1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Нови избори, стари партии

Беким Шеху | Вилма Филај-Балвора
24 декември 2020

Уставниот суд го прогласи изборот на премиерот Хоти за неважечки бидејќи во гласањето учествувал пратеник осуден за измама. Со ова најмладата држава во Европа повторно е исправена пред нови избори.

Kosovo Avdullah Hoti
Фотографија: Office of the Kosovo prime minister

Според одлуката на највисокиот суд на Косово изборот на владата на Авдулах Хоти од Демократската лига на Косово (ЛДК) на 03.06.2020 бил можен само благодарение на гласот од еден пратеник кој според Уставот немал ни право да биде член на парламентот. На гласањето Хоти доби поддршка од 61 од 120 пратеници и го замени реформаторски настроениот премиер Албин Курти од лево ориентираната партија „Самооопределување“ кој на функцијата беше од февруари годинава.

Оттогаш „Самоопределување“ бара нови избори. Партијата на Курти е таа која поднесе жалба до Уставниот суд против владата на Хоти. Сега доби и правна потврда: Парламентот мора да биде реизбран најмногу за 40 дена. До тогаш кабинетот на Хоти треба да продолжи да управува како преодна влада.

Поранешната југословенска провинција која е независна уште од 2008 година, од ноември 2020 има и преоден претседател. Вјоса Османи е вршител на функцијата откако избраниот претседател Хашим Тачи од Демократската партија на Косово (ПДК) поднесе оставка бидејќи против него беше покренато обвинение од Хашкиот трибунал за воени злосторства. Но, според Уставот Османи функцијата може да ја извршува само уште четири месеци. 

Фотографија: DW/Bekim Shehu

Партиите се третираат како приватна сопственост

Порад ваквата ситуација со двете најважни функции Косово е во длабока институционална криза. Дополнително земјата има и проблеми во справувањето со корона-пандемијата: земјата е со месеци во карантин. Бројот на заразени и починати како последица на коронавирусот во некои периоди беше драматично висок. Здравствениот систем е преоптоварен, а народот незадоволен – што веројатно ќе има големо влијание на претстојните избори. 

Повеќе:

-Вечниот опозиционер Албин Курти повторно на прагот на власта

-Косово оди на предвремени избори

-Новата косовска влада- алатка за постигнување договор со Србија

Институционални кризи не се невообичаени за Косово. Од независноста во 2008 ниту една влада не останала на власт до крајот на мандатот. Но, актуелната криза е најтешка до сега во историјата на косовската држава, вели за ДВ Блерим Бурјани, политички аналитичар и експерт за уставни прашања. Тој ги обвинува политичките партии дека „со своите дела му наштетиле на духот на демократијата.“

„Партиите се третираат како приватна сопственост на партиските претседатели и луѓето околу нив,“ вели Бурјани. „Тие ја користат политиката како средство да добијат плата и други привилегии. Тоа го поткопува духот на демократијата.“

Фотографија: Jerry Lampen/ANP/picture-alliance

Уставниот експерт не негува многу надеж дека Косово и по новите избори конечно ќе застане на нозе: „Партиите се истите, а и проблемите исто така. Се трупаат без да се пронајде решение.“ Демократијата во Косово е во состојба на „целосна конфузија и несигурност“ поради начинот на кој политичарите се однесуваат кон државата.

Привремената претседателка Османи веќе започна разговори со претставниците на политичките партии околу терминот за нови избори. Тоа е пропишано во одлуката на Уставниот суд во која се вели: „Претседателот на Република Косово ги распишува изборите, кои не треба да се одржат подоцна од 40 дена од денот на нивното објавување.”

Опасност од државен банкрот

Во меѓувреме премиерот Авдулах Хоти на 22.12.2020 година нагласи дека неговата преодна влада тесно соработува со претставниците на останатите пратенички групи во косовскиот парламент за „парламентот во сегашниот состав да го изгласа буџетот за наредната година, како и да се одобрат одредени меѓународни договори поврзани со буџетот.“ Доколу ова не успее, според експертите ќе следи државен банкрот.

„Пред да се одржат нови избори, парламентот мора да го изгласа буџетот за да се избегне финансиски колапс,“ вели Сафет Герџалиу, поранешен претседател на Стопанската комора на Косово. Според него највисок приоритет на политиката во време на корона-пандемијата мора да биде да се обезбеди социјалниот и економскиот живот на Косово. Герџалиу апелира до политичките партии „да се соберат сите заедно и да ги остават личните интереси настрана.“

Фотографија: Office of the Kosovo president

Граѓаните имаат збор

Членовите на сегашната владина коалиција, ЛДК на Хоти, Алијансата за иднината на Косово (ААК), Социјалдемократската иницијатива, Српската листа и пратениците од останатите национални малцинства – најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на Уставниот суд и ќе се подготвуваат за нови избори.

И втората најголема опозициска сила во земјата по Самоопределување на Курти, Демократската партија на Косово (ПДК), ја поздравува одлуката на Уставниот суд. Актуелната владина коалиција „повеќе нема парламентарно мнозинство, поради што е блокирано нормалното функционирање на државните институции.“

И амбасадорот на ЕУ во Косово, Томаш Суњог, како и американската амбасада во Приштина, ги повикаа политичките партии и институции на Косово, да ја почитуваат одлуката на највисокиот суд. „Косовските власти мора да создадат услови граѓаните своите претставници да ги изберат на слободни, фер и мирни избори,“ се вели во соопштението на американската амбасада.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми