1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-хаос со сурогат мајки во Украина

Роман Гончаренко
25 мај 2020

Контроверзно видео од Киев со бебиња кои поради коронавирусот не можат да отпатуваат со идните родители е причина за многу насловни страници во медиумите. ДВ го истражуваше контроверзниот бизнис со сурогат мајчинство.

Ukraine Kiew | Coronavirus | Leihmutterfirma
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Supinksy

 „Многу сме среќни, конечно имаме свое дете. Целосно сме вљубени сме во неа.“ Јулија и Петер, брачен пар од Германија се радуваат на девојчето кое им се роди на почетокот на мај, а го носеше сурогат мајка од Украина. Долги години сонувале за свое дете, но сите обиди биле неуспешни, раскажува Јулија за ДВ. Двојката во моментов живее во еден комплекс згради на периферијата на главниот град Киев, кој приватната клинија Биотекском го вика „Хотел“ а станува збор за вид пансион за клиентите.

Градбата зад еден бетонски ѕид ограден со бодликава жица се погрижи за многу насловни страници во медиумите. Причината е видео од клиниката со апел за помош кое се прошири, а на кое се гледаат 46 бебиња кои чекаат да заминат со родителите, кои во најголем дел се од западните земји. Тоа е речиси невозможно поради затворените граници поради корона пандемијата.

Персоналот им праќа видеа на родителите во странство

Во дворот на „Хотелот“ се веат знамиња на земјите од кои доаѓаат клиентите во клиниката: Кина, Шпанија, Шведска,Италија. Го има и германското знаме. Оној кој сака да оди таму мора да носи заштитна маска и ракавици. Собите изгледат скапо и помалку кичесто наместени: старомоден мебел, релјефни тавани.

Всушност имињата на Јулија и Петер, двајцата над триесет години, во тексттов се сменети. Тие сакааат да останат анонимни, меѓу другото и поради фактот што во Германија е забрането сурогат мајчинство. Двојката имаше среќа и успеа да допатува во Украина кратко пред да се затворат границите. „Веднаш купивме карти и допатувавме тука. И потоа два месеци седевме овде во хотелот и чекавме да ни се роди ќерката,“ вели Јулија. Поголемиот дел од останатите двојки можат да си ги видат бебињата само на слика и видеа кои им ги испраќа персоналот. „Срцето ми е скршено. Токму првите недели се најважни за поврзување меѓу мајката и бебето,“ вели Јулија.

Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Fiedler

Безброј бебиња за двојки од странство

За разлика од многу западни земји сурогат мајчинството во Украина е легално и е профитабилен бизнис. Десетици агенции нудат вакви услуги. Нејасно е колку бебиња во земјата во моментов не можат да си заминат со идните родители дома поради корона пандемијата. Релевантните министерства не одговорија на прашањата на ДВ. Претставникот за човекови права во парламентот, Људмила Денисова во изјава за ДВ вели дека станува збор за над 100 бебиња.

Повеќе за пандемијата:

-Вирусот како временска машина

-Kако и кога завршува една пандемија?

-Коронавирус: Кога доаѓа вториот бран инфекции?

Оваа бројка е секако неофицијална и продолжува да расте. Исто така државата очигледно не контролира во какви услови се наоѓаат сега новороденчињата кои не се родени во големи клиники како Биотекском. „Доволно е нивните идни родители да знаат каде се,“ вели Денисова. Постојат индикации дека некои бебиња се однесени во изнајмени станови и ги чуваат бебиситерки наместо медицински персонал. „Сѐ зависи од агенцијата. Тешко е во овие (корона) времиња да се најде квалификуван персонал,“ објаснува Сергеј Антонов, директор на Центарот за репродуктивна медицина, приватна компанија од Киев. Условите и негата се различни. Дел од агенциите најверојатно работат илегално. „Никој не ги контролира, а не плаќаат ниту даноци,“ вели Антонов кој предупредува да се биде внимателен при изборот на ваква агенција.

Во Германија забрането, во Украина дозволено

За да може и покрај карантинот да се патува во Украина, на пример со чартер лет, на странски двојки им е потребна посебна дозвола од Министерството за надворешни работи од Киев. За тоа постојат два начини: повеќето се обидуваат преку амбасадата во татковината, а тоа трае со недели, меѓу другото и заради короната. Побрзиот пат е преку нивното биро, вели Денисова. Но, само малку двојки се запознаени со таквата можност.

При заминувањето дома двојките зависат од помошта од амбасадата, бидејќи таму добиваат документи за детето. „На Министерството за надворешни работи му е познат проблемот”, вели портпарол за ДВ. Амбасадата во Киев и покрај ограничувањата била на располагање “ за да даде поддршка на засегнатите фамилии и да овозможи заминување на новороденчињата во Германија”. 

Потешкотиите се во правните разлики. Во Украина родителите чии деца се износени од сурогат мајка се заведуваат во изводите на родени. Но, во Германија тоа не се признава. Сурогат мајчинство во Германија е забрането од етички причини. „По германско право основа за мајчинство е исклучиво чинот на раѓање на детето”, објаснува Марко Олденбургер, адвокат специјализиран за семејно право во канцеларијата „Розе и партнери”. „Според тоа украинската сурогат мајка има т.н.статусни права, а не германската”. Со татковството тоа не е така. “Ако детето потекнува од човекот чија сперма се користи за оплодувањето со согласност на мајката може да биде потврдено татковството и пред раѓањето”, вели адвокатот. Детето тогаш ќе има германско државјанство и може да отпатува во Германија. Дома во Германија ќе мора мајката да го посвои детето.

Барања за забрана на сурогат мајчинство 

Видеото со бебињата од Киев во Украина поттикна политичка дебата. Лицето назначено од претседателот за детски права, Микола Кулеба, се изјасни за забрана на сурогат мајчинство. Сличен став претходно имаше и Денисова која од Парламентот е назначена за прашања поврзани со човекови права, но подоцна ја релативизираше изјавата и се заложи за подобра законска регулатива. „Побарувачката за сурогат мајки од странство е голема. Забрана нема да го реши проблемот, туку ќе придонесе зачнувањето деца да цвета на црно”, вели таа.

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Supinksy

Украинското министерство за правда на прашање на ДВ одговори дека во 2019 се родени речиси 1500 бебиња од сурогат мајки по барање на двојки од странство. Кај околу 140 барем едниот од родителите има германско државјанство. Во 2018 бројот бил помал, односно биле пријавени околу 1100 такви родилки. До сега со години немало таква релевантна статистика. Многу украински жени од економски причини очигледно се подготвени да заработуваат со износувањето бебиња, повеќе од 15 илјади евра се плаќа за едно бебе. Просечна плата во поранешната советска република актуелно е околу 350 евра месечно, а кризата со короната остави многу луѓе без работа. „Без дилеми ова го сторив за моите деца”, изјави за ДВ една од сурогат мајките. Така сакала на тој начин да им овозможи „добар живот”.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми