1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Додека да стигнеш до господ, ќе те изедат светците!“

Роберт Шварц | Кристијан Стефанеску | Адријан Могос
3 јули 2020

Сѐ повеќе луѓе се осудуваат да проговорат за условите за работа во месната индустрија „Тениес“ и за махинациите на кооперантски фирми од Романија. Романската редакција на Дојче веле тргна по трагите на информациите.

Deutschland | Rund 400 Corona-Infektionen in Schlachtbetrieb in Rheda-Wiedenbrück
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

„Работиме кај Тениес, сега сме во карантин и никој не се грижи за нас!" Со вакви и слични апели од регионот Гитерсло во германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија е преплавена романската редакција на Дојче веле. Откако колегите детално известуваа за лошите работни и станбени услови на работниците вработени преку посреднички и кооперантски фирми од Романија, романската редакција на ДВ стана главно место каде се обраќаат луѓето кои во време на корона-криза се оставени на цедило, како од страна на најголемата фабрика за преработка на месо во Германија, „Тениес", така и од романските фирми преку кои се вработени работници од Романија.

Телефонски ни раскажуваат за напорната работа во кланицата, за недостигот од заштитни мерки и често нехумани услови во нивните станови. Но, и за ненадејниот карантин во кој се препуштени сами на себе. Сето она за што нашите колеги со денови известуваат од регионот, одново се потврдува во нашите разговори со работниците. Полека се подига мрачната завеса која со години ја покривала мрежата на зависност, закани и лоши плати, па дури и експлоатирање.

Едноставен трик

Некои наши соговорници мирно ги опишуваат своите искуства, други се возбудени. Додека разговараме, во позадина се слушаат често и други гласови на луѓе кои исто така сакаат да го кажат своето мислење. Многумина се вработени кај Тениес со години, а некои само неколку месеци. Велат дека дошле во Германија преку кооперантски фирми од Романија. Тие фирми, според истражувањата на Дојче веле во Романија и Германија, во Германија како евтина работна сила вработуваат десетици илјади луѓе. Трикот е едноставен: во Романија преку оглас бараат работници за берба на јагоди и аспарагус, или работа во кланици. Договорите се потпишуваат уште во земјата од каде доаѓаат тие работници. Работниците тоа обично ги чини 100 евра. Трошоците за превоз исто така често ги плаќаат самите работници, повратен билет чини 240 евра.

Повеќе:

Како е да се живее во жариште на коронавирус?

Бивш работник во кланицата „Тениес“: „Ноќе слушав колеги како плачат“

Коронавирус: Мувлосаните домови на работниците во кланицата Тениес

Случај „Тениес“ во Германија: 650.000 луѓе назад во карантин

Во огласите се наведува дека е загарантирана минимална сатница од 9,35 евра. Дневно за стан се пресметува седум евра. Значи, 200 евра за кревет во стан во кој заеднички живеат неколку лица. Потоа се пресметуваат и останати „давачки". Иако во договорот се ветува плаќање на прекувремена работа, тие часови никогаш не стигнуваат на платната листа. Многу работници ни велат дека месечно заработувале меѓу 700 и 900 евра. Во неколку случаи прекувремените сати се исплаќани „на рака", значи на црно и спротивно на прописите на германската даночна управа.

Испраќање пари и издршка на цело семејство

Без оглед на неповолните услови во кланиците и сместувањето: некои жени и мажи со кои разговаравме не се целосно незадоволни од своите плати. Дури и ако кај многумина „отсекогаш постоело чувство" дека се измамени. Велат, платата сепак е двојно повисока отколку дома. Ако таму воопшто можат да најдат работа. Од парите кои секој месец ги испраќаат дома, зависи целото семејство.

Карантин во Ферл, каде живеат многу од работниците во „Тениес“Фотографија: picture-alliance/AP Images/M. Meissner

Иако раководителите и сменоводителите им биле Романци, малкумина работници имале храброст да прашаат дали е точно сѐ што стои на пресметката за плата. До надредените, кои се Германци, или пак до „големиот шеф" секако немале пристап. Познатата романска поговорка: „Додека да стигнеш до господ, ќе те изедат светците", често се повторува во нашите разговори. И уште една работа станува јасна: не сите кооперантски фирми од Романија се мета на критики. Но, многу често се споменува агенцијата „МГМ“ од Источна Вестфалија, чиј сопственик е Думитру Микулеску.

Добро поврзан бизнисмен од Романија

Нашето истражување во Романија покажа дека Микулеску контролира неколку компании во Германија и во Романија, од агенции за посредување при вработување до трговија со недвижности. Кариерата ја почнал во јужниот романски округ Дамбовита со одгледување свињи и живина. Според медиумски извештаи, осуден е правосилно на една и пол година во судењето за корупција во 2011 година. Сепак, Миколеску и натаму непречено ја извршувал работата. Овој бизнисмен бил во состојба да вклучи во мрежата членови на семејството и пријатели и да ги постави на важни функции, за на тој начин да ја контролира мрежата од компании, локални медиуми и државни власти. 

Како успешен претприемач, Миколеску станал и политички активен. Зависно од интересите во регионот, неколкупати ја променил политичката партија, од лево кон десно и назад. Чувме дека неколкупати вршел притисок и дури им се заканувал на неомилени конкуренти и политички противници. Се чини оти тоа не му помогнало многу: без никаков виден успех, Миколеску во 2016 година ѝ завртел грб на политиката. Оттогаш се концентрирал на својата постојано растечка мрежа на компании во Германија. 

Гласот дека Миколеску им се заканува на критичарите и ги става работниците под притисок, го следи и во Источна Вестфалија. Поради своите успешни „деловни модели" во последните пет години, па и во последните денови, беше тема на написи во весници како „Келнер штат анцајгер" или магазинот „Шпигел" деновиве. Молбата на Дојче веле за интервју остана без успех.

Работниците од Романија сакаат да се вратат

Карантинот во фабриката „Тениес" за неколку дена треба да биде укинат, а фабриката треба да почне со работа. Некои од работниците со кои разговаравме се вратиле во Романија непосредно пред затворањето и не сакаат веќе да работат за „Тениес“. Останатите се надеваат на подобри работни и животни услови, благодарение и на бројните медиумски извештаи за нивната несигурна ситуација. Во меѓувреме на интернет порталите повторно се појавуваат огласи во кои се бараат работници во Реда-Виденбрик. Во огласите се наведуваат значително подобрени услови.

Повторно ќе стигнат жени и мажи од Романија кои во својата татковина не можат да најдат добро платена работа. Многумина со кои разговаравме би сакале директно да ги преземе нивниот германски работодавач. Германскиот парламент за соодветниот закон кој тоа би го овозможил, може да расправа по летната пауза.

На дневен ред уште не е прашањето дали тој закон ќе важи за работа во земјоделството, градежништвото или службите за достава. За овие бранши и скандалозните услови исто така известуваме со години. Сигурно би бил силен сигнал ако Германија за време на претседавањето со ЕУ се заложи за европски стандарди кога станува збор за слободното движење на работниците. Во корист на работниците.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми