1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и решавањето на конфликтот околу него играат централна улога за целиот регион

Нада Штајнман 11 јули 2007

Интервју на неделата: соговорник е д-р Јохана Дајмел, заменик раководител на Друштвото за Југоисточна Европа и експерт за Балканот. Македонија на патот кон ЕУ и Косово се теми во разговорот што го води Нада Штајнман.

Џамија во ПриштинаФотографија: DW/Sand

ДВ: Македонија некогаш секако ќе стане членка на ЕУ. Политичарите, но и граѓаните во земјата многу и‘ се радуваат на таа перспектива и се надеваат дека имаат добри шанси за влез во ЕУ. Но, знаците од Европа покажуваат дека Македонија се‘ уште не е зрела за преговори за членство. Што мислите Вие, колку далеку е стигната Македонија на патот кон ЕУ?

Д -р Јохана Дајмел: Македонија има статус на кандидат за прием од декември 2005-та година и надежите се секако насочени кон почеток на преговорите, но доколку се погледнат внатрешно политичките настани во Македонија во изминатите година и половина, тогаш е јасно зошто преговорите на можат да почнат. Имено, со кого да преговара ЕУ, кога во земјата се создаваат такви затегнати и конфликтни односи. Меѓу принципите на ЕУ за членство спаѓа и тоа дури и во тешки ситуации да постои заедништво околу поставените цели. Дури сега, откако ДУИ се врати во парламентот, може да се зборува за комплетен парламент што функционира за да можат да почнат и реформите.

Македонија секако има перспектива за пристапување кон ЕУ, но сега таа е на потег. Политичарите во земјата треба да ги обединат силите и да ги поттикнуваат неопходните реформи. Знаците од Брисел се сосема јасни: евро-комесарот за проширување Оли Рен рече дека нема да има прием во пакет, туку секоја земја поединчено мора да ги исполни критериумите.

Што се однесува пак конкретно до шансите што се поврзуваат со претседателството на Словенија во 2008-та, односно на можната поддршка од Словенија за почеток на преговорите со Македонија –сметам дека таа опција не е исклучена.

Самиот прием меѓутоа секако ќе дојде подоцна. Дури и ако почнат преговорите, тие се многу тешки, тоа може да се види и на примерот на Хрватска. Таа навистина прави големи чекори напред, но станува збор за долготраен процес. Освен тоа мора да се земат предвид и внатрешните односи во ЕУ. Што подобро некоја земја е подготвена и што подобро се презентира на надвор, дотолку подобро е и расположението меѓу членките на Унијата за прием. Тоа е во моментов првата и најважна задача на Македонија.

ДВ: Непостоењето готовност за политички дијалог во Македонија го успорува темпото на реформите. Меѓутоа има и други пречки. Во што, според Ваше мислење, е проблемот што Македонците, кои толку ангажирано работат за зачленување во ЕУ, сепак не постигнуваат голем напредок?

Д -р Јохана Дајмел: Мислам дека во Охридскиот договор, кој беше изработен најдобро што беше можно, се отвораат големи можности за консензуално донесување одлуки, за поврзување на сите етнички групи и сите сили. Но, сметам дека сега токму тоа се претвори во тежок камен на сопнување за натамошните реформи. Станува збор за интерпретацијата на Охридскиот договор. Од албанскиот табор, но пред се‘ од ДУИ, Бадинетеровото правило се интерпретира така да тоа треба да се прошири на широки подрачја од животот. Но, со тоа е програмирана блокада на политичкиот процест, бидејќи и при одлучувањето за поедноставни прашања би се вклучувало ова правило за малцинствата. Со тоа во тешките преговори при донесувањето на политички одлуки, каде треба да се решава според принципот на најдобро решение, дополнително се комплицира ситуацијата со вмешување на парцијалните интереси на етничките групи. Така во целиот политички процес етничката димензија доби поголема тежина, наместо таа да губи на важност –ова второто беше цел на Охридскиот договор. Тоа е сега големиот товар што се крие во Договорот и тоа стана јасно и при формирањето на сегашната македонска влада. Во таа ситуација ДУИ одигра многу тешка и критична политичка карта.

ДВ: Во врска со решавањето на прашањето за Косово се слушаат предупредувања дека тоа би можело да има негативни последици за ситуацијата во регионот и посебно за Македонија. Постои страв на пример од отцепување на западниот дел од земјата, населен претежно со албанско население. Што мислите Вие, какви последици може да има за Македонија стекнувањето независност на Косово?

Д -р Јохана Дајмел: Дека Косово и решавањето на конфликтот околу него играат централна улога за целиот регион, тоа е сосема јасно. За сите соседни држави е од решавачка важност како ќе биде решено прашањето на статусот. Мислам дека доколку косовските Албанци, односно нивната влада е доволно мудра, тогаш ќе прифати примена на предлогот на Ахтисари, без оглед на тоа како ќе биде прогласена независност. Во рамките на преговорите околу тој план косовските Албанците покажаа неверојатно голема подготвеност на компромис, што се случи исто и во Македонија само во обратна насока, таму подготвеноста на компромис одеше во прилог на албанското малцинско население. Излегувањето пресрет на барањата на српското малцинство на Косово во планот на Ахтисари, пак, оди до границата на одржливост на севкупното функционирање на покраината.

Мислам дека не би било во ничиј интерес, ниту на Македонија, ниту на Косово доколку дојде до отцепување на делови од Македонија. Мислам дека перспективата за интеграција во ЕУ може да се реализира и да донесе заедничка, подобра иднина, само доколку луѓето се концентрираат на соодветните вредности, на демократските принципи, а не на ревизија на границите. Многу се надевам дека времињата на воено решавање на конфликтите се дефинитивно минато.

Кога ќе се погледнат анкетите на јавното мнение во Македонија, тие покажуваат дека 80% од населението, и тоа без оглед на етничката припадност, се чувствува дома во Македонија и ја признава како сопствена држава. А етничката компонента игра мала улога. Затоа политичарите во Македонија треба да го имаат постојано пред очи интересот на населението за просперитетна иднина. Таа пак може да биде само во интегрирана Европа, во која границите повеќе не играат никаква улога.“

ДВ: Знаеме дека во Советот за безбедност на ОН има длабоки поделби околу прашањето на статусот на Косово. Во последно време се размислува и за тоа дали независноста е вистинското решение. Како, според Ваше мислење, ќе се развие ситуацијата околу Косово?

Д -р Јохана Дајмел: Мислам дека во наредните денови ситуацијата нема суштински да се измени, бидејќи опциите за преговори се веќе поднесени. Русија е таа која создава потешкотии и не се сложува со пасусот во планот на Ахтисари, што препорачува надгледувана независност. На критичарите сега им се излегува пресрет дотолку што се најавуваат нови преговори. Но, тие преговори меѓу Србите и Косоварите мораат да бидат навистина суштински. Тоа значи, ако веќе повторно се отвори целиот пакет, тогаш на крајот мора да стојат конкретни резултати, а не како на претходните договори што беа блокирани од српска страна. Значи може повторно да се преговара, но не и за темелното решение што предвидува надгледувана независност. Значи тоа не може да се менува.

Можно е формулата на независноста во иднина уште и да се ослаби, но треба да биде јасно оти косовската политика едногласно беше и е насочена кон независност. Доколку тоа би се поместило за подалечна иднина, тогаш во ситуацијата гледам и потенцијал за конфликти. Тие прво ќе се создадат меѓу ривалските политички движења и групи на Косово, но можат да се манифестираат и како нереди, па и оружени конфликти. Од таа гледна точка неоходна е голема претпазливост. Преговорите што сега се нудат треба да бидат конструктивни, на тој начин им се излегува пресрет на задршките на Србија и на Русија. Проблеми и задршки меѓутоа нема само во Советот за безбедност, преку отпорот на Русија, туку и во рамките на ЕУ има земји каде постои сомнеж и отпор кон сегашното решение за статусот. И овде нема единствено гледиште и тоа би била најголемата опасност, имено, ЕУ да се подели. Доколку Унијата дозволи да се создаде раскол по ова прашање, тогаш тоа би било најлошо сценарио како за Унијата, така повратно и за целиот регион.

ДВ: На Балканот луѓето често велат, со соседите секогаш е тешко. Дали Бугарија и Грција, како членки на ЕУ, се проблематични за Македонија или пак можат да помогнат за забрзувањето на нејзиниот пат кон ЕУ?

Д -р Јохана Дајмел: Посебно кај најкомплицираниот сосед, Грција, јас ја набљудувам ситуацијата од двојна перспектива. Грчката амбасадорка во Македонија неодамна само јавно го формулираше она што ионака зад затворени врати е сосема нормално, имено, дека спорот околу името е бесмислен и дека грчката страна треба да се сврти кон реалните факти, како и кон иднината. Семето за големата прашина што околу таа изјава се крена во Грција меѓутоа беше посеано уште во времето на големите националистички движења во Грција по 1991-та година, по независноста на Македонија. За мој поим спорот е релативно ирационален и се одигрува на ниво кое не соодветствува со политичката реалност, бидејќи Грција фактички стана еден од најголемите поддржувачи на Македонија, таа ги има и најголемите инвестиции во северниот сосед. Дотолку повеќе Грција би морала да биде заинтересирана за стабилна, добра и долготрајна соработка со Македонија. Грција не би смеела да го блокира целиот процес на интеграција на Македонија во ЕУ само поради спорот околу името. Македонија и‘ е директен сосед на Грција и посакувам луѓето таму да се откажат од вербалните борби и да се свртат кон реалноста и меѓусебната соработка, како што тоа го побара и сменетата амбасадорка на Грција во Македонија. Грција тоа и го прави во реалноста што се случува под разбрануваната реторика.

Бугарија како нова членка на ЕУ е сигурно важна за Македонија, бидејќи може многу да и‘ помоигне. Јас тоа многу го посакувам, а верувам дека и доаѓаат содветни сигнали од Бугарија дека има желба да и‘ се помогне на Македонија во овие тешки процеси спроти преговорите за прием. На тоа поле Бугарија може да пружи соодветна техничка помош, како и да стои на располагање за размена на драгоцени искуства. Од бугарска страна мислам дека има ангажман во насока на помош, конструктивно следење на процесите и поддршка за Македојија. И мислам дека во Бугарија треба принципиелно веќе да се надминати сите евентуални иредентистички аспирации кон Македонија, во контекст на европското заедништво.

Инаку Јохана Дајмел неодамна ја објави публикацијата „Балканска Призма„ во која се собрани ставови и анализи на повеќе од 40 експерти за случувањата на балканот и во Македонија. Издавач на книгата која е печатена на англиски јазик е Ото Загнер од Минхен, Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми