1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово слави годишнина од независноста-без влада

17 февруари 2011

Косово денеска одбележува три години од прогласувањето независност. Демократската партија на Косово на премиерот Тачи освои најголем број пратеници на изборите, но се соочи со големи проблеми во обидот да формира влада.

Излез од кризата, или нејзино продлабочување. фото: Хашим ТачиФотографија: picture alliance / dpa

Премиерот Хашим Тачи и неговата Демократска партија (ПДК), кои веќе се наоѓаат под голем притисок поради скандалот со трговијата со човечки органи, мораа да работат на компромис, за кој и самите, по изборите, велеа дека не е можен. Денеска, 17 февруари, кога се одбележува тригодишнината од независноста на земјата, јасно ќе биде дека вршителот на должноста Јакуп Красниќи нема да остане на чело на државата, туку на тоа место ќе дојде познатиот бизнисмен Беџет Пацоли. Красниќи тврдеше дека не е разочаран поради тоа што нема да биде кандидиран за претседател и покрај ветувањата од партијата.

„Не се чувствувам предаден. За време на коалициските разговори мораа да се прават компромиси и јас овојпат испаднав жртва на таквиот компромис“.

Но, Пацоли и неговата Алијанса за ново Косово (АКР) и покрај тоа што освоија само 8 од вкупно 120 пратенички места во новиот состав на парламентот, продолжуваат да се пазарат. Тоа им го овозможува развојот на состојбата по изборите. Поранешниот коалициски партнер на Тачи, Демократската лига на Косово, уште претходно сооопшти дека нема намера повторно да коалицира со него. Движењето „Самоопределување“, кое се наметна како трето по силина во парламентот со своите 14 пратеници, не доаѓа во предвид поради радикалната агенда за спојување на Косово и Албанија. Остана само Алијансата за иднината на Косово на Харадинај, која е жестоко спротивставена на Тачи.

Јакуп Красниќи вели дека не е разочаран што нема да ја добие претседателската функцијаФотографија: DW

Оттука, на актуелниот премиер му остана единствено опцијата да коалицира со Пацоли и со претставниците на малцинствата.

Затоа Тачи мораше да ги прифати условувањата на Пацоли, кој, пак, сега ги бара и клучните министерства во идната влада.

„Откако со Демократската партија се согласивме дека нам треба да ни припадне местото претседател на државата, сега останува уште само да ги распоредиме министерските места“, изјави Ибрахим Маколи од Алијансата на Пацоли.

Претседателот „русофил“, првата дама Русинка

Претставниците на меѓународната заедница во Косово велат дека не сакаат да се мешаат во формирањето на новата влада.

„Развојот на настаните го одредуваат единствено косовските политички партии и утврдената процедура за избор на челни луѓе на институциите. Меѓународната цивилна мисија не сака да се меша во изборот на новата влада“, вели портпаролот на мисијата во Косово, Енди МекГуфи.

Беџет Пацоли е критикуван во Приштина дека е „русофил“Фотографија: DW

Во меѓувреме, во јавноста се јавуваат многу недоумици во врска со идниот претседател Пацоли. Многумина во него гледаат „русофил“, поради тоа што своето огромно богатство го заработил во Русија и Казахстан и во минатото важеше за близок пријател на поранешниот руски претседател Борис Јелцин. Омилена тема на медиумите во Косово е и неговата сопруга, Марија Пацоли, инаку родена Русинка. „Дали Русинка е вистинскиот избор за прва дама на Косово?“, се прашуваат приштинските медиуми.

Новата влада нема долго да издржи

Но, најважната дилема, сепак е колку долго ќе издржи новата коалиција на Тачи и Пацоли со тенкото мнозинство од само 63 пратеници во 120-члениот парламент. Аналитичарите прогнозираат: не многу.

„Според моите анализи, Тачи во неговиот втор мандат ќе се соочи со многу силна опозиција и со голем број наталожени проблеми. Нема да издржи подолго од шест месеци или една година. Потоа во Косово ќе имаме нови избори“, вели аналитичарот Халил Матоши.

Новата косовска влада стои пред тешки проблеми. Очајната економска состојба и претстојните преговори со Србија се на врвот на агендата. А, првиот тест за новата коалиција е веќе на 21. февруари, кога е закажано конституирањето на новиот парламент.

Автор: Бахри Цани/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми