1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Короната со најголеми шанси за „прв премиер“

9 јули 2020

Партиите ветуваат зголемени плати, пензии, субвенции, но во ниту едно од ветувањата не е вкалкулиран „факторот корона“, кој најмногу може да ги помати сметките

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

По препорака на Комисијата за заразни болести, македонската Влада вчера одлучи дека негативен тест на Ковид-19, не постар од 72 часа,  од денеска ќе биде задолжителен за граѓаните на четири земји од регионот: Србија, БиХ, Црна Гора и Косово. Доколку планираат да влезат во Северна Македонија, покрај медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, државјаните на тие земји треба да пополнат и изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот. Ваквата одлука е донесена по разгледување на актуелната епидемиолошка состојба во овие земји, согласно со информациите добиени од нивните здравствени власти.

Во сите соседни земји расте бројот на новозаразени од вирусот, а исклучок не е и Северна Македонија, која со таков раст се справува среде кампањата за парламентарните избори на 15-ти јули. Како ќе се одвива образовниот процес од септември? Како ќе се спречат тековните и претстојните економските последици од корона - кризата? Дали враќањето на рестриктивни мерки за граѓаните ќе ја зајакне превентивата, но ќе го ослабне економскиот имунитет на државата?

Фотографија: Petr Stojanovski

Ова се прашањата и дилемите пред кои се исправени земјите во светот, откако ни високите летни температури не го намалија галапирањето на вирусот, што некои земји го третираат како втор бран, а други како втор пик.

Повеќе:

-Лажни анкети и рејтинзи за лов на (не)партиски опортунисти

-Скопје и регионалните престолнини жаришта на вирусот

-Коронавирус: Северна Македонија во европскиот и светски врв

Но, во темите кои доминираат во домашната изборна кампања, не се третираат овие прашања. Кампањското сидро е закотвено на теренот на национализмите, прашања од историјата, тези за наводни федерализации, пресметки со „бомби“ и дали Албанец може да биде премиер... Партиите ветуваат зголемени плати, пензии, субвенции, но во ниту едно од ветувањата не е вклакулиран „факторот корона"  и нивото до кое тој може да ги поремети сметките.

Вирусот ја тресе политиката

Дека за иднината „ќе одлучува" вирусот, без оглед кој ќе победи на избори, говори состојбата во соседна Србија, која неодамна излезе од изборен процес со уверлива победа на Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ. Но, веќе два дена земјата ја тресат жестоки протести во Белград, Нови Сад и Ниш, откако претседателот Вучиќ најави воведување на полициски час од петок до понеделник, заради зголемениот број на позитивни на Ковид-19 во земјата.

Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите, со голем број повредени, го принуди Вучиќ да ретерира од таквата намера. Денеска ќе заседава кризниот штаб, и се очекува да биде донесена конечната одлука дали и какви мерки ќе има. Но, гневот на демонстрантите од играњето на властите топло - ладно со мерките и со здравствените биланси (криење на вистинските податоци за заразени и починати)  властите побрзаа да го стават во политички контекст.

Со проблеми се соочуваат и властите во Бугарија. По серија високи трицифрени бројки на новозаразени (во последното деноноќие 188 и четворица починати), за бугарските државјани стануваа задолжително тестирањето при влез во Грција, а карантин при влез во Австрија и во уште неколку земји членки на ЕУ (освен ако имааат негативен тест). Но, според премиерот Бојко Борисов, пред земјата стојат поголеми проблеми од граничните режими: како да се зајакне превентивата, а да не страда економијата, бидејќи најлошото допрва доаѓа.

„Вистинската економска криза, предизвикана од пандемијата на корона вирусот, допрва ќе претстои кон крајот на оваа и почетокот на следната година. Светските економии во мемонтов на никаков начин не се обновуваат“, предупредил Борисов.

Според него, социјалниот и финансискиот систем на државата тешко ќе издржат без приходи, доколку одново се воведат строги мерки за заштита од вирусот. Од тие причини, тој  се изјаснил против враќање на рестриктивните мерки, кои беа на сила во почетокот на пандемијата.

„Најлесно е да ја затвориме државата. Најтешко е да научиме да живееме и работиме со вирусот меѓу нас“, изјавил Борисов. Неговиот став следува откако тамошниот министер за здравство, Кирил Ананиев, најавил дека ако бројката на новозаразени надмине 200 за едно деноноќие и се задржи така неколку дена, мерките повторно ќе се затегнат.

Симулација на гласање

Додека партиите се растчани на терен за кампањски цели, здравствените власти во Северна Македонија со внимание ја следат и анализираат состојбата со вирусот. Во моментов се преземаат мерки за организирање и спроведување на процесот на гласање, со максимална заштита на здравјето на избирачите. За таа цел, Државната изборна комисија вчера на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје, симулираше како ќе изгледа изборниот ден, со оглед дека за првпат организира гласање во време на пандемија. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека гласањето е сигурен процес бидејќи се планира да се спроведе по препораките на Комисијата за заразни болести.

„Нема апсолутно никаков ризик. Има услови целосно да се испочитуваат принципите за превентивните мерки и протоколот од Комисијата за заразни болести во целост да биде имплементиран. Верувам дека на самиот ден на гласање, гласачите ќе излезат на гласање, без стравување дека нивното здравје може да биде загрозено“, изјави министерот за здравство.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми