1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово е социјално буре барут

17 февруари 2010

Две години по прогласувањето независност најголема закана за стабилноста на Косово е тешката економска состојба. Поради сиромаштијата и корупцијата постои можност за поголеми социјални немири.

Се’ повеќе невработени на улиците на ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

Според податоците на Светска банка повеќе од 45 проценти од населението на Косово е сиромашно, 15 насто пак живее во екстремна сиромаштија. Речиси половина од Косоварите немаат работа, додека просечната месечна плата изнесува 230 евра.

Феми Красниќи работник од Приштина вели дека со неговата плата од само 185 евра е невозможно да води нормален живот со неговото семејство: „Во ваква криза е многу тешко со ваква плата да се прехрани петчлено семејство. Не знам што треба побргу да обезбедам. Платите се ниски, а цените многу, многу високи.“

Арбнор Кастрати продава книги на улица. Тој нема редовни примања и поради тоа е принуден постојано да прифаќа различни работи за да може да преживее: „Пред војната можеше со платата да прехраниш десетчлено семејство. Сега мораат седум членови на семејството да работат за да може истото семејство да преживее. Нашиот животен стандард е многу низок.“

Европски стандарди на живот- африкански плати

Голем број Косовари заработуваат за живот продавајќи на улицаФотографија: picture-alliance/ dpa

Економскиот аналитичар Ибрахим Реџепи смета дека би било погрешно ако се очекувало дека со независноста ќе се решат сите проблеми сами од себе. „Јасно беше дека дури тогаш ќе започнат внатрешните економски и социјални проблеми.“

Сафет Ѓерѓалиу потпретседател на Трговската комора на Косово предупредува дека без економски развој не може да има ниту политичка стабилност: „Во Косово денес важат европски стандарди на живот додека платите се на африканско ниво. Тоа не е добар знак. Косово е како буре барут што ќе експлодира еден ден. Секој ден има некакви протести во здравствениот систем, но и во судството и полицијата. И кога полицијата на една држава се жали и не е задоволна, тоа со сигурност за една влада е најлошиот сигнал.“

Многу експерти предупредуваат дека Косоварите повеќе не се задоволни само со патриотизмот и независноста. Тие конечно сакаат подобри услови за живот. На прашањето на Дојче веле колку е реално опасноста за масовни социјални протести во Косово, претседателот Фатмир Сејдиу вели: „Секој човек има право да го искажува своето мислење, и преку протести и штрајкови. Институциите мораат во согласност со буџетските можности да пронајдат соодветни одговори. Но, од тоа не треба да биде загрозена стабилноста на земјата.“

Корупцијата е најголема болка

Независноста засега не носи подобар животФотографија: picture-alliance/ dpa

Еден од најголемите проблеми на економијата на Косово е фактот дека речиси и да нема домашно производство: „Фактот дека 92 проценти од сите производи, кои можат да се најдат во продавниците во Косово се увезени од странство е доказ дека ние извезуваме само пари. Со тоа не можеме да оствариме економски просперитет. За нас тоа е горко но мора да признаеме дека Косово го кофинансира економскиот развој на Србија, Македонија, Црна Гора и Албанија,“ вели Сафет Ѓерѓалиу.

Во последните две години намален е и бројот на странски инвестиции, а вината според експертите е во лошата инвестициска клима и големата корупција: „Ни недостасуваат правни основи и функционирачки институции. Парламентот нема контрола врз владата, а да не говориме за контрола на корупцијата“, истакнува Ибрахим Реџепи. Неговиот колега Ѓерѓалиу пак дополнува дека во Косово има премногу корупција со вклученост на државните власти, и затоа е речиси е невозможна борбата за правна држава, иако е јасно дека нема друга алтернатива: „Доколку нивото на одговорност не биде повисоко, и доколку на Косово не започне борба против корупцијата, криминалот и монополизмот, ќе ја загубиме и борбата за иднината.“

Автор: Бахри Цани/Зулфија Јакупи/Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми