1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сиромашните немаат вакцини - банкрот на моралот

6 август 2021

Вакцинирањето против Ковид во сиромашниот дел од светот не напредува, наспроти сите ветувања на богатите индустриски нации. Тие повторно си прават сметка без вирусот, оценува Франк Хофман.

Äthiopien | Ankunft von Corona-Impfstoff
Фотографија: Tiksa Negeri/REUTERS

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус, со месеци ги потсетува богатите индустриски нации на нивната морална обврска да им отстапат вакцини против короната на најсиромашните земји. Тој така по правило ја почнува секоја неделна прес-конференција на СЗО во Женева.

Неделава го дополни својот повик: како е можно глобалниот Север сега да почнува со трета доза вакцини, додека речиси сите земји во Африка до денес сѐ уште го немаат целосно вакцинирано дури ниту медицинскиот персонал? Тој упатува итен апел за одлагање на третата доза барем до октомври.

Програмата Ковакс е соочена со пропаст

Ајоаде Олатунбосун-Алакија од Алијансата за вакцинирање на Африканската унија, веќе предупредува дека постои опасност од пропаѓање на иницијативата Ковакс, основана во април 2020 година од страна на СЗО, Европската комисија и Франција. „Меѓутоа, таа не смее да пропадне, за љубов на човештвото“, гласи нејзиниот апел.

Франк ХофманФотографија: DW

СоКовакс до сиромашните земји требаше да стигнуваат вакцини платени од страна на богатите држави. Но, од 640 милиони дози за најсиромашните, колку што требаше да бидат испорачани до април, стигнати се само околу 163 милиони дози. Ова претставува банкрот на моралот на богатиот Север. Тука се вбројува и Германија.

За да се стави крај на пандемијата, според проценки на СЗО, потребни се 11 милијарди дози вакцини.Индустриските земји од Г7,пред сѐ САД и Германија, ветија една милијарда. И додека во Африка и многу земји од Латинска Америка се шират мутациите на вирусот, Северот се однесува автократски: администрацијата на Бајден од американската фармацевтска компанија Фајзер купува 500 милиони дози од вакцината развиена од страна на германската фирма Бионтек за 3,5 милијарди долари.

За дел од финансирањето ја крати развојната помош, пари кои на земјите во развој им се неопходни за да ги однесат вакцините до луѓето во селата, за бензин, на пример. Тоа што Фајзер уште и ја зголемува цената за една доза од вакцината исто така сведочи за комплетното морално потфрлање!

Се работи за брзината

И германската влада со канцеларката на заминување Ангела Меркел повторно докажува дека до денес не го сфатила најважниот принцип на борба против пандемијата - брзината. Германските хуманитарни организации, пред сѐ двете големи цркви, со недели го молат Министерството за здравство за вакцините кои се останати во Германија. Тие со децении спроведуваат вакцинации во Африка (против ебола, сипаници...) и ја имаат неопходната инфраструктура.

Но, поради погрешно сфатениот мултилатерализам, владата на Ангела Меркел одбива билатерална помош преку вакви етаблирани канали. Меѓу другото, како што пишува Министерството за здравство, поради тоа што „за донациите за трети држави редовно е потребна претходна согласност од производителот“.

Тоа што Бионтек минатата година ја разви својата вакцина, меѓу другото, и со половина милијарда евра од буџетот, е подарок. Се работи за заработка на пари. Тоа на вирусот SARS-CoV-2 и неговите мутации Делта, Ламбда или што сѐ не ќе дојде, му е сеедно. Тој едноставно постојано се подобрува и во топ форма повторно се враќа во Европа и Северна Америка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми