1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово бара Србија да ги плати долговите за струја

16 јули 2011

Во исчекување на шестата рунда преговори меѓу Белград и Приштина, закажана за следната недела, се шпекулира дека на маса ќе се најдат прашањата околу телекомуникациите и енергетскиот сектор.

Фотографија: fotolia/Sergej Toporkov

Шефот на преговарачкиот тим на Белград, Борислав Стефановиќ, негира дека на шестата рунда преговори со Приштина во Брисел ќе стане збор околу долговите за струја на жителите од северниот дел на Косово. Според Стефановиќ, косовската страна со таквите изјави сака да ја убеди косовската јавност во неопходноста од продолжувањето на преговорите со Белград, како и дека тие се одвиваат во нивна полза.

Белград и Приштина во досегашните преговори успеаја да се договорат околу слободата на движење на граѓаните, матичните книги, а постигнаа и начелен договор околу нострификацијата на универзитетските дипломи. Според соопштението на косовската влада, тема на шестата рунда преговори со Белград ќе бидат телекомуникациите, енергетиката, слободната трговска размена, како и катастарот.

Србија треба да го плати долгот за изминатите 12 години?

Тахири: Долговите изнесуваат околу 24 милиони евра годишноФотографија: DW

Шефицата на приштинскиот преговарачки тим, Едита Тахири, наводно ќе побара Србија да ги плати сметките за струја, кои не ги платиле граѓаните од северниот дел на Косово. Таа не прецизира колкав износ треба да плати Белград, но нагласи дека посебен тим стручњаци работи на неговото утврдување. „Доколку српската страна се согласи со веќе подготвените предлози, тогаш Србија ќе мора да му плати на Косово сите долгови за околу дванаесет години, со помош на користење на линијата за енергетска трансмисија“, истакна Тахири. Според неа станува збор за околу 24 милиони евра годишно.

Шефицата на косовскиот преговарачки тим истакна дека Приштина се` уште не одлучила дали долгот ќе го бара од владата на Србија или од српските потрошувачи на електрична енергија.

Автор: ТТ/ЕМФ/танјуг, бета

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми