1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово бира локални власти

15 ноември 2009

Околу 1,5 милиони косовски граѓани денеска (15.11.2009) гласаат на локални избори. Многумина во процесот гледаат значаен тест за младата демократија во земјата. Изборите ќе ги набљудуваат речиси 20 илјади набљудувачи

Косово ги одржува првите локални избори по независностаФотографија: AP

За првпат од прогласувањето на независноста, а вкупно третпат од крајот на интервенцијата на НАТО во 1999 година, во Косово се одржуваат локални избори. За учество на изборите пријавени се 76 изборни листи, од нив 21 е на претставниците на српското малцинство во земјата.

Дел од Србите гласаат, дел бојкотираат

Косовскиот премиер Хашим Тачи во пресрет на изборите вели: „Овие избори се од извонредно значење за Косово. Тоа се први избори во независно, демократско, суверено и мултиетничко Косово. Изборите се од голем национален интерес и затоа е важно да поминат во демократска атмосфера. Тоа ќе биде потврда дека нашата млада демократија е на добар пат и дека Косово е мултиетничка држава. Верувам во целосен успех на овие избори, и успех на косовската држава“.

Косовските Срби од северот на земјата и овојпат одлучија да ги бојкотираат изборите, но и покрај тоа, за учество на изборите се пријавени голем број српски изборни листи, претежно од општините во централниот и јужниот дел. Српскиот министер за Косово и Метохија, Горан Богдановиќ смета дека оние кои имаат намера да излезат на изборите ги загрозуваат обидите на Србија да го одбрани својот територијален интегритет и суверенитет.

Србите од северниот дел повторно ќе ги бојкотираат изборитеФотографија: AP

Од друга страна, српските претставници, и покрај повиците на бојкот, веруваат дека овие локални избори претставуваат историска шанса да се преземе одговорноста во раководењето со општините во кои Србите се мнозинство.

Две локални самоуправи

Заменикот-претседател на косовскиот парламент, Слободан Петровиќ вели: „Ние секогаш сме отворени за соработка со претставниците на државните институции на Република Србија, но исто така ние сакаме да имаме и една автентична политика која ќе се заснова на интересите на луѓето кои живеат овде и на она што се нарекува живот“.

Државниот секретар во српското Министерство за Косово и Метохија стравува од понатамошни поделби и конфликти. Во април минатата година во општините каде што живеат мнозинство косовски Срби, Србија организираше сопствени локални избори. Оттука, на Косово би постоеле паралелни институции кои би се сметале за легитимни.

„Јас се плашам токму од тоа. Тоа е за жал една реална можност и една голема опасност, затоа што Србите како и сите други балкански народи често на еден груб начин го изразуваат своето политичко несогласување. Во оваа ситуација на мал простор ќе имаме две локални самоуправи кои ќе се сметаат за легитимни и тоа, порано или подоцна, ќе доведе до судири“.

Автор: Бахри Цани/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми