Коронавирус: Откриени се нови симптоми на заболувањето
БГ
19 март 2020
Професорот Хендрик Штрек, раководител на Институтот за вирологија на Универзитетската клиника во Бон, открил нови симптоми на заразата со Ковид-19. Претпоставува дека тие се случуваат во напредната фаза од болеста.
Реклама
Неколкудневно губење на чувството за мирис и вкус е констатирано кај дел од пациентите во Германија кои биле заразени со новиот коронавирус, вели професорот Штрек, кој тестирал најголем број пациенти заразени од коронавирусот во Германија. Засега, не може со точност да се утврди кога се манифестираат тие симптоми.
„Претпоставуваме дека тоа се случува во напредната фаза од болеста“, вели Штрек во интервју за весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Кај 91 отсто од пациентите тестирани во Кина симптомите биле благи и лесни, придружени со сува кашлица и евентуално треска. Дополнително, кај 30 отсто од германските пациенти е забележана и диареа, што е повисок процент одошто во Кина.
Вирологот објаснува дека една заразена мајка дури не можела да го почувствува мирисот на преполната пелена на нејзиното бебе, а кај други - храната им била целосно без вкус.
Ова се симптомите кои досега се сметаа за карактеристични за Ковид-19:
Новиот вирус е помалку опасен од Сарс, но се реплицира уште во горниот дел на дишниот тракт, што го прави многу позаразен. Карактеристика на Сарс беше репликацијата длабоко во белите дробови, што го прави помалку заразен, но далеку поопасен.
Штрек објаснува дека во Италија биле тестирани само случаите со тешки симптоми - околу 9 отсто. Притоа, биле тестирани и веќе починати. Таму, според него, бројот на заразени е далеку повисок од прикажаните бројки. Во Германија, на пример, се тестираат и пациенти кои имаат благо гребење во грло, додека такво нешто во Италија не се прави.
И во Кина смртните случаи на почетокот брзо растеа во однос на бројот на заразените, бидејќи биле тестирани мртви. Притоа, повикувајќи се на студијата и од кинескиот Шенжен, Штрек заклучува дека децата се заразуваат од вирусот исто толку колку и возрасните, но тие развиваат само лесни, или дури и никакви симптоми.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.