Корона-криза: Навалица во продавниците за велосипеди
Мирјам Бенеке
19 мај 2020
Долги редици, испразнети продавници: ни најоптимистичните трговци со велосипеди не очекуваа ваква навалица. За врема на корона-кризата велосипедите се побарани од кога било досега.
Реклама
Седумгодишниот Матс гордо се качува на својот нов велосипед, исто толку блескаво син како и кацигата која цврсто стои на главата на детето. „Вистински полициски велосипед“, вели Матс и со весели извици „Тату-тата“ вози еден круг низ продавницата за велосипеди.
Матс имаше среќа. Детските велосипеди во многу келнски продавници моментно се дефицитарна стока. И возрасните, кои бараат одредени модели или резервни делови, мора да сметаат на долг рок на испорака. Зашто, побарувачката е голема. „Никогаш нема да го заборавам понеделникот кога повторно ја отворивме продавницата“, вели Кристоф Хоп од велосипедската продавница „Радлагер“. „Беше слично на пукање на брана.“
Со недели специјализираните велосипедски продавници во Германија беа затворени поради пандемијата на коронавирус. И тоа токму во момент кога обично почнува големата пролетна продажба. „Во мигот кога првите кокичиња ги подаваат своите главчиња од земјата, луѓето посакуваат да се качат на велосипед“, вели Хоп. Секоја година е така. „Поради принудното затворање годинава се создаде застој“, вели продавачот. Сега навалата е едноставно „луда“. Луѓето не ги тера да побараат велосипед само убавото пролетно време и акумулираната желба за купување.
Сообраќајно средство број еден
„Поради короната, велосипедот е сообраќајно средство во тренд“, вели Давид Ајзенбергер од Здружението на велисипедска индустрија за Дојче веле. „Тоа се забележува не само на улиците, туку и преку навалицата на продавниците за велосипеди.“
Некои седнуваат на велосипед за да побегнат од седењето дома и да останат во форма. Други пак ги одвратува обврската за носење заштитна маска во јавниот сообраќај. „Затоа, моментно многу луѓе се решаваат да возат велосипед, или се преориентираат оние кои порано до работа стигнувале со метро". Во повеќе германски метрополи се проширени и велосипедските патеки.
Има и такви кои не купуваат, туку изнајмуваат велосипеди. „За жал, со мојот пресно изнајмен велосипед не можам да возам до работа, за мене уште е задолжителна работа од дома", вели Инес од Келн. Бидејќи спортскиот курс на младата 28-годишна жена уште паузира, таа планира да вози долж Рајна.
Да се купи или да се изнајми?
Во фирмата „Свапфитс“ во Келн муштериите можат да изнајмат велосипед за 20 евра месечно. Поправките се бесплатни и во секое време. Освен тоа, изнајмувањето може да се откаже секој месец. „Не знам уште колку долго ќе останам во Германија, затоа овој концепт ми одговара", вели Инес.
Велосипедите на „Свапфитс“ се препознатливи со своите сини предни тркала. На улиците на Келн во меѓувреме ги има околу 3.500. Во изминатите недели бројот на корисници доживеал голем скок. „Во месеците март и април годинава забележавме вистински бум, што не е резултат само на убавото време и почетокот на велосипедската сезона“, вели Андре Илмер, шеф на „Свапфитс“ во Германија.
За да го објасни бумот, фирмата изминатите седмици спровела анкета меѓу 741 нов корисник. 42 проценти од новите муштерии изјавиле дека на нивната одлука да се префрлат на возење велосипед влијаела пандемијата на коронавирус. 45 проценти сметаат дека возењето на две тркала моментно е подобра алтернатива, посебно што претпријатијата од јавниот сообраќај делумно мораа да редуцираат дел од своите услуги.
Сеедно дали купени или изнајмени – бизнисот со велосипедите оди добро. Трговците сега треба да ги надокнадат загубите од повеќенеделното затворање на продавниците и намаленото производство. „Мислам дека сепак ќе се извлечеме, ќе поминеме само со модрица на окото, но само ако летото биде топло и сончево и ако не дојде втор бран инфекции", вели Давид Ајзенбергер.
Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Фотографија: Reuters/M. Svitok
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Фотографија: AFP
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Фотографија: picture-lliance/dpa/I. Yefimovich
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/A. Hasaballah
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Фотографија: AFP/L. Robayo
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.