1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово да се дели?

11 мај 2007

Нема шанси за незваисно Косово, регионот треба да се подели – ваков е ставот на последниот германски амбасадор во поранешна Југославија, Ханс Јерг Ајф околу решението за статусот на Косово. Тој денеска во текстот со наслов “Србите во Србија, Албанците во Албанија”, објавен во весникот “Зидојче Цајтунг”, пишува:

Косово
КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

”Преговорите за идниот статус на Косово би морало да се сметаат за пропаднати. Планот на Ахтисари за независноста на Косово нема да биде прифатен од страна на Советот за безбедност на ОН, зашто Русија и Кина ќе стават вето. Против признавање на Косово како држава зборува поделбата што ја има од војната од 1999 година. Поделба на Косово во сегашната ситуација би прифатиле само Србите. Албанците не би прифатиле зашто на тој начин би го загубиле северниот дел на Косово, богат со јаглен и боксит. Потребата на Албанците за сопствен идентитет би можела да биде задоволена во рамките на Албанија, на тој начин што би добиле автономија. Владата во Тирана подобро би ги штитела малцинствата кои би останале на Косово. Тоа би имало повеќе смисол отколку автономијата што Белград му ја нуди на Косово, во рамки на Србија”, пишува последниот германски амбасадор во Југославија, Ханс Јерг Ајф, и додава:

”Притоа интернационално би морало да се гарантира дека албанските територии веќе нема да се прошируваат. Зашто,

Албанци живеат и во делови на Македонија, Србија, како и во граничните региони на Црна Гора и Грција. Мора да се сочува и територијата на Босна и Херцеговина. Зашто договорот за статусот на Косово не смее да доведе до тоа – Србите и Хрватите да добијат надеж дека можат да се отцепат и да се спојат со своите матични земји – Србија и Хрватска, според мотото – ако е можна промена на границата во еден дел на поранешна Југославија, зошто тоа не би било можно и во друг?

Вакво решение на статусот на Косово би морало да се донесе на меѓународна балканска конференција, со учество на државите од регионот, како и претставници на Албанците во различните земји. Потврдата на ваквото решение од страна на Советот за безбедност потоа не би требало да е проблем. Поделбата на Косово меѓу Србија и Албанија може да биде во полза на траен мир во регионот отколку продолжувањето на статусот кво или развој на ситуацијата со преземање еднострани чекори. Освен тоа, вакво решение има предност што протекторатот во Косово би можел да биде завршен за догледно време. Државите во конфликтот и народите на тој начин би можеле да се концентрираат на обликување на својата иднина во Европа”, се вели во текстот “Србите во Србија, Албанците во Албанија”, чиј автор е последниот германски амабсадор во бившата СФРЈ, Ханс Јерг Ајф, кој во 2001 година беше испратен и за политички претставник на НАТО во Македонија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми