1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона: Од каде сега да се најдат помошници за жетвата?

Андреас Бекер
20 март 2020

Германските фарми се зависни од помошници за жетва, кои најчесто доаѓаат од источна Европа. Заради коронавирусот годинава многу од нив не се на располагање. Дали е загрозена жетвата?

Deutschland Spargelstechen in Köln
Фотографија: Imago/R. Unkel

Кога луѓето ќе почнат да складираат конзерви и тоалетна хартија и рестораните еден по еден затвораат, секој муабет за снабдување со храна е кризна комуникација.

Претседателот на германското Здружение на земјоделци, Јоахим Руквид, пред сѐ сака да ги смири луѓето кога вели дека „ние селаните и во време на коронавирус можеме и натаму да го снабдуваме населението”. Основни прехранбени производи како житарици, компири, овошје и зеленчук и натаму ќе имало во „доволни количества”, уверува Руквид.

Германските селани истовремено посочуваат и на тоа дека секоја година најмуваат околу 300 илјади сезонски работници кои помагаат за жетвата. Најголем дел од нив се од источна Европа, претежно од Романија. Заради коронавирусот годинава многу од нив ќе останат дома.

Се бараат луѓе за собирање аспарагуси

Проблемот е веќе акутен кога се во прашање аспарагусите, вели Андреас Кер, портпарол на Здружението на селани и винопроизводители од јужниот дел на покраината Рајнланд Пфалц. Југозападно од Франкфурт, во регионот Рајнхесен, жетвата на аспарагусите почнува за неколку дена, а некои селани веќе почнале со собирање. Традиционално сезоната трае до 24 јуни.

Многу земјоделски здруженија бараат од владата „да го обезбеди доаѓањето на странската работна сила”Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

„Кај нас има селани кои барале 100-120 сезонски работници, но дојдени се само едноцифрен број луѓе", вели Кер за ДВ. Некои сезонски работници не доаѓаат од страв да не се заразат со вирусот. „Некои се плашат дека по враќањето ќе мора да бидат во карантин, или дека ќе бидат изложени на ограничувања за патување", вели Кер.

Многу земјоделски здруженија бараат од владата „да го обезбеди доаѓањето на странската работна сила”, како што се вели од Германското здружение на земјоделци.

Тука се вбројува и тоа да се убедат земји како Унгарија да дозволат транзит. Решенијата кои се дискутираат се специјални дозволи, автобуски транспорт со придружба или работниците да се донесат со специјални летови.

Но, дури и ако се најде решение, сепак здруженијата сметаат дека потребата од 300 илјади работници годинава нема да биде покриена.

Повеќе:

Коронавирусот и бизнисот- Кучи повикува: До вчера профитиравме, сега да бидеме солидарни

Коронавирусот и стопанството: Џабе мерки, ако транспортот на стоки запре

ЕУ ќе ја поддржи економијата со сите средства

Прописите да се олеснат

Селаните и други здруженија бараат од политиката пофлексибилни правила, „за да може да завршат итни и потребни работи за снабдувањето со храна".

Во каталогот со барања се и подолги работни времиња и продолжување на максималниот дозволен период на ангажирање на работници. Со други зборови: помалку луѓе треба да работат подолго време, за да се осигура дека ќе се сработи жетвата.

Освен тоа, треба на невработените, барателите на азил и на пензионерите да им се олесни да имаат дополнителна заработувачка. Исто така посакувани се „олеснувања во Законот за позајмување на работници за да се олесни соработката меѓу фирмите", вели Здружението на селани.

„Има производители на аспарагуси кои контактирале луѓе од гастрономија или фирми за чистење за да бараат кај нив работници", вели Андреас Кер од Здружението на селани и винопроизводители од јужниот дел на Рајнланд Фалц.

Сѐ уште не може да се процени колку берачи ќе недостасуваат годинаваФотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

Земјоделието како алтернатива?

За некои бранши работење како помошници за жетва може да биде добредојден извор на заработувачка бидејќи многу бизниси, собено гастрономијата, се екстремно погодени од коронавирусот. Сепак, има една причина зошто работата како берачи главно ја вршат пред сѐ источноевропските сезонски работници: тие се физички посилни и прифаќаат да работат за минималец кој е 9.35 евра на час. Не се потребни само берачи на аспарагуси, вели Кер, туку и луѓе кои потоа ќе ги сортираат и достават до продажните места. Од германското Здружение на земјоделци велат дека сѐ уште не може да се процени колку берачи ќе недостасуваат годинава. Сѐ зависи од тоа како ќе се развива пандемијата.

Работата на полињата нема да опадне, само поради тоа што останатиот дел од светот ги стопира активностите. Исто така и земјоделците може да се инфицираат со коронавирусот.

„Земјоделските фарми треба да разјаснат како можат да продолжат да се грижат за своите животни или посев ако нема кој да работи “, советуваат од Здружението на земјоделци.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми