Што сака да постигне Австрија со масовното тестирање?
СН/агенции
4 декември 2020
Со масовните тестови, Австрија првенствено сака да ги открие заразените со коронавирусот кои немаат никакви симптоми. Но, широката покриеност и брзината на резултатите носат со себе и замки.
Реклама
Австрија денеска започна со доброволно масовно тестирање на населението на коронавирусот во надеж дека така ќе спречи ново, долго и тешко затворање на земјата.
Тестирањето со брзи антигенски тестови започна денеска во Виена и во најзападните покраини Ворарлберг и Тирол, неколку дена пред Австрија да започне со попуштање на строгите мерки во борба против пандемијата кои се на сила од среднината на ноември.
Оние лица кои ќе бидат позитивни во рок од 24 часа ќе бидат тестирани со ПЦР тестови, а нивните контакти ќе мораат да бидат во карантин доколку резултатите бидат потврдени.
Јужен Тирол и Словачка како пример
Доброволците кои сакаат да се тестираат се пријавуваат на веб-страница направена за оваа намена. Тестирањето се врши под надзор на австриската војска, која во виенскиот конгресен центар постави 170 линии за тестирање.
Италијанската покраина Јужен Тирол, која се граничи со Австрија, веќе спроведе масовни тестирања, по примерот на Словачка, која успеа да го забави ширењето на вирусот и да избегне втора блокада во земјата, тестирајќи речи две третини од целото население минатиот месец.
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
И во иднина ќе треба да живееме со пандемијата на коронавирус. Но, добро е што во меѓувреме има толку многу идеи кои ни го олеснуваат секојдневието со вирусот - иако на некои треба допрва да се навикнуваме.
Фотографија: JF Group GmbH
Добар апетит на вечера во стакленик
Конечно може да се отиде некаде на вечера: рестораните се повторно отворени по повеќе недели пауза. Во Културниот центар Медиаматик во Амстердам гостите можат да јадат во мали „оранжерии“, стаклени куќички, добро заштитени од ветар, временски прилики и коронавирусот кој евентуално може да им го пренесат други посетители. Концептот има добар прием, до крајот на јуни се резервирани сите маси.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong
Во ресторан со стаклена преграда на масите
Во многу ресторани пак на масите се поставува стаклена преграда, како оваа во „Гага кафе“ во Милано. Гостите при јадењето се заштитени од останатите со вграден плексиглас и од поторот меѓу масите, заради намалување на опасноста од инфекција. Заштитна маска сепак е обврска, барем додека не се јаде.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Furlan
Фризерски салони со заштита
Посебни правила во време на пандемијата на коронавирус важат и во фризерските салони. Заштитни маски за уста за фризерите и муштериите, и овде мијалниците се одделени со стаклена преграда. Нема веќе кафе додека се чека во салонот, долго задржување е табу. На муштериите ионака им е важно само повторно да имаат добра фризура.
Фотографија: Imago Images/J. Tack
Судбоносното „да“ пред гостите во автомобили
Кој вели дека свадбите во време на корона мора да бидат без гости? Во едно автокино во Диселдорф младенците склопија брак додека гостите ја следеа церемонијата ѕиркајќи преку шофершајбните од нивните автомобили. На крајот на венчавката следеше бучно свирење со автомобилските сирени. Ова беше прва германска свадба во автокино.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Strauch
„Црни острови“ во канцеларијата
Вака би можело да изгледа бирото на иднината: црни обележани простори на подот покажуваат колку можете да им се приближите на колегите, без да го прекршите правилото за дистанца од два метри. Преградите од плексиглас зад мониторите даваат дополнителна заштита. Но, за оваа визија на „футуристичката канцеларија“ од една филијала во Амстердам е потребно пред сё едно - многу простор.
Фотографија: Reuters/Cushman/Wakefield
Ред при чекањето
Не само во затворен простор, туку луѓето и надвор во идните месеци мора да држат меѓусебно растојание. На станица на метрото во францускиот град Ница стапалките во кругови покажуваат каде смеат да стојат патниците кои чекаат. Слични примери има низ цел свет. Но, и на ваков начин не може да се спречи турканица при влегувањето.
Фотографија: Reuters/E. Gaillard
Едносмерно движење
И во трговските улици во Данска луѓето треба да се движат по определени правила. Исто како и во автомобилскиот сообраќај, во Аалбог важи и за пешаците - секогаш движи се на десната страна. Целта е така да се избегнат премногу блиски средби. Дали тоа навистина функционира, барем на прв поглед, според оваа фотографија, е сомнително.
Фотографија: Reuters/H. Bagger
Живот во шише
Во густо населениот Хонгконг, некои луѓе со пресечено пластично шише не само што се погрижуваат за држење физичка дистанца, туку обезбедуваат и целосна заштита на лицето од евентуални капки кои содржат вирус. Мора да се признае, не изгледа баш удобно, но барем е евтин пронајдок.
Фотографија: AFP/A. Wallace
Направа за отворање врата
Држење физичко растојание е едно, избегнување инфекција преку површини е друго. Многу луѓе при влегувањето во лекарски ординации или јавни тоалети затоа ја отвораат вратата со лакт, но постои и нешто подобро. Овој „отворач на врати“ го решава проблемот, барем така тврди производителот.
Фотографија: JF Group GmbH
9 фотографии1 | 9
Одраз само на моменталната состојба
Меѓутоа, антигенскиот тест е помалку точен од ПЦР-тестот, што значи дека не се откриваат сите носители на вирусот, на пример кога инфекцијата штотуку се развива. Ова исто така важи и за понекогаш подолгиот период за време на кој инфекцијата се смирува, но вирусите на САРС-КоВ-2 сè уште се присутни во помала мера отколку во инфективната фаза. ПЦР-тестот е посигурен во ваква ситуација. Експертите препорачуваат повторување на антигенските тестови во кратки интервали за да не се „провлечат“ лажно негативно тестираните лица.
Без оглед на тоа кој тест е направен, резултатот е слика на актуелната состојба и не гарантира дека негативно тестираните нема да се заразат неколку часа потоа.
Македонија и ковид-19: Седете дома и лапајте витамини
Обврска за носење маски, забрането групирање, ретки или никакви социјални контакти... Пандемијата на коронавирусот од корен го промени начинот на живот на луѓето и нивните навики. Пандемијата во Македонија низ фотографии
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!