1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово на курс на конфронтација

Анила Шука
26 ноември 2018

Косовската влада воведе казнени царини на увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина. Косовскиот народ во голема мера ја поддржува одлуката. Германија и ЕУ не се воодушевени, исто како и соседните земји.

Grenze zwischen Kosovo und Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Sokolov

Цената на лебот во Косово се покачи за една третина. Од седумдесет до сто камиони кои секојдневно ја поминуваа косовската граница носејќи стока од Србија, во петокот имаше само седум. Косовците пак ја славеа одлуката на премиерот Харадинај кој два дена претходно најави покачување на казнените царини против Србија и Босна и Херцеговија на 100%. Во Приштина се појавија пароли со порака „Денес јас сум 100% држава". И медиумите со големо воодушевување ја поздравуваат одлуката на обично контроверзниот премиер.

Едногласни беа и реакциите надвор од Косово: негодување има не само кај засегнатите земји туку и кај Европската комисија. Високиот претставник на ЕУ за надворешнан политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан побараа одлуката веднаш да се укине. Слична реакција дојде и од Германија: „Ја повикуваме владата во Приштина да ја повлече одлуката," се вели во одговорот од Министерството за надворешни работи на прашање на Дојче Веле. Бидејќи одлуката на косовската влада е прекршување на Договорот за слободна трговска размена ЦЕФТА.

Србите во Рударе протестираат поради косовските царини за српски производиФотографија: Reuters/L. Hasani

„Загрозена безбедност"

Во Приштина поинаку гледаат на работите: премиерот Рамуш Харадинај веќе следниот ден испрати писмо до амбасадите во Косово, во кое ја образложува одлуката. Тој се повикува на Анекс 1, член 18 од договорот на ЦЕФТА во кој секој член може да донесува одлуки „за заштита на сопствените безбедносни интереси". Харадинај кон соопштението прикачил и една листа на активности според кои Србија со поддршка на Босна и Херцеговина ја загрозува безбедноста на неговата земја.

Меѓу другото тука е и најновата кампања на Србија да ја спречи третата кандидатура на Косово за членство во Интерпол. За Косовците беше големо разочарување дека гласаа помалку земји, отколку што се надеваа, односно 68 – иако 110 земји ја признаа независноста на Косово. Србија, која го смета Косово за свој дел од територијата, го смета гласањето за сопствена победа. Претходно беше неуспешна и кандидатурата на Косово за влез во УНЕСКО. Премиерот Харадинај ќе ја укине одлуката за царините, кога двете земји ќе го признаат Косово како држава.

Повеќе: 

Тензии на Косово- нема невини

Косово против Србија: Кредибилитетот на ЕУ на испит

Косово повторно не доби членство во Интерпол

Германија негодува

Геманија го поддржува членството на Косово во Интерпол. Германската канцеларка Ангела Меркел му вети поддршка на косовскиот премиер. Но одлуката на косовската влада да воведе казнени царини за Србија и Босна и Херцеговина за Германија е неразбирлива. Петер Бејер, известувачот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Парламентарната комисија за надворешни работи ја оцени оваа одлука како сигнал против договорот за Стабилизација и асоцијација меѓу Косово и ЕУ. „Владата на Косово без одлагање да ја укине одлуката. Нормализација на односите подразбира нешто друго, " вели Бејер во интервју за ДВ. Тој појаснува дека „трговските спорови мора да бидат разрешени во телата формирани за таа намена и преку пропишани процедури."

Косовската влада не отстапува од одлуката за царинење српски и босански производиФотографија: picture-alliance/AP Photo/Kosovo Goernment

Загрозен српско-косовскиот дијалог

Со тоа се мисли на ЦЕФТА, со која во моментов претседава Косово. На 6. декември земјата е домаќин на конференција на министрите за трговија и индустрија. Меѓу учесниците се и Босна и Херцеговина и Србија. Цел на гремиумот е преку економски врски да се зацврстува стабилноста во регионот. Дали тоа уште е можно по одлуката на Приштина, е под знак прашалник. Србија и БиХ ја бојкотираа подготвителната сесија и најавија дека нема да учествуваат ниту на средбата на министрите.

Србија и БиХ засега не планираат да преземат контрамерки. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека дијалогот со косовската влада може да продолжи дури откако ќе бидат укинати царините од страна на Косово.

За нарушените односи на релација Приштина – Белград придонесе и рацијата во петокот на северот на Косово, кога косовските специјални сили уапсија тројца Срби кои се поврзуваат со убиството на опозицискиот политичар Оливер Ивановиќ во јануари 2018. година.

Уметнички протест на Презерат Галица против обврската за визи за КосовцитеФотографија: Rrezeart Galica

Нема изгледи за либерализација на визите

Патот на конфронтација на Приштина косовскиот новинар Енвер Робели, кој живее и работи во Швајцарија, го интерпретира како еден вид повик за помош. Според него токму Србија ги поддржува паралелните структури на северот на Косово каде живее мнозинство Срби и каде се шиканираат Косовците кои патуваат во Србија. „Тоа до сега го толерираа и ЕУ и САД", вели тој. „Затоа таквата мерка ја гледам повеќе како повик за помош насочен кон САД и ЕУ, да извршат притисок врз Србија за да престане со таа политика на дестабилизација."

Друга причина може да се и сигналите од земјите на ЕУ, дека годинава сѐ уште нема да дојде до посакуваното укинување на визите за косовските граѓани, иако либерализацијата на визниот режим беше препорачана од Европската комисија и кон крајот на септември годинава усвоена и од Европскиот парламент. Многу земји, меѓу кои и Германија, изгледа си оставаат уште простор додека ја донесат одлуката. Дури ни Петер Бајер кој е голем приврзаник на визната либерализација, смета дека тоа нема да се случи пред мај 2019. година. Во Косово незадоволството е големо, особено што е единствена земја од Западен Балкан, за која и натаму важи обврската за виза за патување во Шенгенската зона.

Известувачот за Косово од редовите на Зелените во Комитетот за надворешни работи, Мануел Сарацин, нагласува дека Косовците имаат право на либерализација на визниот режим: „Поставените услови од ЕУ се исполнети. Визната либерализација не е подарок на Косовците, туку дел од договор кој сега мора да биде исполнет и од страната на ЕУ", вели Сарацин во разговор со ДВ. Но, и покрај тоа Сарацин ја критикува политиката на ескалација на Приштина и апелира двете страни да му се вратат на конструктиовниот дијалог. „Без да се одржуваат добрососедски односи, пристапувањето на двете земји во ЕУ ќе се одложи на подолго време", вели Сарацин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми