Германија ќе почне со вакцинирање во средината на декември?
ЖА / агенции
23 ноември 2020
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан очекува вакцинирањето против коронавирус да започне уште во текот на оваа година.
Реклама
„Постои повод за оптимизам дека уште во текот на оваа година ќе биде издадена дозвола за употреба на вакцина во Европа, по што можеме да почнеме со имунизација", изјави Шпан за радио-мрежата Дојчланд. Министерот ги замолил покраините да извршат опремување на центрите за вакцинирање за да бидат подготвени за стартување во средината на декември.
И министерот за финансии Олаф Шолц се надева на почеток на вакцинирање оваа година. „Ги извршивме неопходните подготовки, мислам дека со вакцинирање ќе започнеме побрзо отколку што мислевме пред извесно време", изјави вицеканцеларот синоќа за „Билд".
Шпан е оптимист дека вакцинирањето во сите групи од населението нема да се одолговлече дури до крајот на 2021 година, со оглед што за многу од потенцијалните вакцини не се потребни ладилници со многу ниски температури, тие можат да бидат користени и во обичните лекарски ординации. „Постапката ќе тече брзо – не заборавајте дека секоја година за неколку седмици се вакцинираат 20 милиони луѓе против грип", истакна Шпан. Министерот најави отворање интернет-платформа за достигнатите квоти на вакцинација, класифицирани според старост и региони.
„Тогаш, кога ќе се постигне висока квота на вакцинирање кај посебно загрозените групи од населението, ќе можеме етапно да ги олабавуваме воведените ограничувања".
Германија, преку Европската комисија или преку склучување билатерални договори и опции во меѓувреме има обезбедено преку 300 милиони дози од идните вакцини. „Дури и при употреба на две дози за вакцинирање на едно лице, ќе располагаме со доволни количини за сопственото население, а ќе можеме да ги споделуваме и со други земји", истакна Шпан.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!