1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово е на крстопат

Коментар на Фабијан Шмит19 март 2008

Еден ранет украински полицаец на ОН, ранет во безредијата во понеделникот во Митровица, почина. Повеќе од 150 лица се повредени, 63-ца од нив полицајци на ОН и војници на Кфор.

Сцени од безредијата во МитровицаФотографија: AP
Во основа станува збор за тоа дали меѓународната заедница ќе дозволи на северот на Косово да настане паралелна држава, или Србите што живеат таму ќе се интегрираат во институциите на Косово. Во првиот случај паралелната држава би била силно насочена кон Белград. Поради вакуумот на легитимитет и на власт, таа би била подложна на влијание на организираниот криминал. Косово ни долгорочно не би се смирило. Во вториот случај на подрачјата со мнозинско српско население уставно би бим била гарантирана највисока мера на колективни права и би уживале обемна самоуправа. Граѓаните би можеле да се чувствуваат безбедни, оти би важеле принципите на правната држава. УНМИК и Кфор, значи, треба да се погрижат консеквентно да спречат создавање вакуум на власт во северниот дел. Затоа, тие во иднина уште во зародиш мора да спречат вакви насилни ексцеси. Не смее да се толерира нетолеранција Безредијата од март 2004-та ја поучија меѓународната заедница дека ни за еден ден не смее да го испушти од раце монополот на сила. Поука од искуствата од Босна и Херцеговина е дека се исплати консеквентно постапување против националистите. Безбедност и правна држава за сите граѓани можат да бидат гарантирани само ако и припадниците на малцинствата и вратените бегалци ќе можат да се чувствуваат безбедни насекаде и во секое време. Не смее да се толерира нетолеранција, инаку сите граѓани се губитници. Лутината на многумина Срби поради прогласувањето независност на Косово не смее да биде оправдание за насилствата. Не може да има ни сомнение во правната заснованост на постапувањето на меѓународните безбедносни сили: УНМИК и Кфор и натаму дејствуваат врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, која им дава мандат за дејствување. Актуелната дебата за легитимацијата и мандатот на Еулекс, мисијата на ЕУ на Косово, нема никаква врска со ова. Косовските Албанци мора да им подадат рака на умерените Срби Сега е важно да се охрабрат умерените сили во Белград да ги изолираат насилниците. Белград може да го стори тоа, како што покажа и српската полиција уште минатата недела, кога ги спречи српските ветерани од косовската војна во маршот кон границата на Косово. Од друга страна, подеднакво е важно и на косовските Албанци јасно да им се каже дека успехот на косовската државност зависи пред се’ од нивната промисленост. Тие сега дотолку повеќе мора да им подадат рака на умерените Срби и на едноставните луѓе во српските енклави и да ги вклучат во демократската и правна држава Косово. Во ова се повикани сите, не само владата - помирувањето почнува уште во детска градинка, на училиште, во спортско друштво и во нормалното соседство. Таква директна соработка меѓу луѓето би требало со проекти да поттикнува и меѓународната заедница.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми