1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: „Потфрлување на бебиситерите“

1 декември 2008

Ослободените агенти на БНД се вратија од Косово. Ослободување по силен притисок од германската влада и закани дека ќе ја запре финансиската помош за Косово? За германските весници темата и натаму е актуелна.

Еден од 3-та агенти на германската тајна служба БНД кога го напушта истражниот затвор.Фотографија: AP

„Според информациите со кои располага ’Ди велт онлајн‘, владата од петок навистина сериозно размислува да ја замрзне веќе ветената финансиска помош за Косово. Конечен став уште не е заземен. Сепак веќе има конкретни размислувања за кратење во одредени области. Во средиштето на таквите размислувања е одбранбената област. Таков чекор би бил тежок удар за Косово. Германија е втор најголем донатор, по САД. Од 1999-та година се префрлени 280 милиони евра како директна помош од Германија за Косово“, се вели во онлајн - изданието на весникот „Ди велт“.


„Зиддојче цајтунг“ во коментарот на настаните пишува:

„Така се случува, кога една ваква творба се признава за самостојна држава, си велат деновиве некои во Берлин со оглед на аферата со БНД на Косово. Германија беше меѓу првите земји, кои во февруари годинава ја прифатија независноста на некогашната српска покраина. Косово во перцепцијата на луѓето овде, одвај да игра некаква улога. По вжештените дебати околу признавањето, германската политика беше среќна што таа тема исчезна од насловите. Сопствената позиција - односно немањето таква - можеше да се прикрие зад ОН, НАТО или ЕУ. Сега одненадеж прашањето е повторно на дневен ред: Што правиме ние таму, всушност? Дали персоналот и парите се навистина разумно употребени? И овие аспекти мора да бидат разјаснети во претстојната обработка на операцијата на БНД. Независноста на Косово е неповратна. Затоа е дотолку поважно, порешително отколку досега да важат правилата за изградба на демократска држава“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.


Текстот објавен во „Франкфуртер рундшау“ носи наслов „Потфрлување на бебиситерите“.

„Институтот за европска политика зборува за Косово како за ’поликриминален мултифункционален простор‘. Описот наведува на размислување. Кој ја диктираше судбината на Косово во изминатите девет години? Тоа беа токму оние институции од странство, чии вработени ги полнат ресторантите во Приштина. И навистина на ниво на цивилно општетство има големи поплаки за помагачите од странство. Ги нарекуваат ’бебиситери‘, им префрлуваат дека се арогантни и ги означуваат како корумпирани. Долгите години на меѓународна управа придонесоа да се создаде една елита на моќ во земјата, за која ретко се слуша нешто добро, но која добро соработува со шефовите на институциите на поддржувачите.

Можеби треба да се преобмисли целиот систем на интервенција. На примерот на Косово се покажува дека едно општество не може да се изгради од западните центри на планирање. Странска поддршка за изградба на општество како косовското мора да има, но притоа се попотребни инвестиции, отколку нереални проекти. Веројатно, повеќе би постигнале кога би ги затвориле нашите бироа на Косово и наместо тоа би ги отвориле нашите граници. Притоа, стравот од увоз на криминал е без основа, оти криминалците и онака се веќе овде. Криминалец кој не може да си обезбеди виза, не е подобен за ништо и од него не произлегува голема опасност“, се вели покрај другото во текстот на Екарт Штратеншулте, раководител на Европската академија од Берлин, објавен во „Франкфуртер рундшау“.




Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми