Корона-пандемијата ги направи богатите побогати, а сиромашните посиромашни, оценува организацијата Оксфам. Само десетте најбогати луѓе во светот би можеле со својата добивка да ја финансираат вакцината за цело човештво.
Реклама
Почетокот на Светскиот економски форум во Давос секоја година е придружен од студијата за глобалната нерамнотежа во светот што ја прави невладината организацијата Оксфам. Годинава, кога форумот се одржа виртуелно, критичарите од Оскфам констатираат дека поради се' подлабокиот јаз помеѓу екстремно богатите и екстремно сиромашните светот го има зафатено „вирус на нееднаквост“.
„Додека илјада најбогати луѓе во светот можат да ги надополнат своите загуби од корона-кризата за само девет месеци, на најсиромашните ќе им биде потребна повеќе од една деценија за да опорават од економските последици од пандемијата“, оценуваат авторите на студијата на Оксфам.
Ново годинава е што речиси во сите земји економската нееднаквост се продлабочува - и во индустриските држави, и во земјите во забрзан подем, и во земјите во развој.
Според авторите на студијата на Оксфам, најбогатите во светот веќе ја имаат оставено кризата зад себе. Богатството на десетте најбогати луѓе во светот во декември 2020 година било поголемо за речиси петстотини милијарди американски долари од она шт го поседувале во февруари 2019 година и сега изнесува 1,12 илјади милијарди американски долари. „Оваа добивка би била повеќе од доволна за да се вакцинираат сите луѓе во светот против Ковид-19 и да се обезбеди никој да не осиромаши како последица на пандемијата“, констатира Оксфам и предупредува од „најлошата криза со работа во последните 90 години, со стотици милиони луѓе кои загубиле плати или работа“.
Кои се најбогати?
Во групата од десет најбогати луѓе во светот Оксафм ги сместува основачот на Амазон, Џеф Безос, шефот на Тесла, Илон Маск, големиот акционер на концернот за лускузна стока ЛВМХ, Бернар Арно и неговата фамилија, како и Бил Гејтс од Мајкрософт, Марк Закерберг од Фејсбук, Лери Елисон од Оракл, американскиот легендарен инвеститор Ворен Бафет и коосновачот на Гугл, Лери Пејџ. Списокот на најбогати го комплетираат Жонг Шаншан од Кина со неговата марка на минерална вода Нонгфу Спринг и шефот на индискиот концерн Рилајенс, Мукеш Амбани.
На германската листа на супер богати што ја прави Оксфам, како и во годините претходно, доминираат основачот на Лидл, Дитер Шварц и големите БМВ-акционери, Сузане Клатен и Штефан Квант.
Активистите на Оксфам анкетираа речиси 300 економисти ширум светот и во својата анализа се потпираат врз изјави на „водечки истражувачи на нееднаквоста“, како американскиот економски експерт Џефри Сакс, индиската економистка Џајати Гош и францускиот економист Габриел Закман, кој предава на калифорнискиот универзитет Беркли. Огромно мнозинство од анкетираните економисти - 87% - очекуваат „како последица на пандемијата да се 'зголеми' или 'многу зголеми' нееднаквоста во примањата во нивната земја“. И Светска банка предупредува дека во 2030 година повеќе луѓе може да живеат во сиромаштија отколку во времето пред короната, се нагласува во студијата на Оксфам.
Во меѓувреме, стравот од последиците од се' подлабокиот јаз помеѓу сиромашните и богатите стигна и до организаторите на Светскот економски форум. Тие се особено загрижени поради младите и предупредуваат дека „двојно уништена генерација расне во време на изгубени шанси“. Во актуелниот извештај за глобалните ризици, Светскиот економски форум предупредува и дека губитниците од пандемијата, во прв ред млади луѓе, „губат доверба во денешните економски и политички институции“.
И додека визионерите на Светскиот економски форум разговараат за поставување нови приоритети, реформа на системот, поголема дигитализација и поголема меѓусебна соработка со цел - надминување на кризата, барањата на претставниците на Оксфам одат многу подалеку. Тие сакаат промена на парадигмата која би водела кон „демократизација на економијата“ и „посилна поддршка на сиромашните и насочување на економијата кон општото добро“.
Нерамномерна распределба - животниот стандард во ЕУ
Разликите во животниот стандард во државите-членки на ЕУ се екстремни. Но, во зависност од начинот на кој се мери благосостојбата, постојат изненадувања, сиромашните земји немаат секогаш сиромашни граѓани и обратно.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker
Бугарија: Ниски социјални давачки, ниски плати
Бугарија се смета за најсиромашна членка на ЕУ и истовремено водечка во раширеноста на корупцијата. Според податоците на Германското друштво за надворешна трговија и инвестиции (Germany Trade and Invest), просечното бруто примање во 2018 година било 580 евра месечно. По приемот на Бугарија во ЕУ, многу млади луѓе и завртија грб на земјата, голем дел од нив со факултетско образование.
Фотографија: BGNES
Романија: Претпоследно место во ЕУ-економското рангирање
Идилата лаже: живописните историски центри во градовите, како овој во Брашов, се реставрирани со многу љубов. Но, со просечниот бруто домашен производ од 11.440 евра по глава на жител годишно (2019) земјата е само малку подобра од Бугарија. Податоците на Европската комисија велат дека просечната бруто плата во Романија лани била околу 1050 евра, додека во Германија- 3994 евра.
Земјата беше на пат да се опорави од последиците на должничката криза, за што посебно последните години придонесе туризмот. Но, поради корона-кризата, земјата повторно е под притисок и зависна од помошта од ЕУ. Во споредба со Германија, таа се смета за сиромашна, иако просечниот бруто домашен производ по жител од 17.500 евра годишно е двојно поголем отколку во Бугарија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/VisualEyze
Франција- земја на сопственици на куќи
Ако се суди според просечниот имот на Французите, тие се многу побогати од Германците. Со нето финансиски капитал од 26.500 евра (2018) по жител, Французите според информациите на осигурителната компанија Алијанц располагаат со 10.000 евра повеќе. Една од причините е што мал дел од Германците имаат сопствени недвижности. За разлика од нив, во Франција многу луѓе имаат стан и викендичка.
Фотографија: picture alliance/prisma/K. Katja
Италија - развојот стагнира, нема реформи, долговите се високи
Италија беше посебно тешко погодена од пандемијата на коронавирус. Сликите од Бергамо, епицентарот на заразата, го обиколија светот. По две децении економска стагнација, Италија е една од земјите која најмногу се надева на распределбата на корона-помошта од ЕУ. Со бруто домашен производ од 29.610 евра по глава на жител (2018), Италија се наоѓа нешто под просекот на ЕУ.
Фотографија: AFP/P. Cruciatti
Шпанија во страв од втор бран на коронавирус
По силниот пораст на бројот на нови инфекции со коронавирус, властите во Каталонија во јули повторно воведоа рестрикции и ограничување на движењето. Земјата е во висок степен зависна од туризам, тој изнесува преку 15% од БДП. Со бруто домашен приход од 26.440 евра по жител, Шпанија се наоѓа под просекот на ЕУ од 31.000 евра.
Фотографија: Reuters/N. Doce
Шведска - висок стандард, високи даноци, без корона-ограничувања
Шведска се обиде да помине низ корона кризата без да воведе рестрикции и обврска за носење заштитна маска. Цената беше висока, бројот на жртви е релативно голем. Со БДП од 41.180 евра по жител, Шведска според Евростат во 2018 година била на петто место зад Луксембург, Ирска, Данска и Холандија. И покрај високите даноци, Швеѓаните со финансиски капитал од 27. 511 евра по глава се пред Французите.
Фотографија: imago images/TT/J. Nilsson
Холандија - високо економско постигање, богати граѓани
Холандија припаѓа на т.н. „штедлива четворка“, група земји која одбива трансфер на финансиски средства во висина од повеќе милијарди евра без реформски предуслови на земји погодени од корона-кризата како Италија. Со бруто домашен производ од 46.800 евра по жител (2019), Холанѓаните се во врвот во ЕУ, тие предничат и при нето финансискиот капитал со преку 60.000 евра по глава (2018).
Фотографија: picture-alliance/robertharding/F. Hall
Германија: Богата држава со не толку богати граѓани
Досега Германија успешно се носеше со пандемијата. Но, економските трошоци се гигантски, извозот доживеа пад, бројни фирми се борат против банкрот. Како водечка економија во ЕУ, земјата има бруто просечен домашен производ од 41.340 евра по жител (2019). Меѓутоа, Германците во 2018 година просечно располагале со нето финансиски капитал од само 18.000 евра, додека во Италија тој е двојно поголем.