1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид-19: Нови рестрикции тропаат на врата?

ДТЗ
20 март 2021

Комисијата за заразни болести од понеделник ќе ја анализира состојбата. Тогаш ќе се знае дали ќе има продолжување на полицискиот час и дали ќе се скрати работата на кафулињата.

Corona in Nord Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Доколку се влоши состојбата со Ковид-19 во С. Македонија и сегашните мерки не ги дадат очекуваните ефекти, следни дополнителни рестрикции коишто се во игра се зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Министерот за здравство Венко Филипче најавува дека ситуацијата будно ќе се следи викендов, по што одлуки се очекуваат наредната недела. За во понеделник средба најавија и од Комисијата за заразни болести. Ќе се анализираат неделните извештаи, ќе се прават споредби, ќе се следат извештаите од болниците, по што се очекува да се разреши дилемата – дали ќе има дополнителни рестрикции, или пак ќе се остане на досегашниот полициски час од 22 до 5 часот изутрина.

-повеќе на темата: Полицискиот час останува, дополнителни рестрикции нема 

Министерот за здравство оценува дека засега нема потреба од дополнителни мерки. „Имаме нешто помалку новозаболени, бројката е нешто под 1.000. Очекуваме во следниот период во таа насока да оди ситуацијата и да има стабилизирање и полицискиот час што беше препорачан минатата недела да даде резултати. Спремни сме да препорачаме и дополнителни рестрикции“, изјави вчера Филипче.

Тој е уверен дека полицискиот час што сега е во сила ги дава очекуваните резултати и дека бројот на новозаразени ќе опаѓа.

Притисокот врз здравството расте

Според последните податоци на здравствените власти, над 1.000 лица се лекуваат во болниците ширум земјата поради компликации од коронавирусот, а остануваат околу 300 слободни болнички кревети. Но, притисокот на здравствените работници секојдневно расте. Поради брзото ширење на мутациите на коронавирусот, односно британскиот сој којшто е присутен во земјата, сѐ поголем е бројот на заразени коишто бараат лекарска помош за надминување на проблемите предизвикани од Ковид-19.

-повеќе на темата: Над 2.250 деца до деветгодишна возраст се заразиле со Ковид-19

Лекарската комора пред неколку дена побара Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи. „Се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита“, соопшти Лекарската комора.

Тие како здравствени професионалци признаваат дека овие мерки се крајно непопуларни, но сметаат дека во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје повеќе од потребно е нивно воведување. Комората посочи дека податоците од Институтот за јавно здравје укажуваат на тоа дека третиот бран на вирусот зема голем замав и веќе на дневно ниво се регистрираат над 1.000 заболени. Само од 1 март, кога имало 8.369 регистрирани активни случаи, бројката сега е зголемена на над 14 илјади активни случаи.

Се бараат нови рестрикции

Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани од Ковид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние кои се во самоизолација.

И покрај барањето на Лекарската комора да се донесат нови рестрикции, поради недостаток на болнички капацитети и премореност на медицинскиот персонал, министерот Филипче вели дека се отворени нови ковид одделенија на скопските клиники, со што се обезбедени дополнителни капацитети за ковид пациенти. 

-повеќе на темата: Прилеп е на пат да постигне колективен имунитет

Претходно и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, алармираше дека ситуацијата е сериозна и побара забраната на движење во општината да трае од 19 часот навечер до 5 часот наутро, а не како досега од 22 до 5 часот. За загрижувачките состојби тој прстот го впери во неодговорното однесување: полни кафеани, непочитување на мерки за заштита и дистанца, непочитување на протоколи, групирања пред банки, маркети... Но, најголем проблем, според него, се неконтролирани собирања во приватни објекти во градот и надвор од него, кои се кријат од јавноста. Поради тоа, Јованоски бараше и да се зајакнат мерките.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми