Авион на воената авијација ги носи дома Германците од Вухан, градот тешко погоден од корона-вирусот. Во Германија досега се регистрирани седум инфицирани лица со вирусот кој сее страв во светот.
Реклама
Повеќе од 120 Германци и државјани на други држави седат во авионот на германскиот Бундесвер кој тргна од кинескиот град Вухан и попладнево треба да слета во Франкфурт. По враќањето, патниците 14 дена ќе бидат во карантин.
Епидемијата во Кина денеска бележи најголем скок на инфекции со корона-вирусот и починати од болеста за еден ден.
Според Комисијата за здравство во Пекинг, за еден ден има зголемување од речиси 2000 инфекции, со што бројот на заболени се искачи на околу 12 илјади. Бројот на починати од 46 се искачи на 259.
Во Германија е првпат забележана инфекција на дете. Бројот на инфицирани лица сега изнесува седум. Надвор од Кина досега се регистрирани околу 150 инфицирани лица.
Откако Светската здравствена организација прогласи „вонредна состојба на меѓународно ниво“, САД прогласија „вонредна здравствена состојба“ во земјата, што значи на луѓето кои доаѓаат во Кина не им се дозволува влез во САД. Американските државјани кои 14 дена претходно престојувале во Вухан или во провинцијата Хубеи мора по доаѓањето во САД прво да престојуваат до две недели во карантин. Американците кои биле во други делови на Кина мора две недели да се изолираат самите.
Портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи ја критикуваше ваквата одлука на САД. „Тоа со сигурност не е гест на добра волја“, рече таа, додавајќи дека она што го прават Американците не се заснова на факти и не е од помош.
Кина, поради белодробната болест која ја предизвикува корона-вирусот, е практично во застој. Во провинцијата Хубеи се изолирани 45 милиони луѓе. Сите сообраќајни врски се прекинати. Ширум земјата се запрени автобусите на долги релации, а редуцирани се и возовите и авионските летови. Одморот кој во овој период во Кина се зема заради прославата на Нова година, е продолжен. Училиштата, универзитетите и градинките остануваат затворени, фабриките мируваат, а канцелариите се „запечатени“. По Икеа и H&M, и Епл соопшти дека неговите продавници ќе бидат затворени најмалку до 9 февруари.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.