1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-расизам во земјата на моралот?

Данг Јуан
31 јануари 2020

Не смее секој кој кашла и изгледа азиски, да се смета за одговорен за избувнувањето на корона-вирусот. Обвинувања по слободна волја се погрешни, наметнувањето вина - несоодветно, оценува Данг Јуан.

Hongkong 2003 | Passanten mit Mundschutz zum Schutz vor Infektion
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Parks

Драма на летот на Луфтханза кон Кина во средата: Кинески патник започнал силно да кашла за време на летот. Освен тоа, навел дека две недели претходно бил во Вухан - милионскиот град, кој во моментов е во карантин поради корона-вирусот.

Во кабината се појавил немир. Како и да е, капетанот останал „кул“ и само продолжил да лета - авионот можел безбедно да слета на дестинацијата. Веднаш биле тестирани екипажот и патниците во околните редови. Неколку часа подоцна, олеснување - сомневањето за инфекција со корона-вирусот не беше потврдено.

Помеѓу сензибилизација и претерување

Брзото ширење на потенцијално смртоносниот вирус ги вознемири луѓето ширум светот. И, поради интензивното медиумско покривање, тие се запознаени со опасноста. Меѓутоа, границата помеѓу сензибилизацијата и претераната реакција неретко е флуидна: Азијците кои кашлааат во меѓувреме се прекоруваат со лоши погледи, како да се сите носители на новиот корона-вирус 2019-nCov. Поради оваа причина, еден Азиец во Хамбург дури бил и расно навредуван.

„Па, имаш ли ти кинески-вирус?" - ова прашање деновиве често го слушате само затоа што имате краток нос и ве мачи настинка. Терминот „кинески вирус“ навистина залажува кога е во прашање односот сторител-жртва: Кина повеќе од која било друга засегната земја страда од бранот на заразата и со историски уникатна транспарентност вложува максимални напори да го прекине синџирот на инфекции.

Повеќе:

-Расте бројот на жртви и заразени од корона-вирусот

-Корона-вирус: Не се заразувајте!

-Кинезите и корона-вирусот: Кому да се верува?

Во самата Кина, луѓето се дистанцирааат од ознаката „Вухан-вирус“, затоа што тој му определува колективна вина на целиот град. Бидејќи луѓето од Вухан не се причина за заболувањето и за претераната панична реакција, туку вирусот кој можеше да се појави на кое било друго место на Земјата. Во Вухан, каде властите советуваат да не се напуштаат домовите, милиони луѓе ја демонстрираат својата дисциплина и ја жртвуваат својата слобода на движење за да спречат натамошното ширење на болеста. Видеа што кружат на интернет ги прикажуваат жителите на една населба кои навечер преку отворените прозори разговараат со помош на мегафон  наместо да се сретнат.

Вирусот не ја мери должината на носот

Најдобра заштита од инфекција е редовното миење на рацете - ова е најважниот начин за минимизирање на ризикот. Сепак, не може да има апсолутна сигурност, посебно не во еден напреден глобализиран свет, каде покрај луѓето и стоките ширум светот патуваат и патогените. Од друга страна, избегнувањето контакт со луѓе само затоа што изгледаат азиски не нуди дополнителна заштита. За корона-вирусот важи следново: нему не му е потребна виза за ниту една земја и не ја мери должината на носот пред да нападне.

Императив за луѓето во овој час е солидарноста. Додека точно не се реконструира потеклото на вирусот, не помагаат ниту наметнувањето вина, паниката и, секако, ни расистичките коментари за наводните кинески стандарди за јадење или хигиена. Според она што е познато во моментов, корона-вирусот не е поопасен од бранот на грип, кој на годишно ниво се појавува во Германија. Значи, да ги надминеме психолошките пречки, да ја анализираме ситуацијата трезвено и разумно и да донесеме трезвени препораки за делување. Впрочем, Германија на кинески јазик се нарекува и „Де Гуо“ - земја на моралот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми