1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата како образец на животот во Србија

Владимир Миниќ/ Симе Недевски14 декември 2013

Здравство, полиција, образование...Речиси и да не постои област во српското општество во која нема корупција. Тоа што не може да се заврши по регуларен пат се завршува со мито. Само треба да се знае кого да се „подмачка“

Фотографија: picture-alliance/CTK

По речиси три децнии работа, Мирослав (вистинското име ѝ е познато на редакцијата) остана без работа. Фирмата банкротираше. Се обиде да најде нова работа, но никој не сакаше 60 годишен референт со средно образование. Набрзо тешко се разболе. „Со вградување 3 стента, веќе не бев способен за работа. Ги собрав сите потребни документи и поднесов барање за инвалидска пензија. Три пати бев одбиен. Бев очаен“, раскажува Мирослав. Кога изгубил надеж дека нешто може да се смени, ѝ се јавила една роднина, инаку медицинска сестра. „Се распрашав. Ти требаат 3.000 евра“, рече. Ѝ ги предал парите, но не знае во чиј џеб на крајот тие завршиле. Не го ни интересирало. Добил инвалидска пензија, а останатото, вели, сака да го заборави што побргу.

Законот ги обесхрабрува информаторите

Речиси сите граѓани веруваат дека корупцијата е штетна општествена појава, но мислењето се менува кога и самите ќе дојдат во ситуација со давање мито да решат некој проблем. Некои тоа го нарекуваат и нужно зло- не е праведно, но може да биде корисно. „Интересно е дека луѓето знаат дека прават нешто што не е во ред и се бесни поради тоа што се натерани да го сторат тоа, но немаат верба дека работите ќе се променат ако пријават корупција“, вели за ДВ Немања Ненадиќ од организацијата Транспарентност Србија. Државата, притоа, недоволно ги охрабрува луѓето да пријават корупција за која знаат. Кој ќе пријави дека некаде дал мито, ризикува и самиот за заврши в затвор. „Предлагавме уште пред една година да се смени Кривичниот законик, за да се овозможи пријавување на поголем број случаи на корупција“, вели Ненадиќ. „Сметаме оти не треба кривично да биде одговорен оној на кого му е изнудено мито и тоа го пријави, пред да се дознае за делото.“

Немања Ненадиќ од организацијата Транспарентност Србија.Фотографија: Medija centar

Истражувањата на Транспарентност Србија, покажаа дека граѓаните сметаат оти корупцијата е највкоренета кај политичките партии, правосудството, јавните и здравствени служби, а потоа во полицијата и во образовниот систем. Како што дознава ДВ, испит на еден од белградските факултети чини околу 1000 евра- поскап е доколку се полага во октомврискиот рок, бидејќи тој е последен воз за студентите. За добивање наставничка работа во внатрешноста на Србија треба да се платат неколку илјади евра. Сите оние на кои им се бара мито знаат за примерот на работникот во Патишта Србија, кој ја откри „Друмската мафија“. Иако со снимките докажа повеќемилионска измама, доби отказ!

Државата би морала да ги заштити информаторите, лицата кои ќе пријават корупција, вели за ДВ Владимир Радомировиќ, директор на невладината организација „Свирче“, на чиј интернет сајт граѓаните можат потполно анонимно (со заштитена ИП адреса) да пријават корупција. Се очекува наскоро и со закон да биде дефиниран системот за заштита на информатор. „Сега имаме Агенција за борба против корупција, која според законот не може да реагира на анонимни пријави, што ја ограничува во работата. Во тек е изработка на Закон за заштита и на информаторите, кој би требало луѓето да ги охрабри да пријават корупција. Со судска заштита на информаторите, со новиот закон би требало да бидат прецизирани и роковите во кои надлежните институции би морале да реагираат“, објаснува Радомировиќ.

Општествена дијагноза

Фотографија: fovito/Fotolia

Зачестеноста на незаконските дејности секако е одраз на состојбата на општеството. Културологот Ратко Божовиќ за ДВ вели дека митото и корупцијата се показатели за уривање на системот на вредности и на моралната интелегенција која наложува да не им правиме на другите она што не би сакале другите да ни го прават нам. „Нашето општество е одамна анемочно (општество во кое не се почитуваат законите). Митото и корупцијата станаа општа појава - образец на живеењето. Не се знае кој е полош во таа приказна, оној што дава или тој што прима. Тоа е пораз на човечката комуникација“, заклучува Божовиќ. Не е претерано да се тврди дека во корупцијата, на овој или на оној начин е вмешан секој граѓанин на Србија. Ако никогаш не земале мито, не значи дека никогаш не дале. А ако не е ни едното ниту другото, тогаш сигурно чуле приказни како онаа од почетокот на текстот- а корупцијата не ја пријавиле.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми