Корона: Се стабилизира ли пазарот на труд во Германија?
Хана Фукс
1 септември 2020
Бројот на невработени во Германија повторно се зголеми - но не поради коронавирусот. Меѓутоа, пандемијата сè уште остава значителни траги врз пазарот на трудот.
Реклама
Бројот на невработени во Германија повторно се зголеми во август - но како и во претходниот месец во вообичаена сезонска стапка.
Според Сојузната агенција за вработување, 2,955 милиони луѓе биле без работа во август - 45 000 повеќе отколку во јули и 636 000 повеќе отколку пред една година. Стапката на невработеност за еден месец се зголеми за 0,1 процентен поен на 6,4 проценти.
Сезонски флуктуации
Невработеноста обично се зголемува во август, бидејќи бројни работни и приправнички договори завршуваат пред летните одмори. За споредба: Во август 2019 година, бројот на луѓе без работа се зголеми за 44.000 во споредба со претходниот месец.
Жртвите на коронавирусот на пазарот на труд
Пандемијата на коронавирусот веќе има катастрофално влијание врз голем број индустрии. Милиони работни места се загрозени, стотици илјади веќе укинати. Издвојуваме некои од досега најпогодените компании и сектори...
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Циркусот остана, уметниците ги нема
Легендарниот „Cirque du Soleil “ поднесе барање за течајна постапка по тримесечен прекин на работата поради пандемијата на коронавирусот. Славниот циркус најави отпуштање на 3.480 од вкупно 5.000 вработени. „Cirque du Soleil“, со седиште во канадски Монтреал, овој потег го образложи со „огромното нарушување и присилно затворање на шоуто како последица на пандемијата на Ковид-19“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Düren
„Ербас“ ќе се раздели со 15 илјади луѓе
Европскиот авиоконцерн „Ербас“ предупреди на масовни укинувања на работните места. Тој има намера да укине околу 15.000 работни места поради падот на побарувачката како последица на пандемијата. Еден од шест вработени би можел да го загуби работното место во одделот за транспортни авиони - најважниот и најголемиот во „Ербас“. Само во Германија треба да се укинат 5.100 работни места.
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Турбуленции за „Луфтханза“
Најголемиот авиопревозник во Германија, е заробен во турбуленции поради коронавирусот. Авиоконцернот беше исклучен од индексот на акции Дакс, во кој членуваше 32 години. „Луфтханза“ ќе добие 9 милијарди евра директна финансиска помош и државни гаранции за заем, но 26.000 работни места се изложени на ризик. „Во случај на опасност, ние ве спасуваме вас, а кој ќе нè спаси нас?“- прашува стјуардесата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
На едно небо
Британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ планира да укине 12 илјади од вкупно 42.000 работни места. Нејзиниот француски ривал „Ер Франс“ ќе отпушти над 7.500 вработени поради пандемијата. Британската авиокомпанија „Изи џет“ предвидува од долгорочен пад на побарувачката. Концернот планира да го намали бројот на вработените за 30 проценти - околу 4.500 луѓе може да ги загубат своите работни места.
Иако производителите на автомобили сè уште немаат предвидено застрашувачки сценарија, светскиот пазар на автомобили може да се намали за 18 проценти во 2020 година. Германскиот стручњак за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхофер веќе изнесе разочарувачко предвидување: околу 100 илјади работни места во Германија се изложени на ризик. Автомобилската индустрија во земјата вработува 800.000 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Тешка опрема
Германскиот концерн „MTU Aero Engines AG“ планира да го намали бројот на вработени за 15 проценти. Производителот на мотори за авиони, со седиште во Минхен, вработува 10.000 луѓе низ целиот свет. Околу 1.500 места се под закана за укинување. Во 2019 година компанијата беше во топ-лигата на индексот на акции Дакс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MTU Aero Engines AG
Отпаѓа ли модата?
Седењето дома и забраната за масовни настани обесхрабри многумина да купуваат нова облека. Падот на потрошувачката се почувствува во трговијата. Германскиот концерн „Галерија Карштат Кауфхоф“ затвори околу 80 од своите 170 стоковни куќи, кои главно продаваат облека. Повеќе од 5.000 од вкупно 28.000 вработени ги загубија работните места.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich
Сите на одмор
Еден од најголемите светски туристички концерни „ТУИ“ најави укинување на 8.000 работни места како последица на пандемијата. Менаџментот на компанијата, која веќе доби финансиска помош од германската држава, соопшти дека овие мерки се неопходни за да се зачуваат претставничките канцеларии на концернот во светот. „ТУИ“ очекува дека така ќе ги намали административните трошоци за 30 насто.
Како и во јули, немаше дополнително зголемување на невработеноста поврзано со коронавирусот, рече директорот на Сојузната агенција за вработување, Детлеф Шеле. „Сепак, ефектите на пандемијата врз пазарот на трудот се уште се многу јасно видливи“.
„Регулативата за скратена работа функционира“
„Пандемијата доведе до најдлабока економска криза на нашата генерација“, вели Хубертус Хајл, германскиот министер за труд и социјална политика, но истакнува дека во споредба со другите индустриски држави, Германија се држи многу добро.
Ова главно се должи на регулативата за скратена работа. „Со неа зградивме мостови на пазарот на трудот. Регулативата функционира. Помага брзо, сеопфатно и небирократски да се стабилизира пазарот на труд и да им се помогне на компаниите и на вработените во време на криза", истакна Хајл.
Регулативата со која државата ги субвенционира компаниите и натаму со скратено работно време и плата да ги остават на работа вработените, наместо да ги отпуштаат треба да биде продолжена до крајот на 2021 година. Хајл има намера да поднесе соодветен предлог-закон на 16 септември.
Што откриваат камионите за економската состојба?
За време на пандемијата, властите мора да донесуваат брзи одлуки. Во економијата, меѓутоа тие често се потпираат на задоцнети податоци. Има меѓутоа и поинтелегентни индикатори за економската активност во реално време.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Welz
Број на камиони на патиштата
Прометот на стока ја одразува состојбата на индустриското производство во земјата. Кога фабриките нема да испраќаат добро натоварени камиони на патиштата тогаш тоа е знак дека општата економска ситуација е лоша. Многу е практично тоа што овој показател дневно се освежува со нови податоци.
Фотографија: Imago Images/M. Stein
Потрошувачка на електрична енергија
За време на важењето на рестриктивните мерки во борба против пандемијата меѓу крајот на март и средината на април, во работните денови во Германија потрошувачката на електрична енергија била 7,5 отсто под очекуваната вредност. Иако производството на струја оттогаш порасна, таа сѐ уште е 10 насто пониска во однос на 2019 година.
Фотографија: MEHR
Индекс на мобилност
Дигиталните концерни како Епл и Гугл дневно мерат кои рути ги пребаруваат корисниците на мобилни телефони и апликации како што е Гугл мапс. Овие податоци велат дека корисниците за време на вонредните мерки користеле вакви апликации за 60 отсто помалку од обично.
Фотографија: picture alliance/dpa/U.Zucchi
Резервации во ресторани
Платформата на интернет за резервации на ресторани „Отворена маса“ покажа дека побарувачката за време на вонредните мерки има драстичен пад. На почетокот на март бројот на резервации бил ист како минатата година. Но, на крајот на март побарувачката била еднаква на нула. Ова траеше со недели. Од повторното отворање на рестораните на почетокот на јули бројот на резервации полека расте.
Фотографија: Reuters/A. Gebert
Воздушен сообраќај
За време на кризата поради пандемијата се случи невиден пад на бројот на патници во воздушниот сообраќај. Во Германија во февруари аеродромите забележаа 15 милиони патници. Неколку недели подоцна платформата „Флајрадар24“, која го бележи бројот на патници на аеродромите, покажа дека нив воопшто ги нема. Во април ширум светот се објавени 75.000 летови помалку во однос на претходната година.
Фотографија: picture-alliance/M. Mainka
Невработеност
Класичен индикатор за проценка на идните економски трендови е невработеноста. Во Германија, од март до април, таа се зголеми за 415.000 на 2,5 милиони. Оттогаш, невработеноста расте, иако побавно отколку на почетокот. Според германската сојузна агенција за вработување, моделот на масовно привремено намалување на работното време го стабилизира пазарот на трудот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas
Новорегистрирани автомобили
Некои економисти бараат одговор на прашањето дали економскиот циклус добро се развива бараат во статистиката за нови автомобили купени од компании и приватни лица. Германското државен завод за автомобили покажува дека 37,7 проценти помалку нови автомобили биле купени во Германија во март 2020 отколку во истиот месец минатата година. Во април пак беа дури 61 процент помалку.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Welz
7 фотографии1 | 7
Во април, мај и јуни бројот на луѓе со скратена работа во Германија изнесуваше меѓу 5 и 6 милиони. Но во меѓувреме бројот на вработени за кои компаниите пријавуваат скратено работно време значително се намалува, велат прелиминарните податоци на Сојузната агенција за вработување.
Се опоравува ли пазарот на трудот?
Различни експерти во моментов гледаат знаци дека пазарот на трудот се опоравува - делумно благодарение на регулативата за скратена работа што го ограничи обемот на отпуштања.
Сепак, тие се загрижени за зголемениот број на инфекции и стравот од нови ограничувања на јавниот и стопанскиот живот. „Кризата сè уште не е завршена“, предупредува министерот Хубертус Хајл. „Очекуваме економско закрепнување во текот на следната година, иако од гранка до гранка то ќе биде различно“. Според Хајл нема апсолутна сигурност во врска со економскиот развој. „Ние сме претпазливо самоуверени“.
Како и да е, ова зависи и од неколку претпоставки што треба да се исполнат: „Ова вклучува држење на пандемијата под контрола“, вели германскиот министер за труд.
Освен тоа, Хајл претпоставува дека пандемијата ќе продолжи да ја забавува побарувачката за извоз и оти мора да се смета на тоа дека вакцина ќе има дури во втората половина на следната година. Сите овие неизвесности ги вознемируваат и компаниите.
Стапката на невработеност во еврозоната расте
Во меѓувреме, стапката на невработеност во еврозоната порасна четврти месец по ред и достигна највисоко ниво од ноември 2018 година.
Европската статистичка агенција- Евростат објави дека стапката на невработеност во јули се зголемила за 0,2 процентни поени на вкупно 7,9 проценти. Поради последиците од корона-кризата, аналитичарите имено сметаа на уште посилно зголемување на невработеноста и очекуваа стапка од 8,0 проценти.
Какви промени носи коронавирусот во производството на храна
Рестрикциите поради Ковид-19 пореметија бројни животно важни сектори, па и земјоделството. Пандемијата може да ги промени прехранбените синџири, од индустриско одгледување животни до пораст на урбано градинарство.
Фотографија: DW/K. Makoye
Откажување од масовно одгледување животни
Иако научниците не се сигурни како настанал Ковид-19, се смета дека последните вирусни закани предизвикани од свинскиот и птичјиот грип, својот зачеток го имале во големите фарми за свињи и кокошки. Со оглед дека постои корелација меѓу индустриското одгледување животни на тесен простор и ризикот од пандемија, можеби е време да се поразмисли околу индустриското одгледување животни.
Фотографија: picture alliance/Augenklick/Kunz
Месната индустрија во фокусот
Пандемијата ги рефлектираше и лошите услови во месната преработувачка индустрија. Во Германија постојат повеќе жаришта на коронавирус меѓу работниците во индустријата за месо, па дури повторно во карантин се ставени и два окрузи, откако преку 1550 вработени во кланицата „Тенис“ се инфицираа со коронавирус. Во целата бранша расте повикот за подобра регулатива.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen
Затворање фарми за диви животни
Експертите претоставуваат дека коронавирусот веројатно потекнува од диви животни продавани на рибен пазар во Вухан во Кина. По избувнувањето на пандемијата, Кина ја ограничи трговијата со диви животни и затвори речиси 20.000 фарми на кои тие се одгледуваа. Одделни кинески провинции на сопствениците им нудат државна помош во преориентација кон одгледување на растенија или свињи и кокошки.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Bernetti
Поотпорен сектор
Пандемијата предизвика индустријата, креирана за исхрана на глобалниот свет, во одделни случаи да се редуцира на локално ниво. Земјоделците мора да размислат како да се прилагодат на новата и несигурна иднина – од непречен пристап кон храна за животните до недостиг од работна сила.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Процут на урбаната агрикултура
Сѐ повеќе луѓе се принудени да поминат повеќе време дома, па се обидуваат да си произведат храна за себе. Долгорочно, тоа може да биде позитивен развој. Бидејќи до 2050 година две третини од светското население ќе живее во градовите, градското земјоделство е сѐ поважно, тоа штеди фосилна енергија за транспорт и нема толкава потреба од површини како конвенционалното земјоделство.
Фотографија: Imago/UIG
Да ѝ се врати земјата на природата
Светското население на планетава веројатно до 2050 година ќе достигне 10 милијарди луѓе, што го прави неизбежен фактот дека производството на храна мора да се зголеми. Додека некогаш излез се гледаше во освојување нови земјоделски површини, сега решение се бара во посилна концентрација врз урбаното земјоделство и свест за последиците од интервенцијата во природата.
Фотографија: Kate Evans / Center for International Forestry Research (CIFOR)
Преориентација кон растителна исхрана
Со развојот на свеста за потенцијалната здравствена цена на пазарот на месо, Кина бележи зголемен интерес за производство на растителни продукти. Западот во последните години веќе доживеа тренд на вртење на луѓето кон растителна исхрана, кој веројатно ќе продолжи, зашто потрошувачите водат сѐ повеќе сметка за потеклото на месните продукти.
Зголемена сигурност за обезбедување храна во земјите во развој
Пандемијата на Ковид-19 силно ќе ги погоди земјите во развој, посебно во областа на обезбедување храна. ОН веќе предупредија од „глад од библиски размери“, поради намалување на ресурсите. Покрај итната помош, за сузбивање на гладот долгорочно е потребна подобра заштита во земјоделството, одгледување поразновидни наместо монокултури и посилна поддршка за загрозените ситни земјоделци.
Фотографија: DW/K. Makoye
8 фотографии1 | 8
Сепак, стапката за јуни е ревидирана надолу, од претходните 7,8 проценти на само 7,7 проценти.
Според Евростат, во јули 12.793 милиони луѓе во еврозоната биле невработени. Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени се зголемил за 344.000. Невработеноста кај младите останува на високо ниво. Во еврозоната, стапката на невработеност на лицата под 25 години се искачи на 17,3 проценти во јули, во споредба со 17,2 проценти во јуни.