1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид: Зошто мажите се повеќе загрозени од тешко заболување?

Соња Пул (НДР)
10 март 2021

Зошто мажите се повеќе загрозени од тежок тек на Ковид-19, дали крвната група е навистина фактор на ризик и колку очите се „отворена врата“ за коронавирусот? Прашања на кои се осврнува вирологот д-р Сандра Цизек.

Symbolbild Bioethik Menschenmenge
Уште на почетокот на пандемијата научниците утврдија дека текот на Ковид-19 кај мажите е честопати потежокФотографија: picture-alliance/VisualEyze/J. Pokorski

Уште на почетокот на пандемијата на коронавирус научниците утврдија дека мажите и жените отприлика еднакво често заболуваат од Ковид-19, но текот на болеста кај мажите е честопати потежок и тие се изложени на повисок ризик од смрт. „Во Германија тоа паѓа в очи во групата на возраст помеѓу 40 и 69 години. Во оваа група починале двојно повеќе мажи отколку жени“, вели во својот подкаст за Радио-телевизија НДР, проф. д-р Сандра Цизек, директорка на Институтот за медицинска вирологија на Универзитетската клиника Франкфурт.

Таа информира за анализа објавена во стручното списание „Nature Communications“, во која се споредени податоците од повеќе од 20 држави: „Уште еднаш е покажано дека мажите и жените се инфицираат еднакво често, но морталитетот кај мажите е поголем за една до две третини.“ И веројатноста да се заврши во болница поради коронавирусот кај мажите е повисока за 20%.

Повеќе фактори на ризик кај мажите отколку кај жените

Една од причините за тоа може да биде таа што мажите, статистички погледнато, значително повеќе пушат и пијат алкохол. Тоа се два фактора на ризик.

Освен тоа, имунолошкиот систем кај жените во просек е генетски и хормонално подобар, објаснува Цизек. „Жените развиваат генерално посилни имунолошки одговори на вирусни инфекции отколку мажите“, заклучува таа. Одговорот на имунолошкиот систем би можел да се разликува во зависност од полот и при вакцинирањето.

Уште на почетокот на пандемијата научниците утврдија дека текот на Ковид-19 кај мажите е честопати потежокФотографија: picture-alliance/VisualEyze/J. Pokorski

Локалните реакции на вакцините кај жените може да бидат посилни

Во врска со тоа д-р Цизек споменува публикација која минатата недела беше објавена во „New England Journal of Medicine“. Во неа станува збор за локални реакции на местата каде што била примена мРНК-вакцина против коронавирус, кои се појавувале дури по една недела, па и подоцна, што е невообичаено. Вообичаени се реакции ден или два по примањето вакцина.

Опишаните реакции кај погодените 10 пациентки и 2 пациенти биле делумно навистина големи отоци или црвенила, кои биле ставени под контрола најмногу со ладење на местото и антихистаминици. „Колегите ги објавија ваквите случаи за да предупредат дека такво нешто е можно да се случи и дека притоа не треба да се даваат антибиотици, како и дека е можно давање втора доза од вакцината, со тоа што навреме се има информација како да се постапи во таков случај.“

Ваквата пречувствителност била забележана пред се' кај жени.

Локалните реакции на вакцините кај жените може да бидат посилниФотографија: K. Schmitt/Fotostand/picture-alliance

Повисок ризик од зараза за луѓето со крвна група А?

Подолго време се шпекулира и околу влијанието на крвната група врз инфекција со коронавирус. Истражувањата покажуваат дека многумина од инфицираните со коронавирус во Германија имаат крвна група А. Но, според статистиката, тоа е и најмногу распространетата крвна група во Германија. Една нова студија од САД, за која пишува медицинското списание „Blood Advances“ се обиде да најде одговор на прашањето - дали луѓето со крвна група А се повеќе изложени на ризик од инфекција. Научниците истражуваа како вирусот навлегува во респираторниот систем. „Притоа согледаа дека доаѓа до почесто поврзување на рецепторите на вирусот со антигените на крвната група А. Тие тоа го интерпретираат така што вирусот најверојатно полесно може да влезе во клетките на луѓето со крвна група А“, објаснува Цизек.

Ова се први податоци кои би можеле да бидат објаснување за клиничко набљудување на крвната група А. Но, се' уште недостигаат многу експерименти. Цизек не верува дека луѓето со крвна група А би требало да бидат повеќе загрижени. „Има многу посилни фактори на ризик“, нагласува таа.

Во Германија 43% од населението има крвна група А

Дали очите се влезна врата за вирусот?

Покрај прашањето кој и зошто полесно или потешко се заразува со коронавирусот или заболува од Ковид-19, и натаму се дискутира и околу начините на кои коронавирусот стигнува во човечкото тело. Со маските би требало да се минимизира влезот на аеросоли и капки преку устата и носот. Списанието „The Lancet“ објави текст на австралиски очен лекар, кој ја поставува следната теза: Заштитата на очите може да е клучот кој недостига.

Цизек не исклучува дека и очите би можеле да бидат „врата“ за вирусот. Очите се поврзани со грлото и носот преку каналот за солзи и незаштитеното око е лесно пристапно за капки. Очилата би можеле да бидат физичка бариера за капките. Но, окото има малку т.н. влезни рецептори за вирусот. Освен тоа, во солзите на пациентите е докажано мало или никакво присуство на вирусот. Според истражувањата кои нејзе и' се познати, вели Цизек, течноста од солзите не е заразна. Во одредени сфери, како нега на инфицирани лица, заштитата на очите може да има смисла, вели Цизек и додава: „Но, тоа сигурно не е доволно за да се изрече генерална препорака.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми