1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата во Македонија се зголемува

Е.М.Фиданоска / фац11 јули 2016

Уверувањето дека приклучувањето во ЕУ ќе ја намали корупцијата се покажа погрешно. Балканските држави со голема корупција нема што да бараат во ЕУ, коментира „ФАЦ“ по објавувањето на новите податоци за поткупливост.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) на тема корупција на Балканот ѝ посветува и опширен текст и коментар. Во текстот со наслов „Балканот тоне во мочуриштето на корупцијата“, меѓу другото се наведува:

„Многу олигарси на Балканот едноставно ја имаат заробено државата и управуваат со владите, се жалат невладините организации како што е Центарот за истражување на демократијата (ЦСД) во Софија. 'Тоа е во полза на нивните сомнителни деловни интереси и на штета на општото добро', се вели во новиот извештај на ЦСД за корупција. Во Бугарија, дури и девет и пол години по приклучувањето на земјата на ЕУ, состојбата не е подобрена. Напротив, истражувањето на ЦСД покажува дека во 2007 година околу 17 проценти од возрасното население во Бугарија учествувало во поткуп, додека во 2016 година тоа го правеле дури 22%... Поткупувањето, меѓутоа, останува ендемска појава и во другите држави на Балканот, оценува Платформата за антикорупција Селди, во која се собрани 17 невладини организации од ЈИЕ. Од 2014 до 2016 година притисокот од корупција во регионот е само незначително намален и изнесува 26%. Во пет од деветте држави тој дури и се зголемил: во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и во членката на ЕУ - Хрватска. Корупцијата е намалена во Црна Гора, Србија, Турција и Бугарија... Најлоша е состојбата во Албанија, земја која исто така стреми кон ЕУ, оценува Селди. Таму половината од учесниците во истражувањето изјавиле дека барем еднаш годишно се приморани да платат поткуп. Четириесет проценти тоа и го сториле. Во Македонија и Босна 28 проценти од возрасното население платило поткуп, на Косово 22%, Во Србија и Црна Гора околу 20%. Најнизок е процентот во Хрватска и Турција - 9%, но тоа сѐ уште е многу повисоко од западните стандарди. Селди констатира дека се намалува ситната корупција, како на пример - поткуп на сообраќајна полиција, а истовремено се зголемува политичката поткупливост. Антиокорупционерите како пример го наведуваат енерегсткиот сектор на Балканот, кој зависи од нафта и гас од странство.“

Во коментарот по повод новите податоци за корупцијата на Балканот истиот весник оценува:

„Беше погрешно да се верува дека приклучувањето кон ЕУ ќе ја намали корупцијата. Во Бугарија поткупливоста дури е значително и зголемена... Сериозни организации за борба против корупцијата предупредуваат од 'заробување на државата' на Балканот. Тоа значи дека олигарсите со своите пари ги имаат цврсто во свои раце правосудството, управата и владата. Во земји кандидати за ЕУ во тековнава година од секој четврт граѓанин било побарано мито, секој петти тоа и го сторил. Во Албанија вредностите се двојно повисоки. Сѐ додека е така, овие држави нема што да бараат во ЕУ.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми