1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово не може да го дестабилизира регионот

23 јуни 2010

Косово денес не претставува фактор на дестабилизација на регионот и со тоа на Македонија - изјави за Дојче Веле шведскиот парламентарец Бјорн фон Сидов, известувач за Косово на СЕ. ПС на СЕ усвои резолуција за Косово.

Фотографија: AP GraphicsBank

Предложената резолуција и препорака со која се бара поголема вклученост на Советот на Европа на Косово, покрај другите меѓународни партнери како ЕУЛЕКС И ОБСЕ, беа усвоени со огромно мнозинство гласови.

Парламентраците од 47 земји членки на Советот на Европа, сметаат дека поголемото ангажирање на паневропската организација, може да придонесе за подобрување на нормите во областа на демократијата, човековите права и владеење на правото. Истовремено, тоа може да му дозволи на населението на Косово да ги ужива сите права за кои се залага и ги брани Советот на Европа.

Меѓу другото, до властите на Косово и Србија е упатен повик за флексибилен став за регионалната соработка за да се олесни учеството на нивните претставници на меѓународни собири без оглед на прашањето за статусот, што може само да придонесе за стабилноста на целиот регион.

Присуството и акцијата на меѓународните сили на Косово е додатен фактор за стабилностФотографија: AP

Известувачот и предлагачот на усвоената резолуција и препорака, шведскиот парламентарец Бјорн фон Сидов, е оптимист за иднината на Косово.

„Да, јас сум оптимист. Но, сепак останува уште многу да се направи, потребни се длабоки реформи под меѓународен мониторинг, ова под услов ако се води сметка и ако има поддршка за содржината на мојот извештај, тогаш сум оптимист. Тоа бара уште поголеми напори како од косовските, така и од српските власти, но не можам да речам дека не сум оптимист.“

Во дебатата дојде до израз и поделбата меѓу парламентарците поради се‘ уште конечно недефинираниот статус на Косово. Констатација е дека ситуацијата се стабилизира.

„Ситуацијата на Косово е во фаза на стабилизација, тоа се должи на релативно позитивниот развој внатре во земјата, но и на нејзините граници. Присуството и акцијата на меѓународните сили е додатен фактор. Денес не го гледам Косово како негативен фактор кој влијае врз стабилноста на регионот“, вели за Дојче Веле известувачот Бјорн фон Сидов.

Инциденти на границата има, но тие не се фактор на дестабилизација

Тој исто така тврди дека Косово не претставува фактор за дестабилизација за соседните земји и пред се‘ за Македонија.

„Јас се повикувам на шведски извори кои тврдат дека општо земено нема опасност од ескалација, исто како и за стабилноста на границата. Постојат инциденти на границата, но моите извори ми велат дека тие инциденти не се фактор на дестабилизација.“

Македонија, која го призна Косово, има добра соработка со соседот

Македонскиот парламентарец Александар Николовски, го дели размислувањето на Фон Сидов и смета дека она што се случува на Косово се одразува на целиот регион, а не само на Македонија.

„Факт е дека она што се случува на Косово има влијание и во околните земји. Дали Косово ќе биде фактор на стабилност или нестабилност, тоа зависи од политиката на косовските политичари, но исто така и од соседните земји и меѓунардоната заедница. “

Николовски, додава дека во моментов има позитивен развој на настаните со воспоставувањето на демократските институции и дека Македонија, која го призна Косово, има добра соработка со соседот:

„За Македонија Косово е пријател и сметам дека треба да остане така“, заклучува тој.

ПС на СЕ одлучи да отвори дијлаог со претставниците на политичките сили на Косово за прашања кои се од заденички интерес, водејќи сметка за легитимните интереси на Србија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми