1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и Крим не се исти

Верица Спасовска / Превод: Б. Георгиевски13 март 2014

Во 1999. година НАТО воено интервенираше во косовскиот конфликт, без мандат од Советот за безбедност на ОН. Денес, Русија интервенира во Крим - исто така без мандат. Споредбата сепак не држи, смета Верица Спасовска.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Она што во моментов се случува во Крим и начинот на кој Западот тоа го претставува, имено како јасно прекршување на меѓународното право, Србите и Албанците го следат со особен интерес. Особено, откако поранешниот германски канцелар Герхард Шредер оцени дека иако Москва го прекршува меѓународното право, истото го сториле и западните земји пред 15 години, кога НАТО без мандат од Советот за безбедност на ОН интервенираше во косовскиот конфликт.

Мислење во кое Шредер не е осамен и дискусија која повторно го враќа Косово во вниманието на јавноста. До денес, независноста на Косово е контроверзна, дури и меѓу земјите-членки на ЕУ. Грција, Романија, Словачка, Кипар и Шпанија не ја признаваат неговата независност. Пред сѐ, поради стравот од сопствените малцинства и нивните сецесионистички тенденции. Дури ни пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој во 2010. оцени дека независноста на Косово не е во спротивност со меѓународното право, не го промени ставот на овие земји. Оттука и тврдењата дека Западот на Косово го прекрши меѓународното право се вода на водениците на оние кои го обвинуваат Западот за двоен морал. Но, дали со право?

Косово како преседан

Точно е дека воената интервенција на НАТО околу Косово не беше според меѓународното право, и тоа и до денес останува црна точка во аргументацијата за акцијата на Алијансата. Но, треба да се потсетиме дека токму Русија беше таа која во Советот за безбедност се противеше на воената интервенција, повикувајќи се на забраната за мешање во внатрешната политика на други земји, која е втемелена во меѓународното право. Но, тоа не ја спречи Москва сопствената интервенција во Крим да ја претстави како наводна обврска за заштита на сопствените руски граѓани во Украина.

Верица Спасовска, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Споредбите на Косово и Крим не држат. Во Косово, воената мисија на Западот беше резултат на масовните прогони кои југословенската војска ги спроведуваше над Албанците. Таков етнички прогон на Русите на Крим не се случи. Во 1999. сѐ уште беа свежи сликите од геноцидот на босанските Срби над Бошњаците во Сребреница. Меѓународната заедница беше убедена дека нов геноцид на Балканот, овојпат над Албанците, мора да биде спречен. Пред да дојде до воени акции, Западот ги исцрпе сите дипломатски средства. Воените потези уследија дури откако долгогодишните санкции, проследени со преговори, не вродија со плод.

Легитимација на моќта

Сепак, интересно е што Москва пред референдумот на Крим се обидува со косовскиот аргумент да го образложи спојувањето на Крим со Русија: Западот го ослободи духот од шишето кога го призна независно Косово, па сега ќе мора да го проголта и Крим, велат во Кремљ. Но, ни тоа „не држи вода“ бидејќи Западот не планираше да го спои Косово со некоја соседна држава. И во Србија се чудат на московското толкување на меѓународното право. До вчера, српските политичари беа сигурни дека косовскиот конфликт на Москва и‘ служеше како застрашувачки пример кој покажува каде води западната политика на воени интервенции. А сега во Белград гледаат како нивните пријатели во Москва всушност го прогласуваат Косово за добредојден преседан кој ги легитимира интересите на руската моќ. Таквите вербални акробации се провидни. Бидејќи Косово не е Крим.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми