ на веб страницата на музејот.
Фотографија: Olaf Otto Becker
Корона-тестови наместо вртелешки
Низ цела Германија настануваат вакви „драјв-ин-станици“. Така е и во Минхен, на локацијата каде инаку се подигаат шаторите за Октоберфест. Постапката наликува на онаа во ресторани за брза храна, со мала разлика - наместо да добие сендвич со плескавица, возачот ја отвора устата за лекар во заштитна облека да му земе брис.
Фотографија: Olaf Otto Becker
Обезбедена потребна дистанца
Пандемијата на коронавирус насекаде предизвикува несигурност, но и креативен потенцијал. Со оваа конструкција за држење минимално потребно растојание од сопствено производство, која во иднина ќе биде дел од збирката во Виенскиот музеј, нема утнување и ефикасно се спречува инфекција.
Фотографија: Wien Museum/Peter Feermann & Esther Zahel
Коронавирус како играчка
Директорот на Виенскиот музеј, Мати Бенцл особено се радува на добивањето на овој рачно изработен исплетен примерок на Ковид-19 кој ќе има свое место во една од изложбените витрини. Плетената играчка покажува дека ние не само што знаеме како изгледа вирусот, туку и на каков начин да се обидеме да ја намалиме опасноста од него во нашата свест.
Фотографија: Wien Museum/Monika Österreicher,
Носење маска како задолжителен додаток
Новата корона-реалност се одликува не само со ваква индустриски произведена заштитна маска, каква што носи австрискиот канцелар Себастијан Курц, туку и многу други. Од причина што недостигаат медицински заштитни маски, во меѓувреме и модните куќи шијат маски од скапи материјали.