1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово нема потреба од српска стока

7 август 2011

Владата во Приштина е одлучна во намерата во потполност да спроведе реципрочни мерки кон Србија поради непризнавањето на косовските царински печати. Како на тоа гледаат продавачите и потрошувачите во Косово?

Призрен, продавници во центарот на градотФотографија: picture-alliance/ dpa

На таканаречениот „Шип-шоп“ пазар, најголем во регионот на Призрен, од каде наголемо се снабдуваат сопствениците на маркети и помали продавници, голем дел од магацините се затворени. Дали поради Рамазан, или поради други причини, никој не сака да каже. Присутните имаат различно мислење за реципрочните мерки кон Србија. Цените се` уште не се зголемени, но не се знае до кога ќе биде така, доколку наскоро нешто не се промени.

„Брашно, концентрат и друга сточна храна, шеќер и вештачко ѓубре досега увезувавме од Србија. Во моментов ги трошиме резервите, и ако вака продолжи ќе останеме без работа и јас и моите седум браќа со семејствата. Јас ги разбирам патриотските причини, но од нешто мора и да се живее“, вели еден локален Албанец кој сака да остане анонимен.

На дваесетина метри од него, сопственикот на друг магацин, Беким, исто така продава брашно и вели дека нема проблеми. Му останало уште малку брашно од Србија, но веќе обезбедил алтернативно снабдување.

„Пченицата што доаѓа од Франција е со подобар квалитет од онаа од Србија. Од неа во нашите силоси се произведува многу квалитетно брашно. Имаме се` помалку потреба за брашно од Србија. И потрошувачите полека се навикнуваат на новите производи, меѓу кои и оние од Бугарија, Албанија и Македонија.“

Судири на косовско-српската граница кај преминот ЈарињеФотографија: dapd

Македонските производи замена за српските

Шчипон Кастрати повеќе од 30 години увезувал градежен материјал од Војводина, но во иднина вели дека тоа ќе го прави од Македонија.

„Досега увезувавме цигли од Кањижа. Но, блокадата го стори своето и веќе речиси и да немам ништо на лагер. Градежната сезона е во полн ек и затоа веќе стапивме во контакт со производители во Македонија и веќе ја добивме првата пратка цигли и блокови.“

Во големите маркети, барем на прв поглед, има доволно стока. Навистина, повеќето е од косовско производство, но менаџерите „не се тука“ па нема кој да говори на таа тема. А што мислат потрошувачите?

„Сега повеќе сме ориентирани на домашните производи, но цените полека растат што не е добро за нас, граѓаните. Додека имаше роба од Србија, имаше поголема понуда и конкуренција, а со самото тоа и пониски цени. Сега нема конкуренција, па цените растат.“

„Не, апсолутно ништо не ми недостасува од Србија. Слушам по продавниците дека недостасуваат некои артикли, но тука ни се блиску и Албанија и Македонија и ќе стигнеме до таму за малку пари“, велат дел од граѓаните на Косово.

Автор: Рефки Алија/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми