Засукајте ги ракавите и работете: Под новото државно раководство, предностите на оваа прагматична девиза покажуваат резултати во САД кога станува збор за справувањето со корона-кризата, за разлика од ЕУ, смета Инес Пол.
Реклама
Девет месеци не сум била во Германија. На почетокот на летото 2020 година, тргнав да известувам за изборите во САД за Дојче Веле. Не беа малку оние, кои не можеа да разберат зошто сакав доброволно да се преселам во оваа земја каде што демократски беше избран претседател кој ја градеше својата политичка моќ од лаги и од омраза.
Корона-кризата веќе беше во полн ек во тоа време. И додека во Америка бесниот човек во Белата куќа ја негираше смртната опасност од вирусот наспроти сите експертизи, Германија се чинеше дека е во најдобри раце. Канцеларка со образование од природните науки која со лесна нога и со наводно докажана компетентност се движеше низ џунглата од непрегледни бројки на инфекции, инциденции создаде доверба кај поголемиот дел од населението.
На работ на нервен слом
Колку е поинаква ситуацијата сега. Од визни причини при посета дома, бев дел од групата сограѓани, на работ на нервен слом две недели. И не, навистина не разбирам зошто Германија дури сега почнува да ги вакцинира наставниците.
Исто така, не разбирам дека училиштата се отвораат и затвораат, а родителите често дознаваат дури навечер во 21 часот и 23 минути преку електронска пошта од тотално изнервирани наставници дали утре ќе има часови на масата во кујната или дали нивната ќерка ќе смее да оди три часа на училиште.
Не разбирам се сфаќа здраво за готово тоа што семејствата се во опасност да се распаднат или веќе се распаднати затоа што товарот е едноставно преголем во нашата земја, каде, со години во владините програми на големо се пишува за поддршка на семејствата.
Вечно тргни-застани
Не разбирам зошто на општите лекари кои уживаат огромен доверба кај своите пациенти и ги знаат нивните болнички картони не им е дозволено едноставно да вакцинираат. Значи и во овој случај повторно имаме тргни-застани, што пред сè ја зголемува нервозата.
Во моментот на оваа смртоносна глобална криза, станува јасно каде лежат големите предности на прагматичниот пристап кон животот на американското население. Откако Џо Бајден борбата против пандемијата ја постави како свој главен приоритет, во оваа земја има полет за кој Германија само може да сонува.
Вакцинации се вршат дури и во супермаркетите, а доколку луѓето не се појават или се откажат, на ред се сите оние што ќе се пријават претходно. Без каков било сертификат за предност во вакцинацијата.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Не знам дали ја знаете поговорката: Кажете што мислите за САД и јас ќе ви кажам кои сте. Особено за многу Германци, САД сè уште се проекциско платно или на слепо воодушевување или на длабок презир. Овие крајности не се праведни погледи кон разноликоста на оваа земја.
Во овие времиња, вреди да се упати трезвен поглед кон САД, со волја за наравоучение. Многу луѓе таму моментално дејствуваат според мотото „засукај ги ракавите и работи“. Доблест што долго време им се припишуваше на Германците, но се чини дека беше изгубена во „ситите“ години.