1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-апликација за ЕУ со дупки

Андреас Нол
24 септември 2020

Од октомври, повеќе земји на ЕУ треба да ги вмрежат веќе постоечките апликации што ги предупредуваат граѓаните за ризикот од Ковид-19. Франција не ќе може да го стори тоа, бидејќи нејзината апликација е некомпатибилна.

Smartphone mit Corona Warn-APP
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto

За пушачите во Стразбур рајот започнува откако ќе го поминат т.н. Европски мост. Французите, имено, цигари купуваат во германскиот пограничен град Кел. Пограничниот сообраќај во Алзас притоа не е интензивен само поради евтиниот тутун. Многу Французи живеат и работат во Германија - и обратно.

Границата меѓу Германија и Франција, долга 450 километри, веќе не претставува ограничување во секојдневниот живот. Решени се многу прашања, но не и заштита на граѓаните од земјите на ЕУ врз основа на апликацијата за заштита од Ковид-19.

За разлика од поголемиот број други земји на ЕУ, Франција пролетва воведе апликација под името „СтопКовид“, која не ги користи услугите на Епл и на Гугл за следење контакти, а притоа таа ги потхранува сите контакти на корисниците на апликацијата на централен сервер. Ова е пракса која другите земји од ЕУ ја отфрлаат, поради заштитата на податоците.

Фаза на успешно тестирање

Со оглед на тоа дека технологијата и заштитата на информации спречуваат размена на податоци, Франција како држава на ЕУ со најмногу прекугранични патници, во догледно време нема да биде дел од Европскиот систем за предупредување на коронавирусот. Овој систем, инаку, би требало да стартува во првите земји на ЕУ веќе во октомври. Во изминатите 7 дена 6 држави, низ пилот-проект, ја тестираа новата инфраструктура за размена на податоци, според планот, изјави за ДВ еден портпарол на Европската комисија.

Фотографија: imago images/Frank Sorge

Досега апликациите за предупредување ги информираа своите корисници само за ризикот кој доаѓа од луѓето кои ја користат истата апликација. Во иднина, серверот на Европската комисија во Луксембург ќе ја регулира размената на ИД-адреси на заразените и меѓу земијте членки на ЕУ.

Повеќе:

-Стартува германската корона-апликација: Што ја прави подобра од другите?

-Борба за најдобра корона-апликација

-Коронавирус: Моделот Јужна Кореја функционира

Така германската апликација за предупредување од коронавирусот, по средба со ризичното лице, односно со корисникот на некоја друга европска апликација, ќе уклучи аларм за опасност. За да функционира сето ова, корисниците на германската апликација мораат да го одобрат тоа во својата апликација, дознава ДВ од програмерите.

Селективните предупредувања на опасност во апликацијата за секоја одделна земја, исто така, се технички можни, но тестовите покажаа дека корисниците повеќе ги сакаат наједноставните можни опции за избор. Прекуграничното функционирање технички главно не е проблематично за мобилните телефони, бидејќи сите апликации користат ист Епл, односно Гугл интерфејс. Смартфоните затоа можат меѓусебно да комуницираат. Отстранети се инаку и политичките бариери кои беа најголема пречка за размена на здравствените податоци за заразеност ширум ЕУ.

Неуспех во Франција

Сепак, никој не ликува поради ставањето во погон на ваквата апликација. И политичарите значително ги намалија своите очекувања од таквите апликации. На почетокот на користењето на француската апликација „СтопКовид“, државниот секретар за прашањата за дигитализација Седрик го предупреди населението со драстични зборови.

Фотографија: Getty Images/AFP/T. Samson

Ако не се користи апликацијата „ќе има повеќе заразени луѓе, повеќе смртни случаи и побрзо ќе се вратиме во вонредна состојба“. Од заканата имаше мала полза. „СтопКовид“ во Франција се смета за неуспех.

До денес оваа апликација е инсталирана помалку од 2,5 милиони пати, но подоцна е деинсталирана 700.000 пати. Апликацијата предупреди само околу 250 луѓе на ризични контакти. „Не ги оправда очекувањата“, неодамна призна и премиерот на Франција Жан Кастекс.

Апликацијата помина подобро во Германија

За разлика од француската, германската апликација е прифатена многу подобро. Симната е 18 милиони пати, но и таа се соочува со предизвици. Како што покажуваат истражувањата на јавно мислење, луѓето се заситени од апликации. Техничките проблеми веројатно доведоа до тоа апликацијата да не ја поддржат толку многу луѓе како на почетокот.

Статистиката покажува дека апликацијата не е чудесно оружје против ширење на вирусот. Досега само под 5 отсто од сите инфекции се сигнализирани на корисниците преку телефон, пишува весникот Шпигел. Покрај тоа, сѐ уште сите лаборатории кои работат со тестови не се поврзани со системот. Па сепак, сѐ уште е прерано за конечна проценка на европските апликации за предупредување на коронавирусот. Можно е дека тие ќе можат подобро да ја покажат својата ефикасност ако наредните недели продолжи да расте бројката на новозаразени и ако поголем број корисници се соочат со пораките за предупредување.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми