1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чудо во Скопје!

29 јули 2021

Едногласниот „проамериканизам” на сите политички партии сплотени околу тотемот Бехтел-Енка е поука која треба да ја имаме предвид при претстојните кавги и колнења во сто антикорупциски мајки. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Се случи чудо во Скопје! Волшебно чудо! Незапаметено во историјата на нашата независна библиска земја. Среде сите караници, непомирливости, остри судири, нашите политички партии сосе нивните мегафони одеднаш едногласно, унитарно, унисоно и утилитарно се согласија околу некаков закон за изградба на автопати. Несомнено проект од врвна стратешка важност за нашата земја и регионот, доверен на несомнено успешна, компетентна, професионално докажана компанија како што е Бехтел-Енка. Согласноста на сите политички партии од сите провиниенции беше постигната експресно и без резерва, на општо изненадување. И достојно на чудото – чудење.

Дотука нема ништо спорно. Сѐ додека од новинарите и медиумите контролирани од  ДУИ не проструија коментари дека какво било спротивставување на наведениот Закон е - ни помалку ни повеќе - чин на антиамериканска политика! Конкретно, коментарот беше упатен на адреса на Антикорупциската комисија. Тоа беше поводот за прво кревање веѓи на вчудовиденост. Кои дополнително ќе се кренат до сред чело поради несфатливиот молк на опозицијата (посебно на левичарите) кои инаку умеат да поттикнат вистинска хистерија поради цената на некоја булеварска жардинерија во Жданец. Но овојпат, и за баснословно повеќе пари од даночните обврзници, и власта и опозицијата си останаа неми небаре некој им ставил нож под галамџиските грклани.

Непомирени со свршениот чин на политиката, Антикорупциската ќе забележи дека се оставени сами во дебатата околу сиот процес поврзан со наведениот закон. Последната алка на нивната надеж, вршителот на должност Шеф на државата, ќе им го приреди следниот, завршен студен туш со покорно прифаќање на сервираниот закон, под комично „државничко” образложение дека „ете де, сите партии се имаат согласено околу Законот, ш'о сега”. За финалето да биде достојно на пародијата се погрижи американската амбасада, која излезе со коректен, значи антиамерикански, став на поддршка на Антикорупциската комисија и нејзината работа. 

Неподносливо дрска леснотија на носење одлуки без дебата

Горчината која ја почувствувавме во устите поради сета комедија на апсурдот е затоа што јавноста секако има причина да се радува на таков мега-проект, кој е насушно потребен на нашата земја. Таа радост беше контаминирана не поради Бехтел-Енка, не поради високата цена на проектот, туку поради неподносливо дрската леснотија на естаблишментот да носи одлуки без никаква дебата, далеку од очите на јавноста и без никаков механизам на набљудување, оцена или контрола на процесот во кој се има донесено одлука која длабоко задира во паричниците на граѓаните. Обидите легитимната љубопитност на надлежните институции и даночни обврзници однапред да се осуди и сатанизира со обвинувања за антиамериканизам само докажаа дека сомнежот за корупција не е претеран, туку сосема реален и оправдан. И вперен на адреса на сите - буквално сите! - политички партии од власта и опозицијата, вклучително и потстанарот на Водно.

Оттаму, навремената и јасна подршка на американската амбасада кон критиките на Антикорупциската комисија е акт за поздравување како дистинкција помеѓу државната политика на САД и интересите на приватната компанија Бехтел-Енка. Секако, и во тој став можеме да побараме или измислиме нијанси на дискутабилност или сомнеж, но во крајна основа нештата се сосема јасни. Дури и доколку е само протоколарно изнуден став, Амбасадата сепак го стори тоа што ниту една, ниедна надлежна домашна институција не ни помисли да го направи тоа за што е изгласана, надлежна или платена.

Би сакале да е поинаку, но во реалниот свет на парите и политиката изведбата на такви мега проекти е едноставно папочно поврзано со корупција и злоупотреба на средства. За жал, познавајќи ја природата на нашиот естаблишмент, прашањето за корупциски зделки поврзани со изградбата на автопатите од наведениот проект не е дали, туку колку средства ќе завршат во џебовите на помпезните про-Американци од власта и опозицијата. И колку и да звучи контрадикторно, поразително дури, тоа сепак не смее да биде причина за одлагање или (скраја да е) спречување на изведбата на проектот. Едноставно, важноста на изградбата на наведените автопати е од капитално значење за нашата комуникациска, стопанска, безбедносна и стратешка иднина, која не може, не смее да биде ставена под знак прашање поради корумпираниот „проамериканизам” на грст коруптократи.

Вистина за лажните кавги

Притоа, утешителното во оваа прилично политички бедна и морално одвратна епизода на нашиот севкупен политички естаблишмент е што на јавноста ѝ се стави на увид вистината за лажните кавги и ривалства помеѓу смртните ривали од политичката сцена. Едногласниот „проамериканизам” на сите политички партии сплотени околу тотемот Бехтел-Енка е навремена поука која треба да ја имаме предвид при претстојните кавги, вреви, понуди, ветувања, заложби и колнења во сто антикорупциски мајки во текот на предизборната кампања за локалните избори. Секако, и Мицкоски и Заев, и Ахмети и Села, и Касами и Апасијата нема да пропуштат можност со индигнација да порачаат дека „не се сите исти”. Но, токму на Бехте- Енка можеме да им се заблагодариме што на така јасен начин ни докажаа дека сепак можеме да им веруваме на сопствените очи и уши.

Други колумни од авторот:

Нашите „засновано на вистина” настани

Промена на ветриштата

Пиро, Ирена и Фабијан

Идентичноста доведена до непрепознатливост помеѓу партиите е логичен резултат на потрошеноста на темите и излитеноста на ликовите впрегнати во предизборните борби. Паролите за евроинтеграции повеќе иритираат отколку што мотивираат. Козметичките реформи на власта во чекор со отсуството на самокритика на опозицијата не оставаат премногу простор за подгревање на надеж дека гласањето е исплалтива инвестиција за позитивни промени. Ветувањата за „500 евра плата” или „крипто-валута за секое тредо новороденче” повеќе се прифаќаат како црнохумористички потсетник за мизерната сегашност отколку како поттик за верување. Среде таквата сеопшта незаинтересираност на јавноста, примерите како Бехтел-Енка се причина повеќе за сомнежите дека исходот е определен од потребата за испорачување на решенија за надворешните спорови и откочување на нашите интеграциони процеси.

Толерирање корупција во име на повисоки интереси

Но дали веќе самиот модел на „интеграции” израснува во најголемата пречка за самите интеграции, поголема и од спорот со Грција или сегашниот со Бугарија? Дали таквиот модел на прогледување низ прсти, на толерирање корупција во име на повисоки интереси, на „готвење книги” полни со „успешно заокружени реформи” станува демонстрација на нашата недоверливост, некредибилност и несериозност во пристапот кон ЕУ? И на крај, дали таквата однапред капарисана и беспоговорна поддршка, посебно од не-ЕУ земји, станува фактор на нашето руинирање и фатална самодеструкција? Жртвувањето на дебатата, отчетноста и транспарентноста во име на овој или оној потфат, оваа или онаа замисла е прифатлива како редок ексцес, како исклучок од правилото. Вклучително и во име на добивање на тие пусти преговори со ЕУ, издигнати безмалку до ниво на влез во Нирвана и крај на сите наши маки. Но, што доколку ексцесот стане навика, лесен фикс за секој тежок предизвик? Пропонентите на таквата „дај му тројка да помине година” филозофија несвесно забораваат дека дури и со добиени преговори, пред нас има мега серијал преговори со стотици други предуслови. Дали на секој од тие предуслови ќе пристапиме со следен ексцес на фингирани успеси и корупција во име на иднината на државата? И така, до крај, до бескрајна низа на учтиви одбивања на нашето членство.

Корупцијата кај нас е веќе ендемска култура, сега веќе и отворено прифатена, дури и глорифицирана од идеолозите на власта како суштина на нашето делување и дејствување. Надворешните поддржувачи, кои толерантно инсистираат на таквиот пристап, се можеби добронамерно настроени кон територијата на Македонија, но секако не и кон жителите на истата. Затоа, епизодата со Бехтел-Енка е колку илустративна за воспоставената култура, толку и предупредувачка за опасноста од прифаќањето на нетранспарентноста и неотчетноста како единствен преостанат модус вивенди на преживување, инструмент на влијание и модел на одлучување кој ќе нѐ следи децении по ред. Давањето поддршка на Антикорупциската е добредојден чин, вреден за поздравување. Но, сѐ додека таа поддршка е исклучок од правилото на поддржување на корумпираните и криминализираните, таа не може да биде оценета на ниеден друг начин освен како гол опортунизам.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми