1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-локдаун? Не, благодарам!

Сабине Кинкарц
3 ноември 2020

Ресторани, барови, театри - се што е забавно, сега е повторно затворено. Многу Германци реагираат со сомнежи и отфрлање. Тие не сакаат да ја согледаат опасноста. Крајно време е да се разбудат, смета Сабине Кинкарц.

Symbolbilder - Coronavirus
Фотографија: K. Schmidt/Fotostand/picture alliance

На викендот, многумина повторно вистински се опуштија. Рестораните беа полни, како и баровите и фитнес студијата. Последен пат пред делумниот локдаун се славеше, уживаше и вежбаше. Без оглед на фактот дека секако ќе беше важно и во сабота и во недела масовно да се ограничат сите контакти. Вирусот се радува.

Многу Германци ја закопуваат главата во песок. Тие не сакаат да признаат дека пандемијата нè достигна повторно и дека вториот бран одвеја сè што беше постигнато во изминатите неколку месеци. Тие носат маски, држат дистанца, проветруваат, мијат раце и се смируваат со фактот дека има уште простор во единиците за интензивна нега и оти стапката на смртност кај оние кои страдаат од Ковид-19 во Германија е сè уште мала. Секој што мисли и се однесува вака, танцува на вулкан што врие.

Доскорешните правила повеќе не се доволни

Бројот на инфекции експоненцијално се зголемува и здравствените власти веќе предолго време  не можат да ги прекинат синџирите на заразување. Премногу инфицирани луѓе се без симптоми и воопшто не знаат дека можат да заразат други. Како на пример  24 милиони луѓе во Германија кои се постари од 60 години. Или пак 2,5 милиони тешко инвалидизирани лица. Воопшто да не зборуваме за сите оние кои страдаат од претходни болести и преголема дебелина. Доколку политичарите стоеја и гледаа како се развиваат инфекциите, германскиот здравствен систем ќе колабираше за 20 до 30 дена.

Сабине Кинкарц, авторка на коментарот

Тука повеќе не помага ни мала ниту голема верзија на правилата за справување со вирусот, тука помага само уште тврдиот рез. Затоа Германија оди во делумен локдаун во цел ноември. Сепак, многу граѓани се прашуваат според која логика се засноваат затворањата. Зошто тие ги погодуваат токму оние  луѓе кои сторија толку многу во текот на изминатите неколку месеци со скапи реновирања и хигиенски концепти за да го направат својот бизнис што е можно побезбеден? Ова многумина го сметаат за неправедно и нелогично.

Многу нешта не се разбирливи

Како може рестораните и театрите да се затвораат додека наставниците и учениците и натаму со часови продолжуваат да се стискаат во училниците, а патниците да седат во преполни автобуси, подземни железници и возови? Зошто салоните за нокти мора да затвораат додека на фризерите им е дозволено да продолжат да работат? Зошто не беа забранети црковните служби, но музичките училишта беа затворени?

Повеќе:

-Прогноза на германски виролог: Кога повторно ќе живееме нормално?

-Меркел: Далеку е светлото на крајот на тунелот

-Ќе го прифатат ли Германците новиот делумен „локдаун“?

Ваквите прашања можеби звучат како ситници за ушите на некои политичари, но граѓаните сметаат дека се важни. Во меѓувреме, се чини дека тоа го сфати и канцеларката, која вчера (02.11.2020) по состанокот на таканаречениот корона-кабинет не го испрати пред новинарите нејзиниот портпарол, туку самата лично долго и детално одговараше на прашањата. Нејзината порака: „ Не станува збор за концепт за хигиена за овој или оној ресторан, туку за концепт со кој може да се намалат 75 проценти од сите контакти.“

Повик за будење

75 проценти! Овој број треба да биде повик за будење за секого. Исто така и особено за оние кои сè уште не сакаат да ја признаат сериозноста на ситуацијата. Дали прво треба повторно да се покажуваат слики од пренатрупани простории за итни случаи и од единици за интензивна нега пред секому да стане јасно дека коронавирусот не е проблем што може да се мери и регулира со нормални стандарди? Дека доживуваме нешто како природна катастрофа, која не може да се затскрие со недогледни дискусии?

Не може да се постигнат 75 проценти помалку контакти ако секоја индивидуа не го преиспита своето однесување и не го промени доколку е потребно. Да, делумниот локдаун може да биде неправеден, но тој следи едноставна, разбирлива логика: се затвора она што го прави животот убав, за многумина да останат дома. Останува отворено она што е суштинско и неопходно.

Како сакаме да живееме во пандемијата?

Кон важните институции се вбројуваат училиштата и градинките. Родителите не можат да работат и да ги чуваат своите деца истовремено - тоа го научивме на пролет. Сепак, треба да се дискутира дали училиштата треба да продолжат со работа по секоја цена, како досега. Повеќе од десет милиони деца и млади одат на училиште во Германија. Ризикот е многу голем да го шират вирусот. Би било логично наставатата да се одвива во помали групи и постарите генерации ученици да се префрлат во дигитални училници. Конечно, тоа така функционира на универзитетите. Значи, има уште многу простор за подобрување.

Ни претстојат најмалку четири, а ако пролетта долго ја чекаме, можеби и пет тешки месеци. Ние ќе се справиме со ова само со многу лична одговорност и тоа може да се постигне само ако посеопфатно разговараме и дискутираме  за тоа како сакаме да продолжиме да живееме во и со пандемијата на коронавирусот. Тоа треба, не,  тоа мора да се случи и во парламентите. Граѓаните мора да бидат вклучени и земени на бродот. Со лошо комуницираните уредби од горе нема да се постигне ништо. Ова го покажа викендот кога премногу луѓе повторно брзо се изнауживаа. Тоа навистина немаше никаква врска со лична одговорност.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми