1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово слави една година од независноста

Фабијан Шмит16 февруари 2009

Косово е последната држава наследничка на поранешна Југославија, што стекна самостојност. Косово беше и покраината каде почна распадот на Југославија. Една година самостојност - успех за Европа?

Претседателот Фатмир Сејдиу ја потпишува декларацијата за независност на Косово во парламентотФотографија: AP

„Со тоа што им одаваме почит на сите мажи и жени, кои поднесоа поголеми жртви од нас за Косово, ние, демократски избраните претставници на Косово, го прогласуваме за независна и демократска држава!“ Со овие свечени зборови актуелниот премиер на Косово, Хашим Тачи, ја прогласи независноста на 17 февруари 2008.

Ова беше завршницата на процесот што започна дваесет години претходно - исто на Косово. Во тоа време имаше протести на Србите на Косово, што тогашниот шеф на владеачката партија во Србија, Слободан Милошевиќ, ги искористи за популистички пароли и предизвикување омраза кон албанското население во покраината. Сето се случуваше на одбележувањето на 600 годишнината од Косовската битка, во која тогашните српски великодостојници биле поразени од Турците Османлии. Веќе следната година, Милошевиќ ја укина автономијата на Косово како една од двете покраини покрај шесте републики во поранешна федеративна Југославија. Тоа беше решавачкиот импулс за засилување на стремежите кон независност во сите републики на тогашната државна творба. Почна војната прво во Словенија, па потоа во Хрватска, па во Босна и Хецерговина.

Политика на ненасилство на Балканот

Косовските Албанци во тоа време одреагираа со создавање паралелни државни структури, на чие чело застана демократски избраниот претседател на владата во сенка, Ибрахим Ругова. Тој на режимот во Белград со години му се спротиставуваше со ненасилен отпор. Бројните меѓународни обиди за посредување и за подобрување на животните услови на Албанците во Косово останаа без успех.

Припадници на УЧК стрелаат плотун во чест на загинат соборец во 1999 годинаФотографија: AP

Девет години подоцна ненасилното движење на отпорот на Ругова го прегази историјата. Од подземјето изникна до тогаш непознатата вооружена група на отпорот под името Ослободителна војска на Косово, УЧК. Во 1998-та таа почна да води герилска војна против српската војска и растеше од ден на ден.

Ситуацијата брзо ескалираше

Меѓународната заедница, која се’ уште добро се сеќаваше на крвавите настани во Босна и Херцеговина, прво испрати мисија на ОБСЕ во Косово. Кога се намножија индициите за кршење на човековите права и за масовни протерувања на Албанците, беа свикани меѓународните преговори во францускиот дворец Рамбује. Тие пропаднаа и во 1999 почна војната против српската армија, што ја предводеа НАТО силите. Во јуни истата година српските и генералите на НАТО во Куманово го потпишаа договорот за мир, со кој беше отворен патот за создавање нов поредок. Обновата на Косово под надзор на НАТО и ООН можеше да почне.

Дворецот Рамбује во близината на Париз, каде се водеа преговорите во февруари 1999 годинаФотографија: AP

Завршница на процесот

Кон крајот на 2007 година, по цела година интензивни, но безуспешни преговори меѓу Белград и Приштина, посредникот на ОН, Марти Ахтисари поднесе предлог за „надгледувана независност“ на Косово. Тој содржеше и устав, со кој на српското малцинство на Косово му се даваат широки права, влијание врз општествениот живот и заштита на културните посебности. Функцијата на набљудувач на косовската независност требаше да и’ припадне на европската мисија ЕУЛЕКС, која требаше да ја замени мисијата на ОН, УНМИК. Но, Србија го отфрли планот, а на денот на прогласување на независноста претседателот Борис Тадиќ порача: “„Српската држава ќе преземе одговорни чекори и ќе стори се’ што е во нејзина моќ за да ја поништи еднострано прогласената независност на Косово. Србија нема никогаш да ја признае независноста на Косово!

Српскиот претседател Борис ТадиќФотографија: Nicole Maskus

Дипломатската војна продолжи

Србија и Русија, како нејзина заштитничка, сметаат дека планот на Ахтисари ја крши резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Таа пак беше основата за доаѓањето на меѓународните сили на НАТО во мисијата КФОР и мисијата на ОН, УНМИК. Наспроти ваквата аргументација, Германија беше меѓу првите земји кои ја признаа независноста на Косово:

„Околу карактерот на оваа резолуција во меѓувреме има различни толкувања меѓу Русија и другите членки на Советот за безбедност, но за нас Косово е посебен случај, кој не може да се споредува со другите случаи, што се спомнуваат во тој контекст“ - порача канцеларката Ангела Меркел, одговарајќи на опомените од Русија дека независноста на Косово ќе предизвика домино ефект во цела Европа и пошироко.

Канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

Спори промени

Независноста на Косово ја признаа вкупно 54 држави членки на ОН, меѓу нив и 22 од вкупно 27-те членки на ЕУ, како и сите од групата седум најразвиени земји на светот Г7. Русија напротив, во Советот за безбедност инсистираше на важењето на резолуцијата 1244 и не дозволи европската мисија ЕУЛЕКС комплетно да го замени УНМИК. Така ЕУЛЕКС сега му е и понатаму подреден на УНМИК.

Сепак, има и некои индиции, што можеби укажуваат дека реалната политика почнува да се пробива и во редовите на српските политичари. Така претседателот Тадиќ неодамна изјави дека Србија и понатаму го отфрла признавањето на независноста на Косово, но затоа нема да се противи на неговото членство во меѓународните организации. Тоа, пак, за Косово е од голема важност, бидејќи би можело да добие финансиска и развојна помош од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, доколку стане нивен член.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми