1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона-самит: Повеќе вакцини за сиромашните земји

Јан Валтер
22 септември 2021

Корона-самит на маргините на 76-то Генерално собрание на ОН треба да придонесе за тоа сиромашните земји да добијат повеќе вакцини

Tansanina | COVID-19 Impfstoff aus der COVAX Initiative
Фотографија: Domasa Sylivester/AP/picture alliance

„Прекрасно е што ве гледам и се надевам дека ќе се тестирате или вакцинирате, ако веќе не сте вакцинирани“. Вака американската амбасадорка во ОН, Линда Томас Гринфилд ги поздрави присутните, презентирајќи го автобусот – мобилен вакцинален пункт кој им стои на располагање на учесниците на 76-то Генерално собрание на ОН, кое се одржува од 21 до 25 септември.

Многу држави не ги следеа апелите да не ги испраќаат своите делегации во Њујорк, зашто собирот може да се претвори во настан за ширење на коронавирусот, туку да учествуваат виртуелно.

Кај некои држави вакциниран само еден процент од населението

Многу дипломати очигледно не ни можеле да се вакцинираат дома, што е последица на екстремно нерамномерната распределба на вакцини: додека во богатите земји купишта вакцини можат да пропаднат поради поминат рок, на  сиромашните не им стојат на располагање доволно дози дури ни за вакцинирање на дипломатите.

Според наводите на „Our World in Data", во Танзанија, Хаити, Туркменистан и други земји досега е вакцинирано помалку од еден процент од населението. Во цела Африка се употребени досега вкупно околу 135 милиони дози, што одговара на четири проценти целосно вакцинирани или шест проценти со една доза.

Во ЕУ, која има една третина од бројот на жителите на Африка, искористени се четирикратно повеќе дози, во САД уште повеќе. Кина, која брои многу повеќе жители од Африка, искористила веќе две милијарди дози вакцини против Ковид-19.

Донирањето вакцини во застој

Сите се единствени дека тука нешто мора да се промени, барем декларативно. Кина, Индија, Обединетите Арапски Емирати и Германија се приклучија на иницијативата Ковакс,  основана во април 2020 од Франција, ЕУ и Организацијата на ОН за здравство, со цел вакцини да добијат и земјите кои не можат да ги платат.

САД досега само спорадично лиферуваа вакцини на свои партнери, во јули претседателот Бајден најави донирање  половина милијарди дози вакцини, меѓу останатите и на  Ковакс,  а сега на маргините на Генералното собрание на ОН свика и корона-самит. 

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

00:47

This browser does not support the video element.

Амнести Интернешнл и СЗО инсистираат на напредок

Организациите за човекови права и организациите за хуманитарна помош одамна бараат на глобалниот Југ да му се обезбедат конечно повеќе вакцини. АИ во најнов извештај ги нападна посебно западните фармацевтски концерни кои упорно ги штитат своите патенти, иако вакцините ги развија и со користење милијарди долари јавни средства наменети за истражувања. Тие треба да го споделат своето знаење и да овозможат производство низ цел свет, гласи барањето.

АИ на оваа тема гледа и обврска на државите: „Вакцините против Ковид-19 треба да бидат пристапни за секого, а владите треба тоа да го овозможат“, истакна генералната секретарка на АИ, Агнес Каламард при објавувањето на извештајот. Во преостанатите 100 дена од годинава, во земјите со најмали и многу ниски примања треба да бидат испратени две милијарди дози вакцини, за да се вакцинираат 40 % од светското население, е целта на Светската здравствена организација.

Тоа на прв поглед изгледа многу амбициозно, но анализите на податоците на Ерфинити покажуваат дека само во почетокот на септември само во Северна Америка, ЕУ, Велика Британија и Јапонија ќе преостанат околу 500 милиони дози, до крајот на годината со сегашното темпо на производство на вакцини, можат да бидат и 1,2 милијарди дози. И тоа без споменатите држави да мора да го намалуваат своето сегашно темпо на имунизирање.

Лекари без граници: „Нужен е трансфер на технологија“

И лекари од Германија истакнуваат дека веројатно нема да можат да ги искористат сите лиферувани дози до истекот на нивниот рок. Според анализи на Ерфинити, до крајот на годината во богатите земји можат да пропаднат неискористени околу 100 милиони дози вакцини, затоа се инсистира тие да им бидат што побрзо поделени на земјите на кои им требаат.

Тоа е можно и пожелно, вели Елизабет Масуте од Лекари без граници, но претпоставува исклучително компликувана логистика. Освен тоа, таквата постапка остава простор и за нерешени прашања околу одговорноста. Наместо тоа, што повеќе вакцини треба да се слеваат кај програмата Ковакс: „Тоа е важен чекор, зашто тука логистиката е најбрза.“

Но, ни тоа нема да биде доволно. За да се покријат потребите на глобално ниво и посиромашните земји да станат понезависни, треба таму да се организира производство и да се трансферира технологија, вели Масуте, истото што го бара и Амнести Интернешнл.

„Пред сѐ фирми како Модерна и Бионтек мора да ја трансферираат својата мРНК технологија, за и другите земји да можат да вршат производство и на лице место да може да се види како вакцините да се приспособат на различните вирусни варијанти“, вели Масуте.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми