1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово ја дели партијата на Мило Ѓукановиќ

2 јануари 2010

Се чинеше дека воспоставувањето на дипломатските одоси со Приштина за официјална Подгорица е само прашање на ден. Но, ситуацијата се компликува во самиот државен врв и во владејачката партија - со неизвесни последици.

Фотографија: AP

Претставниците на црногорската влада ја уверуваа јавноста дека воспоставувањето на дипломатските односи со Приштина ќе биде направено во договор со Брисел во момент кога тоа најмалку може да ги загрози едваj нормализираните односи со Белград. Но, се покажа дека размената на амбасадори со Косово е едно од оние прашања на кои суштински се прекршува иднината на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС).

Ѓукановиќ - Роќен контра Вујановиќ - Маровиќ

Намерата за испраќање дипломатски претставник во Приштина доведе до создавање два табора во врвот на ДПС. На една страна се лидерот на партијата и црногорски премиер Мило Ѓукановиќ и шефот на дипломатијата и член на претседателството на партијата Милан Роќен, а на другата се црногорскиот претседател Филип Вујановиќ и вице-премиерот Светозар Маровиќ, кои се потпретседатели на ДПС. Тие сметаат дека Црна Гора не треба да воспоставува дипломатски односи со Косово се додека Меѓународниот суд на правдата во Хаг не донесе одлука за тужбата на Србија за легалноста на прогласената независност на Косово.

За ваквиот став, Вујановиќ и Маровиќ, речиси е извесно имаат и поддршка од третиот потпретседател на партијата Жељко Штурановиќ, како и на повеќето опозициски партии, Српската Православна Црква во Црна Гора и на Црногорската демократска партија на Косово. Тие истотака велат дека Црна Гота би требало да биде подготвена да ја преиспита својата одлука за признавање на Косово, доколку Судот во Хаг донесе одлука дека прогласената независност на Косово била нелегелна.

Спор околу наследникот на Ѓукановиќ

Мило ЃукановиќФотографија: picture-alliance/ dpa

Клуч на несогласувањата во ДПС се чини лежи во фактот дека потпретседателите на партијата се противат на намерата на Ѓукановиќ за свој наследник на чело на владата и на партијата да го именува актуелниот вицепремиер и министер за финансии, 33- годишниот Игор Лукшиќ. Констатирајќи дека одлуката на Подгорица за испраќање на амбасадори во Приштина е условена со членството во НАТО, уредникот на независниот неделник „Монитор“ Весељко Копривица вели дека отворениот судир во врвот на владејачката партија веројатно ќе биде разрешен на наредниот конгрес на ДПС, кој како што се очекува ќе биде одржан наредната година.

„Тој судир не е од понов датум и тој квартет не се согласува и по други, а не само околу прашањето за испраќање на амбасадор на Црна Гора на Косово. Мислам дека односот на силите е таков што Ѓукановиќ и Роќен наскоро ќе објават дека отвораат црногорска амбасада во Приштина“, оценува Копривица.

Инаку веќе се објавени и имињата на амбасадорите. Дипломатското претставништво на Црна Гора во Приштина ќе го води поранешниот генерален директор на Радио-Телевизија Црна Гора, Радован Милјаниќ додека според најавите од Приштина , косовски амбасадор во Подгорица би требало да биде некогашниот комунистички функционер Азем Власи.

Автор: Мустафа Цанка/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми