1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Панично купување во германските маркети

1 март 2020

Иако властите упорно предупредуваат од хистерија поради коронавирусот, некои супермаркети пријавуваат дека муштериите натрупуваат резерви. Бројот на заболени денеска се удвои на 129 случаи.

Deutschland Sonsbeck, NRW | Coronavirus | Leeres Regal in Supermarkt
Празни рафтови во маркет во покраината Северна Рајна ВестфалијаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Stoffel

Германците полека сфаќаат дека и тие, како и 50 други држави во светот, наскоро можат да бидат соочени со епидемија на коронавирус. Болеста веќе е главна тема во земјата, а зачестени се и случаите на граѓани кои трупаат залихи на храна стравувајќи од карантин.
Во петокот, портпаролка на маркетите Реве, за ДВ изјави дека иако на почетокот на неделата не регистрирале паника, сепак состојбата набрзо се сменила.
„Забележавме засилено купување на замрзната и храна во конзерви низ целата земја и моравме и ние да се адаптираме“, вели Кристина Шулц од Реве.
И во дисконтот Лидл бил забележан истиот тренд. Оттаму велат дека Германците најмногу купуваат храна во конзерви, паста, како и тоалетна хартија и средства за дезинфекција.

Што препорачуваат надлежните?

Пред четири години, Сојузната служба за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК) објави листа на долготрајна храна која ја препорачува за складирање во случај на криза. Од ББК му препорачаа на населението за такви случаи да се складираат храна и пијалоци за околу десет дена.
Попрецизно, листата на ББК наведуваше дека на едно лице му се потребни 14 литри течност за една недела, и се препорачуваше складирање на минерална вода и сок од портокал. Притоа, се предупредуваше да не се купува панично, односно да се купува само она што едно семејство секако го конзумира. Меѓу препораките беше и онаа да се складира само храна која има долг рок на траење без потреба од ладење.

Залихи со храна на семејство во Баварија.Фотографија: Imago Images/MiS

Без паника

Иако многу аналитичари во Германија се согласни дека листата е корисна, тие истовремено предупредуваат од ширење хистерија. Досега, во Германија се потврдени 129 случаи на коронавирус, од кои 16 веќе се опоравија, и нема ниту еден смртен случај. Повеќе од половината од случаите се во покраината Северна Рајна Вестфалија. Затоа и германското Здружение на новинари ги повика медиумите да не шират страв. „На луѓето им се потребни јасни информации како и совети“, вели првиот човек на здружението Франк Иберал.
Тој ги повика новинарите да го почитуваат Новинарскиот кодекс и да „избегнуваат сензационалистички тонови кога известуваат за медицински случаи, затоа што тоа ги зголемува неоснованите стравови и надежи“.
„Ширењето страв и хистерија е некомпатибилно со одговорното новинарство“, се наведува во Кодексот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми