1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Преку дијалог до подобри услови за Србите

Sime Nedevski17 август 2011

Продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина се очекува во септември, но официјално не се познати темите. Неофицијално, решение за спорот околу граничните премини би можеле да бидат два царински печати.

---

Познавачите на политичките состојби на Косоов имаат различни мислења за исходот од продолжението на дијалогот меѓу Белград и Приштина по полициската акција на северот и воведувањето реципрочни трговиски мерки кон Србија.

Ранѓел Нојкиќ претседател на косовскиот одбор на Српското движење за обнова е оптимист и очекува напредок во продолжението од дијалогот меѓу Приштина и Белград и покрај се’ што се случувало на северот на Косово во изминатите денови. Дали притоа повеќе ќе биде задоволна Приштина или Белград е посебно прашање, но тоа според Нојкиќ сигурно ќе води кон подобри животни услови за Србите во цело Косово.

„И јас всушност се залагам проблемот на Србите на северот да се решава заедно со проблемот на Србите во централно Косово и тоа да биде единствено решение. Мислам дека беше грешка на Белград кој во последниов временски период покажуваше поголем интерес за северно отколку за централно Косово“, вели Нојкиќ.

Србите во северно Косово повеќе денови имаа поставено барикади на пристапните патишта кон границата со СрбијаФотографија: DW

Продолжението на дијалогот без голема полза?

Од друга страна Агрон Бајрами, главен и одговорен уредник на весникот „Коха Диторе“ смета дека продолжението на дијалогот „нема да биде од голема корист“. Нема никаков суштински напредок во секојдневниот живот , иако е речено дека е постигнат договор за некои прашања: „Дијалогот го гледам повеќе како претстава која им е потребна на сите за да изгледаат убаво, но во суштина нема никакви позитивни придвижувања“, вели Бајрами.

Тој смета дека Владата во Приштина сега ќе биде во предност бидејќи „на виделина излезе се’ она што со години по војната се случувало на северот на Косово“, додека Нојкиќ верува дека во предност е меѓународната заедница „која има механизми до крај да го истера овој процес“ .

Различни мислења и за царинските печати

Бајрами и Нојкиќ имаат различни мислења и за идејата за воведување на два царински печати, при што на едниот би стоело „Царина на Косово“ или „ Царина Пеќ, Митровица , Приштина“ а на другиот „УНМИК- Косовска царинска служба“ или „ ЕУЛЕКС- Косовска царинска служба“ .

„Проблемот ќе се реши во Брисел со посредство на меѓународната заедница. Најверојатно ќе се најде некои оптимално и трето решение“, смета Нојкиќ. Според Бајрами сето ова е „игра на Белград за да не се постигне никаков договор“.

„ Не знам зошто на Белград би му сметал печатот кој Косово веќе го има. Дотолку повеќе што на него не стои ’Република Косово’, туку тоа е само печат на царината на Косово“, истакнува Бајрами.

Автор: Рефки Алија/ Симе Недевски

Редактор:Трајче Тосев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми