Корупциски скандал во австрискиот Телеком
1 септември 2011Постојат обвинувања дека комуникациската компанија, што е делумно во државна сопственост, платила милиони евра на лобисти, кои подоцна ги трансферирале парите кај членови на бордот на директори и политички партии. Кругот што ги опфаќа оние што се под истрага се шири и сега веќе вклучува и поранешен заменик-канцелар.
Скандалот најпрво излезе на виделина преку внатрешна истрага, побарана од сегашниот борд на менаџери на Телеком Австрија. Така се откри дека во 2004-та година цената на акциите на компанијата најверојатно била манипулирана. Менаџерите на повисоки позиции во тоа време наводно направиле милиони и сега се под истрага.
Така, во Австрија се појавува еден од најголемите финансиски скандали во минатата деценија, а од Телеком Австрија велат дека милиони евра биле платени на лобисти, без некаква препознатлива услуга за возврат. Сомневањата се дека парите биле искористени за обезбедување мито за политичарите или за уплати во партиските фондови.
Поранешниот заменик канцелар и министер за транспорт, Хуберт Горбах е еден од неколкуте водечки личности, кои се во центарот на вниманието. Професорката по кривично право, Сузане Рајндл Краускопф вели дека уште многу ќе излегува на виделина.
„Секако дека не знаеме што уште ќе биде откриено, па затоа не би сакала сега да го нарекувам ’најголем скандал на деценијата’, но она што можеме да го кажеме од начинот на кој се шири, тој ќе биде меѓу најголемите во скорешната криминална историја“, вели оваа професорка по кривично право.
Автор: Кери Скајринг/ Александар Методијев
Редактор: Борис Георгиевски