1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово посакува влада со „чисти раце“

2 февруари 2011

Во новиот состав на косовското Собрание има многу нови имиња. Меѓу нив и такви кои се под истрага, или обвинети за различни дела. Меѓународната заедница бара влада без такви луѓе, но прашање е дали тоа може да се случи.

Претседателот на Демократската партија на Косово, Хашим ТачиФотографија: dpa

Последниве денови голем број претставници на меѓународната заедница побараа во Косово да се формира влада со „чисти раце“, односно во новата влада да нема луѓе кои се под истрага или се обвинети. Авни Зогиани, директор на организацијата за борба против корупцијата „Ќоху“, вели дека таквото барање требало да биде константа и во изминатите 11 години, од кога меѓународните претставници се присутни во Косово, и дека истото би требало да важи и за Хашим Тачи.

„Доколку се земат предвид тие критериуми, тогаш мислам дека главниот кандидат за премиер не би требало да ја составува владата, затоа што е јасно дека по завршувањето на гласањето во Парламентарното Собрание на Советот на Европа за извештајот на Дик Марти, и преземањето на случајот од страна на Еулекс, и тој, како и многу други споменувани личности во Косово, е официјално под истрага“, вели Зогиани.

Тачи да си замине од функцијата

Самостојната либерална партија, која од српските политички субјекти освои најмногу гласови и има осум пратеници во парламентот, е подготвена повторно да влезе во коалиција со Демократската партија на Косово, додека носителот на „Единствената српска листа“ Рада Трајковиќ е против таа коалиција. Таа вели дека, кога станува збор за формирањето на владејачката коалиција, за неа не е прифатлив ни Тачи, ниту оние кои во извештајот на Марти се споменуваат како „Дреничка група“. Трајковиќ смета дека Тачи треба да си замине од премиерската функција заради доброто на државата.

„Навистина мислам дека Тачи би му олеснил на Косово, бидејќи во суштина, неговиот избор води кон заостанување на овој простор затоа што во перспектива ќе му биде многу тешко да остварува комуникација со земјите од европскиот континент. Во таа смисла, ќе бидат забавени и визната либерализација и инвестициите и приближувањето кон ЕУ. Така да, добро би било тој да стане свесен за својата одговорност кон Косово и да му ја препушти таа функција на некој друг“, смета Трајковиќ.

Фотографија: dpa

Политичкиот аналитичар Љеон Маљазогу вели дека на изборот на новата Влада, освен извештајот на Дик Марти, најмногу ќе влијаат малверзациите во текот на самите избори.

„Мислам дека нерегуларностите за време на изборите го ослабнаа кредибилитетот на владата и дека таа ќе биде многу слаба“, изјави Маљазогу.

Изборите беа одржани на 12 декември 2010, но поради бројните неправилности гласањето на повеќе места беше повторено. Затоа формирањето на новата влада се очекува дури во текот на овој месец.

Автор: Зулфија Јакупи / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми