1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово увезува стоки преку Солун и Драч

22 јули 2011

Царината на Косово ја спроведува владината одлука за ембарго на стока како реципрочна мерка бидејќи официјален Белград не ги признава косовските царински печати. Во Приштина велат-ќе увезуваат стоки преку други земји.

Фотографија: DW/B.Shehu

Српските компании својите производи ќе ги извезуваат во Косово преку Македонија, пишуваат денеска косовските медиуми, откако Приштина воведе забрана за увоз на српски производи во земјата. Медиумите во Приштина наведуваат дека речиси сите поголеми српски компании имаат свои претставништва во Македонија, и во иднина преку нив ќе го организираат извозот во Косово, за да го избегнат ембаргото.

Властите во БиХ, пак, најавија дека ќе се жалат до органите на ЦЕФТА на одлуката на косовските власти да го забранат увозот од оваа земја. Проблемот, според официјално Сараево, настанал тогаш кога властите во Косово, наместо печатот на УНМИК, почнале да користат ознаки на Република Косово, што за нив е неприфатливо, бидејќи БиХ не ја признала независноста на новата држава.

Косовските бизнисмени ја поддржуваат одлуката

Бизнисмените и сопственици на мегамаркети како Рамиз Кељменди бараат „економијата на Косово да не биде толку зависна од која било држава, па ни од Србија“.

„Треба да се идентификуваат најчестите производи кои ги увезуваме, почнувајќи од маслото за јадење, шеќерот, брашното, пченицата... Од тие производи треба да се симне царината од европските и останатите земји и да се минимализира влијанието на Србија врз државата Косово“.

Потсетувајќи дека Косово „од Србија годишно увезува стока и до 500 милиони евра, што значи на тој начин последните години во Србија се вложени пет милијарди евра“, Сафет Грџалиу, претседател на Стопанската комора на Косово порачува дека „нема место за паника“.

Парламентот во ПриштинаФотографија: DW/A.Beqiraj

„Денеска дистанците во светот се многу мали. Тука ни е пристаништтео во Драч, Солун е блиску, сите тие производи можеме брзо да ги замениме. Имаме спогодби со четериесетина стопански комори ширум Европа и сите се подготвени да ни помогнат и да ја достават бараната стока“.

Трајковиќ: Приштина едвај дочека изговор

На сето ова Рада Трајковиќ, пратеник во косовскиот парламент вели дека „Приштина едвај дочекала повод или причина да воведе ембарго на стоката од Србија зашто во Косово постои навика да се решава со насилни методи“.

Трајковиќ која е претседател на организацијата „Европско движење на Србите“, оценува дека „Косово е далеку од визна либерализација и дека Приштина смета дека не добива ништо со преговорите, па како и могупати досега, решила своите привилегии да ги оствари со притисоци“.

„На овој начин овојпат сакаат да ја натераат ЕУ да вети визна либерализација. Затоа едвај дочекаа крај на преговорите за да го промовираат тоа. Инаку, слободата на движење на луѓе и стоки е една од главните вредности на ЕУ“.

Граѓаните со различни реакции

Граѓаните на Косово, кои најмногу го почувствуваа ембаргото на увоз на стоки од Србија, различо реагираат на мерките на официјална Приштина. Зависно од националната припадност го прифаќаат или отфрлуваат ембаргото, плашејќи се дека ќе дојде до недостиг на одредени производи, зголемување на цените и натамошно влошување на животниот стандард.

Автор: Рефки Алија/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми