Корупцијата во Хрватска и натаму цвета
22 ноември 2014Соочувањето на актуелната хрватска власт со корупцијата бележи одредени начелни позитивни моменти, со исклучок на оние најделикатните корупциски активности- во сопствените редови. Имено, ноторен факт е дека не е посебно голем проблем воочувањето на туѓата недоследност и противзаконитост, посебно од владејачка позиција. Кога пред неполни три години коалицијата СДП-ХНС го презеде парламентарното мнозинство и мандатот за влада, позицијата и‘ беше во тој смисол идеална. Хрватската демократска партија ХДЗ зад себе им остави речиси раскошен избор на дубиози и веројатни инкриминации.
Сепак, во меѓувреме фокусот, логично, беше пренесен врз новата власт. Во првата година на мандатот, владата на СДП и ХНС ги надмина дури антикорупциските очекувања. Министерката за заштита на животната средина Мирела Холи беше натерана да поднесе оставка поради формално и споредбено мал непотистички прекршок. На сите во земјата им беше јасно-тоа се случи првенствено поради нејзината конфронтација околу далеку пообемен клиентализам со одделни влијателни министри, како на пример Радмир Чачиќ. Во поново време има неколку свежи случаи кои не и‘ ласкаат на владата.
Разочарувачки тренд
Да зе задржиме на неколку неодамна именувани министри: Михаел Змајловиќ, Ведран Морнар, Синиша Варга. Змајловиќ го презеде министерството за заштита на животната средина од Холи и денес во медиумите е присутен поради преселбата во нови простории, што се врши евидентно без водење сметка. Морнар, на чело на министерството за образование и наука, неодамна е затекнат во непринципиелен однос со јужнокорејската фирма Самсунг, која по се‘ судејќи му платила службено патување во таа земја. Новиот министер за здравство Синиша Варга скандалозно неодамна ги обвини новинарите дека се потплатени за напади врз државата, иако самата држава секторски е оптоварена со афери.
„Во социјализмот главно се среќававме со други проблеми, од недемократски политички притисоци до меѓунационални натегања, богатењето и вилите не беа во прв план. По социјализмот, либералната демократија донесе ситуација во која одеднаш корупцијата е централен и највидлив проблем, освен сиромаштвото на најсиромашните“, истакнува Ненад Мишчевиќ, професор по политичка филозофија на универзитетот во Ријека.
Според него, паѓа в очи една од главните причини зошто богатењето стана главен грев на политичарите: „На таквите поединци им е јасно дека на власт не остануваат неодредено долго за да можат бескрајно да уживаат во моќта, па трупањето богатство им е јасен приоритет“. Така, посакуваната поголема демократија во Хрватска се претвори во сопствена негација, во средство за исполнување на приватниот материјален интерес. Незадоволството на народот од сето тоа трае веќе долго и прашање е како процесот може да се сврти во општа корист.
Зорислав Антун Петровиќ, координатор на граѓанското здружение „Култура и етика“, а порано член на институцијата за решавање за судири на интереси и претседател на Транспаренси Интернешнл за Хрватска, се задржува на актуелната ситуација, но доаѓа до слична констатција како онаа од Мишчевиќ.
„Очигледно дека во Хрватска се‘уште премногу функционери освојувањето на мандатот го сфаќаат како освојување на плен. Тие се длабоко уверени оти со преземањето на должноста, граѓаните им ги подариле јавните ресурси и тие можат со нив да располагаат како ќе посакаат, наместо совесно и одговорно да ги управуваат“, смета Петровиќ.
Неизвесна борба со „октоподот“
Петровиќ притоа констатира-со новата власт се забележува жално продолжување на трендот од 90-те години на минатиот век: „Тогаш една партија беше толку доминантна што ги конролираше помалку или повеќе сите гранки на власта и се осмелуваше да прави што сака“. Ситуацијата, според него, нема да биде подобра додека не се сфати-сменувањето на функционерите првенствено е последица на лошата работа, а не периферно важните изјави.
„И, се разбира, кога конечно тие фамозни институции барем малку ќе го избегнат притисокот на политиката и почнат сериозно да ја работат својата работа“, вели Петровиќ.
Пресудна притоа може да биде помошта од натамошно залагање на организираните општествено структури, не само на официјалната власт. во развојот на демократијата-од јакнење на позицијата на независните медиуми, до моделот на резибор на народните претставници, а не паушално морализирање и теории на менталитет. Ненад Мишчевиќ заклучува дека е потребна поправка и на темелното општествено уредување, зашто капиталистичките системи создаваат проблем, а не нудат рецепт што би било добар за земјите на периферијата на ЕУ.
„Дали јавната сфера ќе успее да излезе на крај со ’октоподот’? Со задоволство би бил оптимист, но се плашам од преуранетост на тие надежи“, вели Мишчевиќ.