1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово е земја со многу проблеми

Беким Шеху
16 февруари 2018

Дијалогот со Србија трае 6 години и не му се гледа крај, граѓаните сѐ уште чекаат визна либерализација, ЕУ не е јасна во Стратегијата за проширувањето- така Косово ја дочекува 10-годишнината од прогласувањето независност

Kosovo - 10 jähriges Unabhänhigkeitsjubiläum
Фотографија: DW/B. Shehu

Десет години по прогласувањето независност - проект поддржан од мнозинството демократски земји - Косово е признато од 115 земји во светот. Во текот на овој период е затворено меѓународното надгледување на независноста, започнат е дијалог за нормализација на односите со Србија (кој не е завршен), основан е Специјален суд за воени злосторства и се продолжува со обидите Косово да се приближи кон европските структури, иако граѓаните и натаму не можат слободно да се движат во Шенгенската зона.

Европската унија и натаму е неутрална кога станува збор за косовската независност, иако 23 земји членки ја признаа таа независност. Во најновата Стратегија на ЕУ за Западен Балкан, во делот за Косово се наведува: „Косово има можност за одржлив напредок низ спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и да го унапреди својот европски пат, кога тоа ќе го дозволат објективните околоности.“

Друг пат освен дијалог - нема

Косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ со Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика МогериниФотографија: Europäische Kommission

Иако косовските политички лидери ја критикуваат Стратегијата на ЕУ, односно оној дел кој се однесува на Косово, претставничката на Унијата на Косово, Наталија Апостолова, оценува дека Стратегијата во суштина „не прави никаква разлика меѓу Косово и другите земји во регионот, затоа што пред Косово и натаму стои долг пат до фазата на интегрирање. Условите и критериумите се исти, процесот на проширување и натаму е заснован на постигнатото и друг пат нема. ЕУ не може и нема да увезува билатерални недоразбирања, тие би требало да се решат пред зачленувањето. Косово, но и Србија, би требало да ги интензивира обидите за нормализација, затоа што друг, алтернативен пат - нема“, нагласува Апостолова.

Меѓу надеж и реалност

По прогласувањето независност Косово се соочи со големи теми кои се однесуваат и на неговата сувереност. Тоа предизвика стагнација на очекувањата на граѓаните, оценува за ДВ аналитичарот од Приштина, Наим Рашити. „Реалност е дека косовското општество немаше искуство во изградбата на институции, ниту имаше проекција како независноста ќе се движи во наредните години - како ќе изгледа десеттата, како дваесеттата годишница од независноста... Ветувањата кои се дадени во тоа време повеќе беа надежи отколку реалност. Косово, по прогласувањето независност, се соочи со големи прашања кои се однесуваат на внатрешниот и надворешниот суверенитет, а тоа ја забави целосната консолидација на независноста и пречеше на материјализирање на очекувањата“, вели Рашити.

Повеќе:

Габриел: За влез во ЕУ, Србија треба да ја признае независноста на Косово

Косово: Специјалниот суд на чекање

60 косовски Албанци со обвиненија за воени злосторства

Косовскиот аналитичар е на мислење дека и покрај сета стагнација по прогласувањето на независноста, на Косово се забележани и успеси. „Има успеси, завршено е надгледувањето на независноста на Косово, има признавање од 115 држави и земјата е донекаде консолидирана. За луѓето кои се блиски до политичките процеси тоа се истакнати достигнувања, додека за општеството и новите генерации тие достигнувања се недоволни. Но, оваа десетгодишнина косовското општество ја дочекува во некој вид депресија, затоа што земјата не успеа да ги исполни минималните очекувања на граѓаните кога станува збор за секојдневниот живот, здравството, образованието, јавните услуги... Постигнат е, значи, евидентен напредок кој за политичките структури е задоволувачки, а за најголемиот дел од општеството тој е нецелосен“, вели Наим Рашити.

Бројни предизвици

Една од обврските од дијалогот со Србија која Косово сѐ уште ја нема исполнето е основање Заедница на српски општини (ЗСО). Претседателот Хашим Тачи, кој во 2013 година во својство на премиер го потпиша Договорот за нормализација на односите со Србија, неодамна ја потсети владата на Косово на, како што рече, „неисполнетата меѓународна обврска која се однесува на основање на ЗСО“.

Косовски полицајци во Митровица по убиството на Оливер Ивановиќ (16.01.2018)Фотографија: picture-alliance/AA/E. Keci

Од друга страна, аналитичарот Бљерим Бурјани оценува дека „главни предизвици за Косово остануваат јакнењето на редот и законот, посебно функционирањето на правниот систем, борбата против корупцијата, непотизмот, проширување на целосниот суверенитет на северот на земјата, основање Вооружени сили, имплементација на Договорот за Заедницата на српски општини, ратификација на демаркацијата на границата со Црна Гора, либерализација на визите, економски развој, здравствена и социјална заштита и европски интеграции.“

Бурјани укажува и дека на Косово му се потребни поголеми поттици од страна на ЕУ, во смисла на покажување добра волја за интергациски процеси.

Одржете го зборот!

Во очи на одбележувањето на десетгодишнината од прогласувањето независност, Косово до крајни граници ги заостри односите со меѓународната заедница, кога 43 пратеници во парламентот поднесоа иницијатива за укинување на Специјалниот суд за воени злосторства, основано според закон изгласан во 2015 година. Дебатите околу тоа прашање траеја повеќе од еден месец, за по големиот меѓународен притисок лидерите на земјата - претседателот Тачи, парламентарниот спикер Весељи и премиерот Харадинај - да се изјаснат јавно дека Законот за Специјален суд нема да биде укинат, иако, како што рекоа, и натаму го сметаат за историска неправда.

Изјавата дека Законот нема да биде укинат беше поздравен во заедничка изјава од претставниците на САД, Германија, Франција, Италија и Велика Британија во Приштина. „Од косовските лидери очекуваме да го одржат зборот, а од косовските институции да ја почитуваат таа подготвеност. Само поддржувајќи го владеењето на законот и со обезбедувањето правда за сите жртви Косово може да ја афирмира својата зрелост како држава и подготвеноста за општа интеграција во Европа и во меѓународната заедница“, се наведува, меѓу другото, во изјавата на претставниците на петте земји.

Многу граѓани на Косово сакаат да заминат во Западна ЕвропаФотографија: Armend Nimani/AFP/Getty Images

Одговорноста е во рацете на политичарите

Пред десет години, потсетува политичкиот аналитичар Имер Мушкољај, очекувањата на граѓаните од нивната земја биле многу поголеми. „Работите не се движеа како што беше замислено ниту кога станува збор за воспоставување држава ниту во други области. Косово денес е земја со многу проблеми, а за многумина е место со мрачни перспективи кое повеќе служи на интересите на политичката класа, а помалку на граѓаните. Одговорноста за таквата состојба ја сноси политичката класа која со своите постапки и својот пристап и доведе до стагнација на работите.“

Не е лесно да се создаде една земја, свесен е Мушкољај, но со поголема и поодговорна посветеност на политичкото раководство ситуацијата би била многу подобра, смета тој. „Во текот на целата мината декада Србија го попречуваше создавањето држава Косово. Доколку не се постигне финален договор за признавање на државноста, проблемите само ќе се зголемуваат. Договорот меѓу двете земји би требало да се постигне што побрзо, со посредство и со гаранции на САД и ЕУ. Тоа позитивно би влијаело на воспоставување на државата Косово“, вели Мушкољај.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми