1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Северна Македонија во европскиот и светски врв

БГ
30 јуни 2020

Бројките на новозаразени од Ковид-19 во текот на месец јуни ја ставаат Северна Македонија во редот на најтешко погодените земји во светски рамки од пандемијата- и според регистрираните случаи, но и во однос на смртноста.

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денешните 126 нови случаи на заразени од коронавирус само го потврдија трендот кој започна на почетокот на месецов и траеше, речиси непрекинато, сите 30 дена од јуни. Според бројот на случаи на 100,000 жители од почетокот на месецов, Северна Македонија е на петто место во Европа, и на 15 место во светски рамки.

Здравствените власти денеска повторно регистрираа најголем број случаи во главниот град Скопје-66, а следуваат Тетово-19 и Штип со 15 новозаразени од коронавирус. Починале четири лица, а 48 оздравеле.

Податоците на Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) покажуваат дека повисок тренд на нови заболувања од опасниот вирус на европско тло имале само Ерменија, Шведска, Белорусија и Молдавија. Просечната стапка на заразени на 100,000 жители во Ерменија во јуни е 547, во Шведска- 298, во Белорусија 212, во Молдавија- 204, и во Северна Македонија- 195. Со просечна стапка на смртност од вирусот од 8 починати на 100,000 жители, Северна Македонија котира уште повисоко на европско ниво- на трето место- веднаш зад Ерменија и Шведска каде таа стапка е 10, односно 9.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека најголема причина за смртноста кај заболените пациенти е заради тоа што доцна се јавуваат на болничко лекување и дури 50% од смртните случаи се по првите неколку денови од приемот во болница. Тој ги повика граѓаните да реагираат и на најмало влошување на состојбата, и веднаш да се јават на клиника.

Во светски рамки, апсолутен „шампион“ е Катар каде во јуни годинава биле регистрирани 1,400 случаи на новозаразени на 100,000 жители. Но во азиската држава стапката на смртност е нешто над 2. Чиле и Бахраин бележат стапки на зараза од околу 950 луѓе на 100,000, додека под нив се Оман и Ерменија со над 500. Северна Македонија на светската ранг листа е на 15 место.

Епидемиолозите во земјата долго предупредуваат до граѓаните строго да се придржуваат до мерките за превенција и заштита од коронавирусот.
Последните недели генерално расте бројот на новозаразени во целиот регион, а причините најчесто се бараат во недоволната заштита и неколку големи манифестации кои беа организирани во повеќе земји, а особено во соседна Србија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми